Доц.. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје на Светската Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог:

ВЕРСКИТЕ ЛИДЕРИ СЕ ОД КЛУЧНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ

 

Денес без сомнение, верата игра релативна улога во современите политички, економски, воени и геостратешки светски процеси, религијата како значаен општествен и политички фактор е услов sine qua non скоро за сите сериозни општествени кругови во светот. Модерното општество во своето битие е секуларно, тоа го манифестира своето организирање како институција/држава врз основа на принципите на секуларизмот и лаицизмот, но од друга страна се појавува религијата, која исто така го манифестира своето влијание.

Во согласно со концептот и моделот на граѓанската демократска државна конституција, религијата го надминува своето инфериорно позиционирање во полето на приватната сфера и преминува во позиција на влијание во рамки на државната континуираност и структуираност. Односно, таа го аргументира својот тренд на ревитализација и зголемување на влијанието во државата како соодветен модел и конкуретски концепт на оној секуларниот. Значи, религиско верската парадигма на уредувањето и регулирањето на општествените односи не треба да се разбира како цел која води кон тоталното контролирање на државата и регулирање на севкупните општествени односи, туку таа своите потенцијали може да ги реализира парцијално во одредените општествени сегменти.

Политичарите мора да го водат и да го промовираат овој процес. Тоа мора да биде еден од императивите на Балканот. Ако не успеат политичарите, се јавува опасност воинствените елементи во општеството да манипулираат со традицијата, културата и религијата и да ги искористат како алатки во обид да се нападнат "другите", мислејќи на другите етнички групи или малцинствата. Кога се проценува опасност од идни конфликти, сигурно е важно сериозно да се земе идејата дека конфликтите може да се случат точно меѓу групи и нации од различни култури. Затоа е многу важно да се има предвид основната премиса: "Нема мир меѓу нациите ако нема мир меѓу религиите".

Како што кажал Мирча Елијаде „Без религија историјата на човековото општество е само пепел„.
Зошто Дијалогот меѓу цивилизациите е корисен пристап за разгледување на мирот и безбедноста во Југоисточна Европа мора да се осврнеме на четири причини: Прво, дијалогот е соодветен и неопходен одговор на идејата за неизбежен судир на цивилизациите. Како таков, тој обезбедува корисен контекст за унапредување на соработката наместо конфликтите. Второ, тој помага да се навратиме на подлабоките, древните корени на културите и цивилизациите за да откриеме што ги обединувало луѓето од овој регион преку нивните граници и да ни покаже дека минатото може да ни го одбележи патот кон единството еднакво како и кон непријателството. Трето, Дијалогот може да им помогне на луѓето од сите етнички групи да ја забележат улогата на културата и цивилизацијата во современите конфликти и така да ги разликуваат пропагандата и лажната историја од вистинските причини за војна. Тоа е лесен пат кон мир и безбедност. Четврто, сфаќањето на различноста како закана беше суштина на судирите меѓу етничките групи на Балканот, кои беа засновани врз претпоставката дека различноста е закана!

Исламски фундаментализам


Научните знаења кои ги имаме за односот на религијата со политика треба критички да се анализираат, како и да се разберат можните последици на религијата кон политиката, во светот и кај нас. Затоа треба да се потенцира дека во политичките процеси може да дојде до злоупотреба на религијата од разни општествени субјекти за остварување на нивните политички цели.
Исламот како религиски систем и неговите аспекти се центрaлно место на овој осврт, а посебно ќе се нагласи неговата улога во меѓународните односи и интеграции.
Кога во исламот се говори за темата фундаментализам, потребно е нужно проучување на современиот ислам, посебно набљудување на „поострите„ општествени и политички рефлексии.
Како главни причини за појавата на фундаментализмот се oдредуваат економските и политичките фактори. Во економските фактори влегува големата економска разлика помеѓу богатите и сиромашните, општествената неправда, лошата социјална политика и слично. Дел од овие економски фактори се причина многу лесно да се индоктринираат младите генерации за превземање на активности како што е исламскиот фундаментализам. Зад користењето на поимот исламски фундаментализам денес се прекриваат конкретни цели кои главно се од материјална природа (природните ресурси и енергенси). Тука се мисли и на политичката моќ, односно инструментализација на верата за остварување на политички цели.

Точката во која се случува манипулирање со изворниот концепт на џихадот е неговото поврзување со организации и движења кои користат милитантни, насилни и воени средства, односно манипулативното користење на изворниот концепт на џихадот со намера да се оформи некаква исламска политичка основа на тактивите активности.
Интересирањето на јавноста за прашањето на односот на исламот и теророт е резултат на хантингтонската теза за нужниот судир на цивилизациите. Денес мора јасно да се определи дали тероризмот и неговите извршители се резултат на исламот, или се само една екстремна појава, штета дури и за самиот ислам.
    Во денешното излагање ќе спомена одредени резултати од истражувањето на тинк тенк организацијата Аналитика која ја истражуваше појавата на насилен екстремизам во Република Македонија.
Со вжестувањето на војната во Сирија дојде до зголемување на бројот на странски борци од Европа во периодот ОД 2012 год. До денес па и теоретичарите и практичарите започнаа да предупредуваат на можни реперкусии врз општествениот поредок кога странските борци ќе се вратат дома.

Верските лидери се од клучно значење за справување со насилен екстремизам бидејќи честопати тие се луѓе на кои им се верува и имаат прифатлив статус во заедниците, како во правец на односите во заедницата, така и во однос на нивното физичко присуство, и можат да советуваат и да го поддржуваат развојот на соодветни иницијативи за справување со насилен екстремизам. Тие, исто така, можат да препорачаат веродостојни соговорници кои можат да учествуваат во нив. Поради тоа е важно за верските водачи да бидат активно вклучени во нивните заедници и да шират контранарации. Верските лидери исто така треба да работат со институциите на развојот на соодветни стратегии за контра-радикализација. Во оваа фаза, важно е да државните институции ја признаат важноста на соработката со верските водачи во соодветните заедници.
Денес нужна е потребата од стратешки пристап кон зајакнување на умерените ставови преку кревање на јавната свест и досегање до муслиманската заедница во Македонија, а во исто време да се работи на ресоцијализација на поранешните странски борци.

Еден од најголемите предизвици со појавата на странските борци е што да се прави со овие лица кога тие ќе одлучат да се вратат дома. Стравувањата дека овие лица претставуваат закана за општеството пораснаа по нападите спроведени од страна на поранешни странски борци, како што беше нападот врз еврејскиот музеј во Брисел на 24-ти мај 2014 година, спроведен од страна на Французин кој мина една година борејќи се во Сирија.  

Процесот на ресоцијализација и реинтеграциоја нуди алтернативна опција за оние лица кои не можат да бидат кривично гонети, но сеуште се сметаат за опасност да бидат насилни екстремисти. Покрај тоа овој процес е важен не само за луѓето кои не можат да бидат кривично гонети, туку и за луѓето кои се осудени на затворска казна. Овие лица може да се обидат да ги шират своите насилни идеи во затворот, и сеуште можат да претставуваат закана кога тие на крајот го напуштаат затворот. Во овој момент во Македонија не постои активна програма за ресоцијализација и реинтеграција на странските борци кои се вратија или ќе се вратат во иднина.

Каде завршува исламот, а од каде почнува исламизацијата?


Во изминатиот период се виде дека на територијата на Балканот многу групи од  верскиот радикализам и од криминалното поднебје интензивно комуницираат и имаат интеракција меѓу себе. Тоа претставува еден вид, ризик и опасност за Република Македонија и за регионот. Најнова појава на ризик се каналите на илегална миграција кои што од кризните региони доагаат по територијален коридор низ Балканот. Меѓу тие мигранти имаме луѓе кои се верско радикални и екстремно криминални. Република Македонија само е транзитен коридор со што се изразува одреден ризик по стабилноста на земјата.


Денес најголем проблем на Балканот е регионалната стабилност и соработка која соодветно не се следи. Секоја држава самостојно си ги регулира своите ризици. Отсуствува заедничко идентификување на регионалните опасности.

На територијата на Западен Балкан неопходен е Центар кој ќе се занимава со асиметричните закани. На пример потребен е контратерористички Центар на Балканот кој ќе ги контролира сите активности на милитантните борци кои земаат учество во глобалниот џихад во Сирија, кои потоа се враќаат на Балканот со цел да регрутираат лица и пак се враќаат на боиштето.
Националниот систем на третирање на заканите и ризиците се соочува со еден голем предизвик, односно во третирањето кон лицата кои учествуваат на боишта на туѓа територија. Инаку во делот на идентификување на закани од индивидуален карактер на територијата на Балканот има екстремни групации со радикална реторика, меѓутоа тие немаат капацитет да претставуваат закана за поширокиот регион на Балканот. Додека верско радикални структурални организирани форми постојат кои говорат сроден словенски јазик и албански јазик. Воедно загрижува бројот кој преминуваат во друга религија, прифаќајќи ја исламската вероисповед и тие се најчесто најрадикални. Има недостаток во идентификувањето на ризиците и опасностите не само во Република Македонија, туку отсуствуваат и програми на  дерадикализација и контра радикализација. Иако на територијата на Балканот живее доминанто муслиманско население, отсуствува меѓу институциите на системот, создавање на стратегија за третирање на лицата кои преминале во други религии и се радикализирале и треба да се направат напори да се вратат назад и се социјално третираат.

Инаку сериозен безбедносен проблем во Република Македонија претставува и интеркомуникацијата во затворските установи. Во моментов отсуствува контрола и следење на активностите на лицата кои од различен карактер доаѓат до заедничко поминување на времето во извршување на казната на затвор во КПД Идризово каде имало одредено зајакнување на една структура во одреден период од една до две години  и добро се поставувале и може заради тоа да претставуваат сериозен проблем утре. Во моментов во Република Македонија, според проценките на некои од соговорниците од безбедносната заедница во затворите има  над 30 тина лица со добри криминални профили кои внатре заедно отслужуваат казни затвор кои се синхронизираат и немаат друг избор освен да бидат криминални и радикални во своето натамошно делување. Системот не предвидува  програми за нивна ресоцијализација што претставува проблем за државата и нејзините граѓани.


Република Македонија има 33 проценти муслиманско население со што ја прави ранлива во делот на идентификување на ризикот. Исламската верска заедница нема капацитети да спроведе програма за дерадикализација и контрарадикализација кои може да спроведат само припадници кои се подготвени. За жал во институциите кои следат радикални структури се припадници на спротивна религија (христијанска вероисповед) што ги прави неподготвени за третирање на тие структури. Во наредниот период значајно прашање ќе се отвори каде завршува исламот, а од каде почнува исламизацијата. Дали исламизацијата ќе биде предмет на интерес на националната безбедност? Во наредниот период ќе се постави како значајно прашање за анализа од  официјален Брисел и националниот систем за безбедност оценија соговорниците од извршната власт. Тука кога ќе се земат во предвид формите на интерес од катарски, турски, саудиски и ирански интерес преку отворање на амбасади што претставува сериозен индикатор другите кон нас да гледаат поинаку и да бидеме безбедносно ризични.

 

Заклучок

На крајот ќе завршам со предлог мерки кои произелгоа од граѓанскиот сектор о кои сметам треба да бидет спроведени со цел да се пресретне насилниот екстремизам.
Примената на комплексни образовни, економски и безбедносни мерки и активности со цел кревање на јавната свест и отпор кон мотивирачките фактори и алатки кои поттикнуваат радикализација;
Развој и спроведување на проекти за дерадикализација на веќе радикализирани поединци како и проекти зарехабилитација/реинтеграција на поранешни терористи
Преземање мерки за спречување на радикализација во затворите.


Кревање на свестта на граѓаните и приватниот сектор во борбата против тероризмот и промовирање на толеранција и јавно разбирање на сите видови тероризам;
Насилниот екстремизам е глобален феномен и како таков тоа е закана не само за Македонија, туку и за другите земји од Западен Балкан и Европа. Поради глобалната природа на феноменот, не е возможно за една земја да го реши сама. Затоа од суштинско значење е за да са има цврста соработка за ова прашање, особено меѓу земјите од Западен Балкан. Охрабрувачки е тоа што владите од регионот го сфатија ова и работат на подобрување на соработката, кога станува збор за прашања на справувањето со насилен екстремизам.
На крајот треба да се потенцира мултиетничката средина на Балканот што во блиското минато било повод за одреден конфликти. Од тоа треба да извлечеме цврста лекција и да истакнеме дека регионалната соработка е во интерес на интеграциите, и е најсериозната алтернатива за регионот да биде стабилен и да биде просперитетен. Состојбата во Македонија тесто е поврзана со случувањата во регионот и сите случувања имаат рефлекс врз неа.

 

Битола, 3-ти ноември 2016 год.

Преминпортал