Архиепископ Антониј (Голинскиј-Михајловски)

monah.prozor.jpgВерата и знаењето, религијата и науката се неразделни една од друга, но не се неидентични: имаат сосема различни цели, соодветствуваат на различни интереси на човековиот дух и на потребите на земниот живот. 
Христијанинот размислува за предметот на својата вера, знае во што верува и за што размислува. Христијанинот нема да се откаже од својата вера, макар што одредени нејзини категории не се совпаѓаат со некои научни гледишта. Христијанинот разбира дека секоја догма е предмет на вера, а не на знаење, дека сите догми не му се достапни на човековото поимање. Кога догмата ќе стане премногу разбирлива, се јавува сомнеж дека во содржината на догмата има нешто вметнато, дека во догмата не се содржи само Божествената длабочина. Доколку би било можно да се објаснат чудата, само по себе е разбирливо дека од нив не би останало ништо чудесно. Затоа ние христијаните веруваме дека чудото е натприродна појава којашто не подлежи на научна анализа и објаснување.  
Христијанските вистини ни се дарувани или од Самиот Бог, или преку избрани луѓе. Тие се содржат во Светото Предание, во одлуките на Собирите и во делата на светите отци. Вистините на христијанската вера се апсолутни, вечни. Ние не можеме ништо ниту да им додадеме, ниту да им одземеме, ниту да ги усовршиме или да ги дополниме. Православната Црква не го дели ставот на западните богослови дека христијанството, слично на другите сфери на човековата дејност, може да се развива па дури и да се менува. Ние, православните христијани, велиме дека богооткриените вистини се вечни, непроменливи и апсолутни. Ние можеме да го разложиме пченичното зрно на неговите составни делови, да ги набљудуваме и да ги спознаеме. Но, за онаа внатрешна енергија, за онаа животна сила која мора да е присутна во зрното и благодарение на која тоа зрно може да расте и да дава нови зрна, не можеме да кажеме дека е видлив елемент. Но, и без да ја видиме, признаваме дека внатрешната енергија на зрното навистина постои – скриена во секое семе. Ние знаеме дека постои разум во човекот, макар што и него не можеме да го видиме.
Верата, како основа на религијата, претставува психолошки факт, но таа не е лишена и од философски елемент. Св. Климент Александриски сметал дека философијата е дело на Божествената Промисла. Таа им била нужна на образованите древни пагани за да се раководат во правдата, таа била водителка на образованите Елини кон Христа, зашто ја претставувала вистината, макар и замаглено, нецелосно, делумно. Св. Всилиј Велики велел дека во философското учење е присутна сенка на откриените вистини, отсликување на светлината на Христовата вистина – слично на отсликувањето на сонцето во водата. Тој посочил на пчелите коишто собираат мед од различни цветови, дури и од отровни. На сличен начин треба да расудуваме и ние, христијаните.
Меѓутоа, противречностите меѓу христијанската вера и научното сознание се длабоки. Разидувањата може да се објаснат со фактот дека православната вера и науката се стремат кон сосема различни цели. Христијанската вера за свој предмет ја има сферата на духот. Таа се занимава со изучувањето и со откривањето на вистината и на оние појави и состојби кои ì се својствени на човечката душа. Не постојат само физички процеси, туку и психолошки, духовни, коишто непобитно се реални. Тоа, всушност, е онаа чисто духовна сфера којашто толку длабоко и сестрано ја изучувале светите отци и подвижници. Сознанијата до кои тие дошле имаат мошне големо практично значење, и претставуваат основа за христијанската теологија. 
Основната цел на христијанството, пред сè, е изградба на Царството Божјо на земјата, царство коешто не е од овој свет, преку остварување на Христовите заповеди во услови на земен живот. Ако некој христијанин во текот на својот живот го достигне исполнувањето на овие заповеди и ако тој, истовремено, е и голем научен работник – за него веќе не постојат противрешностите меѓу верата и знаењето, меѓу христијанската религија и науката. Логичката мисла [според својата суштина] е и богоносна. Апсолутното знаење е вистината за смислата на светот. Вистината е акт на апсолутното сознание. Историјата на минатите векови и на сегашното време сведочи дека научници-верници, коишто со своите важни откритија дале голем придонес за човештвото и коишто истовремено му останале верни на христијанството, ги имало многу, ги има и денес ... и ќе ги има и во иднина. Научниците-христијани во своите откритија ја гледале возвишената премудрост на Семоќниот Творец, и никакви научни сознанија не раѓале во нивните срца и во нивните умови противречности меѓу знаењето и верата, макар што им било јасно дека вистини на христијанската вера, коишто тие ги прифатиле, не можат да се докажат. 
Вдахновен од Светиот Дух, христијанинот ги цени, ги сака и ги чува вистините на православната вера и со помош на силата на верата – разбира. Христијанинот ја чувствува духовната сладост од сознанието дека владее со апсолутни, вечни вистини [како единствен скапоцен камен], спасителни за него (в. Матеј 13:45).

„Барајте го најнапред Царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33)
Пред многу години научниците тврделе дека атомот е неделив. Денес за науката не претставува проблем да ги разлага атомите на составни делови. Исправени се голем број слични заблуди. Ќе настапи време кога науката и христијанската религија ќе се соединат. Науката располага со семожни достигнувања и откритија, стекнати со усилбите на човештвото, а христијанската православна религија ги чува вечните вистини, дадени од Бога. Ако во некој временски период меѓу науката и религијата дојде до несогласување, тоа воопшто не значи дека, со многубројни идни откритија на науката, тие несогласувања ќе исчезнат. „Пророштвата (предзнаењето) ќе престанат; знаењето – ќе исчезне“ (в. 1 Коринтјаните 13:8)
Сиот свет се наоѓа во постојан процес на промени. Материјата во него постојано ја менува формата: ништо во природата не останува непроменето. Вистината е нешто што е вечно, бесконечно. Науката се занимава со она што може да се измери или изброи, но само конечното може да се измери или да се изброи. Со бесконечното не може да се завладее. Ние не сме во состојба дури ни да си ја претставиме бесконечноста. Христијанската религија учи дека Бог е бесконечен, но науката ја отфрла таа вистина од проста причина што ние не можеме да ја достигнеме бесконечноста.  
Науката не е апсолутна вистина, туку само барање на вистината. Космичкото устројство до падот во грев било сосема поинакво од денешното. Во него дејствувале закони на природата коишто биле сосема различни од законите коишто денес ги откриваме преку резултатите од научните експерименти. На научниците не им се познати повеќето од формите на постоечката космичка енергија, поради ограниченоста на научните знаења за животот, а исто така и од несовршенството на нашите пет сетила. Уште не се пронајдени методи и реагенси за откривање на она што им е недостапно на нашите сетила, и затоа нема никаква основа да се отфрла вистината што ни е дадена од Бога, само затоа што таа не може емпириски да се докаже.   
Ние сме сведоци на огромни достигнувања на науката и не можеме да негираме дека во иднина, како резултат на нови и нови откритија, ќе бидат пронајдени нови форми на постоење на материјата или нови видови енергија, и тоа такви суптилни форми за кои ќе мора да се зборува како за полуматеријални реалности. Самиот поим за полуматеријалноста во себе веќе ќе содржи признание и на нематеријалното. Тогаш ќе може научно да се потврди религиозната вистина дека, освен материјата, постои и чисто духовен принцип. 
Христијанската религија го гради своето учење на Божественото откровение; науката се заснива на изучувањето на природата. Природно е дека, поради различни задачи и методи, меѓу религијата и науката – површно гледано – постојат разномислија, но тие, по својата суштина, не си противречат едни на други. Научните податоци коишто досега се собрани, и кои во иднина ќе бидат добиени со заеднички напори на човечкиот ум, ќе содејствуваат во посакуваното приближување на науката и на религијата. Силата на знаењето и верата за најголема полза на човекот во неговиот труд и спасение се дадени од Бога.   
Срцето го чувствува Бога, а не разумот. На срцето му е својствено спознанието на живата реалност, што е спротивно на знаењето стекнато со помош на разумот – на интелектуалноста и на рационализмот. Христос сведочи дека срцето е орган на восприемањето на добрите и на злите намери. Преку чистотата на срцето христијанскиот мислител го гледа Бога и сета Негова правда. „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога“ (Матеј 5:8). Како што органот за гледање може да се извалка и да ја изгуби способноста да ја види светлината, така и органот со кој се восприема Бог – срцето, добрата совест – може да се онечисти и веќе да не го восприема Бога, полнотата на постоењето – вечнопостоечкиот Божји живот.
Достигнувањата на науката, којашто ја изучува природата, научните заклучоци и откритија придонесуваат за познанието на Св. Троица и на Неговата Премудрост дури и тогаш кога научниците го одрекуваат постоењето на Бога. Науката се обидува да ги пренесе мислите на Создателот на човечки јазик. Науката сè уште е многу млада, таа знае мошне малку. Односот на она што е изучено од страна на науката, и она што не е изучено е бескрајно мала дропка. Можно ли е човек да ја опфати со знаење сета Вселена, којашто во себе крие уште неброено многу неоткриени појави?
Нема основа да се мисли дека меѓу науката и христијанската религија за навек ќе постои противречност. Големиот научник Ломоносов имал негативно мислење за оние научници коишто науката ì ја спротиставувале на религијата. Во својот дневник тој напишал дека меѓу науката и религијата не може да постои антагонизам, како што не може да постои антагонизам меѓу математиката и граматиката. Ломоносов напишал и две оди за утринско и за вечерно величење на Бога. Голем број научници верувале во Бога.  
Науката не докажала и нема да може да докаже дека Бог не постои. Не постои научен светоглед, научна философија којашто ја докажала невозможноста на постоењето на Бог. Од православна гледна точка, во рамките на науката не може да се оформи природно учење за нужното. Во рамките на науката не може да се оформи учење за суштото. Овој недостаток го пополнува големата христијанска религија, којашто ги чува големите духовни вистини, восприемани со срцето и со умот, коишто имаат морална примена во животот на човекот и на човештвото. Научниците, интелигенцијата, работниците, селаните – сите се поделиле и се делат на оние што веруваат и на оние што не веруваат во Бога. Но, изворниот принцип на сите и на сè е – религијата.  
Вистинската православна религија не претендира да се меша во земните економски, политички и стопански работи. Исус Христос рекол: „Кој Ме поставил ... да ве делам“ (Лука 12:14); „Дајте го ќесаревото на ќесарот“ (Лука 20:25). Но, исто така, реколи и „Не пречете им (на децата) да доаѓаат при Мене“ (Матеј 19:14); „Царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17:21); „„Барајте го најнапред Царството на Бога и Неговата правда“ ... Со слободна волја човекот – како слободно битие – може да се одвои од изворот на животот [Бога], од полнотата на постоењето, и во тоа одвојување постои безгранична мака – вечна духовна смрт. Тоа е премин о дживот во смрт, од полнотата на постоењето во непостоење (в. Откровение, 21:7-8). Човек отпаднат од Бога е бесконечна, вечна смрт.  
Исус Христос е патот кон вистинската слобода, братство и еднаквост, кон полнотата на постоењето. Оние што не живеат во Исус Христос, со добра совест, коишто не ги почитуваат Неговите Евангелски заповеди за љубовта спрема Бога и спрема ближните, ќе бидат фрлени во темнина надворешна, апсолутно туѓа на Христа Бога, туѓа на вечниот живот во општење со Бога и со сите разумни битија.. Според учењето на Исус Христос, Бог се воплотил во светот, а разумното човештво мора слободно, доброволно да ì се приклучи на Божествената полнота на животот. Бог е живот. Смртта е отуѓување од Бога. Бог е љубов којашто го исполнува животот. Доброволната смрт на Исус Христос за сиот човечки род повторно ја воспоставила врската на човештвото со Бога, со вечниот живот во Бога. Богочовекот Исус Христос го води светот кон полнота [на животот], кон вечна радост во Бога – преку борба со гревовите и со страстите и со лошите помисли. „Јас Сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене“ (Јован 14:6)
Амин.
"Духовный Собеседник"  1(41) • 2005 год

подготви: д- р   Драган Михајловиќ