(21.03.2015 19:50)

Децата ги воспитуваме, главно, по принципот: таков е редот, таков е обичајот...

Сепак, сѐ што е усвоено со тек на времето, не е секогаш и паметно.

Ќе се осудам да доведам во прашање една – како што би се рекло – неоспорна вистина: треба ли така упорно, како што тоа го правиме, да ги учиме децата на ФОРМАЛНА учтивост?

Ќе признаете: ретко ни е нешто толку одбивно како учтив, а всушност, бесчувствителен човек. Зашто добро чувствуваме: само надворешната култура не е доволна. Потребна е, и тоа како, и внатрешна култура.

Но, не сите сфаќаат дека тие два вида култура, иако се именуваат со ист термин, според својата природа се сосем различни појави. Надворешната култура е само збир на навики на учтиво однесување. Во основата на внатрешната култура, пак, лежи нешто духовно што може да се нарече „смисла за сочувствување“. Надворешните навики се всадуваат, а духовните способности се развиваат. Тоа што е полезно за создавање надворешни навики, понекогаш може да биде штетно за развивање на духовните способности. Но, да наведеме еден пример! Сте отишле на гости кај некои познаници и на малиот сте му однеле подарок. „Како се вели?“, строго потсетува мама. „Благодарам“, промрморува детето. И изговарајќи го тој збор, малиот како да ја откачил работата со гостинот. На неговото лице не се одразува ниту насмевка ниту радост. Кај него може некако да се всади навика за учтивост, но слухот за сочувствителност затупува. После многу слични постапки, од овие драгоцени природни особини нема да остане ни трага. Мене, пак, ми се чини дека детето кое се навикнува на формална учтивост не може да развие сочувствителност. Ако предвреме ги навикнуваме децата со зборови да изразуваат чувства што сѐ уште не ги доживуваат, тие чувства можеме засекогаш да ги загушиме во нив. Зошто, на пример, го тераме детето да каже „благодарам“? Најчесто, само за да покажеме пред луѓето колку ни е „воспитано“ детето. Вежбањето во надворешната учтивост само личи на воспитување. Меѓутоа, вистинското воспитување доаѓа дури тогаш кога ќе успееме на детето да му придадеме барем една капка духовност.

Како да се развие слух на сочувствителност, срдечност, искреност? Задачата е каде-каде посложена од просто совладување на зборовите: „благодарам“, „повелете“ или „молам“. Внимателност кон другиот, чувството за другиот – тоа е вистински услов за развивање на слух за сочувствителност, срдечност, искреност...

За да го научиме детето да има чувство за другиот, потребно е во и него да го прифатиме другиот.

Каков пример гледа детето од своите први денови?

Пред него е секогаш личност (и тоа толку авторитативна – мама!) што постојано се жали на нешто: уморна е, потребна ѝ е помош, не може сама да го земе напрстокот, не се стеснува секоја минута за нешто да замолува... значи – си размислува детето – и јас исто така можам да се жалам, да ги заморувам другите, и ако ме боли нешто, на цел глас да викам дека ме боли. Тогаш и мама нека страда малку заради мене! Во такво семејство детето никогаш нема да сфати дека жалењето пред оние што те сакаат не е чесно. Не ги заморувај другите, не им го загорчувај животот со своите несреќи – по можност – снајди се сам! Таква лекција мораме со пример да даваме ние возрасните.

Не го заморувај другиот, туку настојувај да го израдуваш.

Често, првата семејна грижа е кому и што ќе му подариме. Една мајка ми зборуваше за своите деца: „Се трудам да ги научам да даваат, а сами ќе научат да примаат!“ И навистина, нејзината четиригодишна ќерка не оди на гости без подарок: мама успеала малата да почне да чувствува радост бидејќи по нешто подарува, радоста на давањето, и истовремено да се радува на туѓата радост.

Во нашите вообичаени претстави чувствителен е оној човек кој, пред сѐ, е чувствителен на туѓата болка. Така, во нашиот јазик постојат зборовите „соучество“, „сострадување“, „сожалување“. Меѓутоа, зборот „со-страдување“ не постои. Толку би сакале почесто да го слушаме она сочувствителното: „Баш ти се радувам“. Или: „Се радувам на твојот успех“. Да го научиме детето да се радува за другите, несебично да се радува, не споредувајќи ги туѓите успеси со своите неуспеси.

Ако ќерката раскаже како во одделението се појавила одлична ученичка, мајката би требало да се израдува на непознатото девојче, а не веднаш да побрза со прекор: „Ете, гледаш, а ти?“ Мораме да постапуваме повнимателно. Меѓутоа, укажувајќи на убавиот пример на неговите врсници, во нашето дете често не поттикнуваме желба за последување, туку токму – завист.

Воспитувањето на слухот за срдечност и сочувствителност бара тишина. Тука воопшто нема место за вревата. На пример, татко и син, првоодделенче, се наближуваат кон домот и таткото предупредува: „Нема да ѕвониме, мајка ти е болна. Сами ќе отклучиме“. Извонредна лекција... Но, таткото сѐ уште не ни завршил како што треба, а синот веќе го притиснал ѕвончето. И тогаш врисок: „Па, кому му зборувам, идиоту еден!?“ Таму каде што е доволно на човек да му биде жал, нема потреба од лутина. За едно воспитано дете е доволно едвај забележливото чудење во гласот на постариот: „Што се случува со тебе, мил мој!?“ Кога родителите мора да упатат прекор, да изнесуваат забелешки и да го осудуваат детето, значи, воспитувањето добило опасен тон. Детето со слухот на својата сочувствителност би требало да насети неодобрување и жал кај постарите. А кога таа лутина ќе се преточи во зборови, прекори, укори и викање, тогаш тој слух сѐ повеќе затапува. Ако денес нешто сум му приговорил на детето, утре ќе морам уште подолго да му приговарам. И секој ден тоа сѐ послабо ќе ме слуша. Тогаш, после педагошките серии: „Што ти е? Нели ме слушаш? Глув ли си? Кому му зборувам? Разбираш ли македонски?“, неминовно ќе следат физички: шамар, тупаница, каиш, и така сѐ до малолетничките канцеларии во полиција. Детето кај кое не е развиван и кај кого затаил слухот за сочувствителност е речиси невозможно да се воспитува.

По расштиманиот клавир може да се удира со тупаница. Но, ниту еден инструмент на светот од тоа не добил почист звук.  

Непријатно е да се слушне како едно дете постојано суди и ги осудува другите, па дури и возрасните. Ако детето зборува лошо за гостинот, ние настојуваме да го поправиме. Но, секоја вечер семејството гледа ТВ програма, емисија по емисија и почнува: де овој глумец е лош, де овој пеач се повторува, и сѐ во таа смисла. Таа секојдневна вечерна школа на озборување – тоа е кошмарно вежбање во бесчувствителност. Без самите да забележиме, на децата им дозволуваме и тие да судат и да расправаат за возрасните без смисла и сожалување. И не само што им дозволуваме туку им даваме и пример! А после тоа од детето ќе бараме: „Не го навредувај учителот! Учителот секогаш е во право!“ Како да не го навредува учителот кога може да навредува сѐ друго? Покрај тоа, таткото и мајката доаѓаат на ред за озборување уште пред учителот. Не ни се допаѓа ТВ емисијата? Го исклучуваме телевизорот поради некоја причина! А што се однесува до гостите, сигурно не ги викаме на гости за после, откако ќе си заминат, да ги оценуваме и озборуваме?

Да ги научиме децата да ги љубат луѓето, а не да судат за нив!

Значи, слухот за сочувствителност, срдечност и искреност не е онаа вообичаена формална и извежбана учтивост. Повторувам, тоа е чисто духовна, морална особина.

Надарете го детето со слух за сочувствителност, тоа е најдоброто што родителите може да го направат за неговата среќа.

Што се однесува до правилата за учтивост, штом ќе порасне, детето со развиена сочувствителност бргу и лесно ќе ги совлада и нив, според примерот на своите постари. Таквиот човек, до последниот момент од својот живот, дури и прикован за постела, ќе се грижи премногу да не ги заморува дури и лекарите и роднините, и да не им задава главоболки.

Прифаќајќи го животот на ближните длабоко во својата душа, луѓето што имаат чувство за доброто на другите постојано ќе се напојуваат со вистински живот.

Симон Соловејчик

руски педагог и социјален философ

Извор: МОЦ-ОА