логоFacebookTwitterYouTubeeMail

д-р Александар Александрович Михаљченко
лекар-гинеколог на Републиканскиот центар
за планирање на семејството и репродуктологија, Минск

      


        
“Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери,   
зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор,
додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата
најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.”

(Мат. 23: 25-26)

                       
Во средствата за масовно и специјално медицинско информирање интензивно се разгледува проблемот на “планирањето на семејството”. Комитетот на експертите (1970) утврди дека

“Планирањето на семејството ги подразбира сите видови дејности кои им помагаат на поединците или на брачните двојки да постигнат определени цели:
- да ја одбегнат несаканата бременост;
- да придонесат кон раѓањето на саканите деца;
- да се регулираат интервалите меѓу бременостите;
- да се контролира изборот на времето за раѓање дете во зависност од возраста на родителите;
- да се определи бројот на децата во семејството.
Видовите услуги кои ја овозможуваат оваа програма се следниве:
- санитарно просветување и консултирање во врска со прашањата на планирањето на семејството;
- просветување за прашањата на сексот, мајчинството и татковството (семејство и брак);
- обезбедување контрацептивни средства;
- лекување на неплодноста;
- консултации за прашањето на наследноста и бракот;
- организација на соодветни служби и преземање мерки.”

Сите шест видови услуги подразбираат власт на некоја надворешна сила која ќе просветува, ќе консултира, ќе обезбедува, ќе лекува и ќе организира. Веќе постои и програма. Таа има мотивација, цел и задачи. Ако исполнувањето на програмата бара создавање нови организациски структури, извори на материјална поддршка и, најпрвин, тотално наметнување преку “просветување” и “консултирање”, тогаш е јасно дека нејзината мотивација, цел и задачи им противречат на интересите на семејството, а семејните принципи му пречат на исполнувањето на програмата.


  Текстов е од зборникот на научни трудови “Црквата и медицината на прагот на третото илјадалетие” чиј превод наскоро ќе излезе од печат.

Секој вид дејност во “планирањето на семејството” е одделна тема, меѓутоа една од нив се изделува посебно. Тоа е лекувањето на неплодноста. Неплодноста и нејзиното лекување им се познати на луѓето илјадници години. Исцелението на праотецот Авраам и на жена му Сара и послужило на славата Божја. Што, пак, предлага и за што служи лекувањето на неплодноста во програмата за планирање на семејството?
Разработени се т.н. нови репродуктивни технологии (НРТ, а тоа се, всушност, методи за помошна репродукција): вештачка инсеминација со семето на сопругот или на донатор, вонтелесно оплодување (ВТО), пренос на половите клетки пред нивното слевање (гамети) или на јајцеклетките по оплодувањето (зигот) во каналот и во матката, сурогат-мајчинство, оплодување “во епрувета” со помош на микроманипулациска техника (на пример, инјектирање сперматозоид во јајцеклетката) и некои други. Поради многуликоста на методите не е можно сега да се задржиме на секој од нив подробно и затоа техничките детали што не се важни за основната тема ќе бидат изоставени.
Рекламниот аргумент на новите репродуктивни технологии изгледа мошне привлечно: “Методите на НРТ се појавија како одговор на горливиот проблем на неплодноста во бракот”; “Денес во светот од неплодност страдаат 15-20 насто брачни двојки. Бездетноста стана не само медицински, туку и голем општествен проблем кој мошне негативно влијае врз институцијата на современото семејство” 1.
Прв метод беше вештачката инсеминација. Кај некои форми на неплодност семето на сопругот или на донаторот се внесува во половите патишта на жената минувајќи ги бариерите погубни за него. При ова може да í се помогне како на жената (ако средината на вулвата или слузта во каналот на грлото на матката ги парализира или ги убива сперматозоидите), така и на мажот (кога содржината на сперматозоидите во семената течност е мала, може постепено да се собираат од неколку порции, зачувувајќи ги замрзнати, и да í се внесе на жената концентратот што ќе се добие по специјалната обработка).
Нареден чекор беше оплодувањето надвор од телото - вонтелесното оплодување (ВТО). При овој метод женската полова клетка се добива непосредно од фоликулот на јајникот, се соединува со семето на сопругот или на донаторот во вештачки услови, а потоа се всадува во половите патишта на жената. Отпрвин јајцеклетката се добивала за време на лапароскопијата, т.е. непосредно под контрола на очите. Денес се добива со контрола на ултразвук. Благодарение на преносот на зародишот во матката, можно е да се лекува неплодноста кај оние жени кај кои се сметала за ненадминлива - кога нема туби на матката или кога се тие целосно непроодни. А жени со таков проблем има многу. Ако се земе предвид зголеменото распространување на современите инфекции и тешкотиите на нивното лекување, тогаш може да се очекува уште поголем број жени со ваков проблем.
Оплодувањето “во епрувета” им дозволува да станат мајки дури и на оние жени чија неплодност била апсолутна - ако немале матка. Вакви состојби може да бидат вродени или здобиени - ако жената остане без матка при операција поради некакво заболување. Зародишот кој се формира од половите клетки на пациентката и на сопругот се всадува во матката на друга жена - “сурогат-мајка”. И обратно, ако жената има матка, но нема јајници, таа може да доноси и да роди дете кое ќе се зачне од оплодувањето на јајцеклетката на друга жена со сперматозоидите на сопругот. На крајот, можност да родат добија и жените чија способност за раѓање е згасната поради возраста. Кај нив може да се обнови функцијата на матката и да се всади туѓ зародиш.
Развојот на микроманипулациската техника овозможи сперматозоидот да се внесе директно во јајцеклетката. Сега татковци може да станат и мажите порано неподатливи за лекување, кои наместо неколку десетици милиони здрави и активни сперматозоиди на секој милилитар семена течност, имаат само неколку слаби и неподвижни. На оние во чија течност воопшто нема сперматозоиди, им се прави пункција на половите жлезди, каде што понекогаш може да се најдат ретки сперматозоиди.
Постои можност за контрола на јајцеклетката или на зародишот при присуство на вродени заболувања. Ако се открие дека јајцеклетката има дефект во своите хромозоми, може да се исклучи од процедурата на оплодувањето.
Значи, на еден или на друг начин може да се надмине неплодноста практично кај сите брачни двојки. Постигнат е пробив кај многувековниот и остар проблем на неплодноста. Според еден податок, со помошта на методите на НРТ во светот веќе се родиле околу 150.000 деца. На 18 март 1996 година во Минск се родија првите деца (близнаци) во ЗНД зачнати како резултат на микроинјекција на сперматозоиди во јајцеклетката. Во Москва, првпат во ЗНД, жена во постменопауза (57-годишна, 10 години по менопаузата) роди дете со ооцити на донатор. Во Санкт Петербург, првпат во ЗНД, се родија деца (близнаци) како резултат на реализацијата на програмата на сурогат-мајчинството. Овде исто така првпат е исполнета правната процедура за предавање на децата од мајката-сурогат на генетската 2. Ако земеме предвид дека интензивните истражувања во областа на новите репродуктивни технологии продолжуваат, тогаш се отвораат навистина “сјајни” перспективи.
Но што ќе видиме кога ќе помине заслепеноста од овој “сјај”? Разработката на новите репродуктивни технологии на човекот се заснова врз голем број експерименти, при што е невозможно сите опити да се спроведуваат врз животните. За развојот на НРТ е неизбежно да се спроведуваат експерименти врз половите клетки и зародишите на човекот. Црквата учи дека зародишот има бесмртна душа од моментот на зачетокот и дека од тој момент станува вистински човек. Затоа спроведувањето експерименти врз него е возможно само надвор од Црквата и во спротивност со нејзиното учење. А самата област и објектот на истражувањето веднаш го исправаат научникот пред избор: вера во Бога или неверие.
За да се оправдаат експериментите врз човекот и целиот систем на НРТ, се докажува дека ембрионот станува човек дури по 14-тиот ден од развојот. Се предлага до 14-тиот ден зародишот на човекот да не се нарекува ембрион, туку предембрион.
За да се роди едно дете по природен пат неопходно е да созрее и да се оплоди една јајцеклетка. При ВТО веројатноста да се роди макар и едно дете директно зависи од количеството ембриони пренесени во матката, така што ограничувањето на нивниот број на помалку од 3 ја намалува честотата на настапувањето на бременоста 3, 4. За да се добие неопходното количество јајцеклетки, првин се спроведува тотално прекинување на природните регулаторни системи, а потоа вештачка надстимулација на јајниците. Како резултат на тоа, специјалистите што ја извршуваат процедурата на помошната репродукција често добиваат в раце “излишни” ембриони, т.е. поголем број зачетоци отколку што треба да се пренесат во матката. Што да се прави со нив ако имплантација веќе не се планира? Може да се продадат, или да се прават експерименти со нив, или да се уништат, или да се искористи нивното ткиво за пресадување 1, 12. Поради ова се разгледува прашањето за правото на искористување на човечките предембриони за научно-истражувачки цели (се разбира, и “за благосостојбата на човечката раса”) 1. Со оваа благосостојба се оправдува мислењето дека ембрионите на човекот може да бидат “жртвувани” од страна на нивните “сопственици” заради истражување, а забраната за искористување на ембрионите и нивните одделни органи може да се укине за зародишите чиј вонутробен живот е невозможен, на пример за аненцефалите. Меѓутоа, дури и кога се признаваат за луѓе здравите зародиши постари од 14 дена, не им се дава право на преживување. Откако ќе се пренесат во матката неколку зародиши, настанува повеќеплодна бременост, чие носење е ризично 4. Затоа при бременост од 7-8 недели се врши процедура која се нарекува со еден убав научен збор “редукција”, а всушност станува збор за убиство на “прекубројните” зародиши во матката. Редукцијата се врши со ултразвук со помош на игла која се внесува во срцето на зародишот. Ја извршуваат истите раце кои го поттикнале зачетокот. Кој ќе живее, кој ќе умре - специјалистот по ВТО избира по своја желба набљудувајќи ја сликата на екранот. Еден-два ембриона остануваат да живеат, но до самото раѓање тие се развиваат веќе среде гробиштата на своите браќа и сестри. Во брошурата за неплодните сопружници, која беше издадена во 1995 година, привлечно се опишуваат методите на НРТ, но зборот “редукција” не се ни споменува 7. “Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.” (Мат. 23: 27-28).
Голем број морални и правни прашања предизвика замрзнувањето (криоконзервацијата) на ембрионите. Криоконзервираните ембриони на човекот може неопределено долго да се чуваат, по желба да се одбира времето на нивниот внесување во матката, да се пренесуваат на поголеми растојанија и да се продаваат заради пресадување на други неплодни жени. И покрај законската забрана за продавање на ембрионите, која постои во многу држави, повремено се појавуваат информации за зделки од таков тип. Нови проблеми настануваат кога брачната двојка ќе се откаже од имплантација, при развод на бракот или во случај на смрт на едниот или на двајцата сопружници пред преносот на криоконзервираните ембриони. Имаше случај кога богати “сопственици” на замрзнати ембриони, т.е. идните родители загинаа во сообраќајна несреќа. Нивните наследници се судрија со проблемот: што да се прави со ембрионите? Дали да се сметаат за наследници или не? Да се изврши имплантација или да се продолжи конзервацијата 1?
Постои извештај за еден судски процес во Њујорк поради уништувањето на криоконзервираните ембриони во еден центар без согласност на сопствениците (брачна двојка). Судот го осудил раководителот на центарот да им плати отштета на сопружниците за причинета морална штета.
Сложена ситуација настанува во случај на развод на сопствениците на ембрионите. Во државата Тенеси една жена решила да си ги имплантира криоконзервираните ембриони без оглед на противењето на поранешниот сопруг. Тој го тужел лекарот бидејќи, според неговото мислење, му била нарушена слободата на изборот да биде или да не биде татко.
Уште посложен проблем е донаторството на полови клетки и ембриони. Дали да им се соопштат на децата што ќе се родат како резултат на донација на гамети или зиготи податоци за биолошките родители? При анонимно донаторство теоретски е можно да се обединат во брачна двојка потомци на еден донатор (т.е. брат и сестра). Анкетата на самите донатори покажува дека, на пример, 70 насто претпочитаат анонимна донација, а 60 насто се искажуваат за тоа во иднина да имаат можност за контакт со своето потомство. Некои донатори им оставаат “посланија” на своите идни биолошки деца со право да ги отворат кога ќе бидат полнолетни.
Реципиентките на сперма обично сакаат да имаат што поцелосна информација за донаторот и дури сакаат лично да се запознаат со него. Поинакви резултати биле добиени при анализата на донацијата на јајцеклетки. Се покажало дека 96 насто реципиентки претпочитаат да не ги познаваат своите донаторки. Притоа, 27 насто жени се чувствувале како да се “натпреваруваат” со донаторката, ја чувствувале нејзината “предност”. Во текот на првите 3 месеци од бременоста на реципиентките им се чинело дека “плодот не е нивни”. Ваквото чувство се појавувало и по породувањето, но исчезнувало во секојдневниот контакт со детето.
Мошне сложени етички и правни проблеми предизвика сурогат-мајчинството.
На пример, 1 насто од сурогат-мајките го раскинуваат договорот со брачната двојка и одбиваат да им го дадат детето на правните родители. Во случаи кога сурогат-мајката го продолжува половиот живот за време на преносот и по него, не е јасно дали бременоста навистина настанала како резултат на преносот на ембрионите. Опишан е случај кога сурогат-мајка родила болно дете. Сопружниците-”нарачатели” се откажале од него, а подоцнежната анализа на крвните групи и другите тестови покажале дека детето навистина не е нивно, туку на сурогат-мајката и на нејзиниот партнер. Сложени проблеми настануваат и ако за време на бременоста сурогат-мајката не се придржува кон режимот и детето се раѓа болно, дури и ако патологијата кај него се развива независно од тоа (како последица на генетски, еколошки или други фактори). Постоењето на сурогат-мајчинство предизвикува најголеми протести од страна на општеството.
Методите на НРТ се мешаат во основните поими за семејството. Правни и биолошки родители, донатори, сурогат-мајки - сево ова го разурнува семејството. Во едно семејство може одеднаш да влезат 5 родители: правните татко и мајка, донаторот на спермата (биолошкиот татко), донаторот на јајцеклетката (биолошката мајка) и сурогат-мајката. При криоконзервацијата на неколку ембриони и нивното постепено искористување близнаците може да бидат со различна возраст. Можни се ситуации (кај бременоста на повозрасни жени) кога внуците ќе бидат постари од децата итн. Сето ова дозволува да се рече дека применувањето на методите на помошната репродукција ја изопачува и ја разурнува природата на семејството. Во програмата на помошната репродукција почнаа да се вклучуваат претставници на сексуалните малцинства. Од јануари 1992 година до јануари 1995 година во Московскиот центар со ВТО методот на донаторство на јајцеклетки било спроведено лекување (покрај другите) на 4 луѓе со мешана форма на дисгенезија на гонадите и со кариотип 46 ЏЅ, т.е. на генетски мажи 11.
Широката примена на методите на НРТ може да доведе до манипулирање на човековата природа: изборот на полот, на наследните и надворешните признаци, појава на повозрасни родилки и мајки, дури и на поодминати години итн. Има податок, на пример, дека жена на 57 години, која веќе имала две нормални породувања на 25 и на 37 години, се подложила на методот на НРТ за да има дете во вториот брак. Било спроведено всадување на зародиш од донатор и жената ја доносила бременоста до рокот на нормалните породувања 9.
Како и секое сериозно мешање во човечкиот организам, така и процедурата на ВТО е опасна. Компликациите се релативно ретки, но се јавуваат на сите етапи. Кон нив се однесуваат: синдромот на хиперстимулација на јајниците и развој на тумори на јајниците и на млечните жлезди во подоцнежниот период. Во 75-85% случаи рак на јајниците се открива во ИИИ-ИВ стадиум и веројатноста за преживување не е поголема од половина година, без оглед на лекувањето. За време на добивањето на јајцеклетките компликации настануваат при анестезијата, при создавањето пневмоперитонеум и при внесувањето на троакарот ; најтешка хируршка компликација е крвавењето на магистралните садови. Опишани се смртни исходи од него. Исто така се опишани и перфорација на желудникот и на другите органи во стомачната празнина, а и инфективни компликации поврзани со добивањето јајцеклетки, инфекции предизвикани од заразувањето на културалната средина, ектопички и хетеротопички бремености.
Бременостите што настануваат како резултат на ВТО се карактеризираат со висока честота на компликации, крвавења во првото и второто тримесечие, токсикација на бремените, застој на растот на плодот и мала тежина на новородените. Има податок дека тежината на новородените по ВТО со еден плод или со двојки е значително помала отколку кај популацијата. Честотата на царските резови е значително повисока - околу 40-50% (кај популацијата за оптимална честота на царски рез се сметаат 10%) 3, 5, 6. Дури и во случај на успешно оплодување и доносување, пред и во текот на бременоста жената е изложена на интензивен медицински третман, што не може да не влијае штетно врз неа самата и врз нејзиното потомство.
За илустрација може да ја наведеме историјата на првото сурогат-мајчинство во ЗНД. Жена на 26 г., имала 5 бремености, првите 4 ги прекинувала со намерни абортуси, на 23 г. се обидела да роди, но на 36-37 недела се појавиле компликации поврзани со положбата на плацентата. Извршен е царски рез, детето умрело еден ден по породувањето. Во постоперативниот период настанал дифузен перитонит, поради што повторно е отворана стомачната празнина и е извршена надвагинална ампутација на матката. Сурогат-мајката е 23-годишна, блиска пријателка, не била бремена, нема гинеколошки и соматски заболувања. На ултразвучниот преглед се утврдени полицистично променети јајници. Добиени се 3 ооцити, сите се оплодени, настапила бременост со близнаци. Жената поднесла: двојна бременост со ризик за недоносување, хоспитализација поради тоа 5 пати во текот на бременоста; интензивен медицински третман пред и за време на бременоста; во 13-тата недела шиење на грлото на матката поради нејзината млитавост; на 30-тата недела анемија; повеќекратни ултразвучни прегледи и истражувања на крвта. Во 35-тата недела од бременоста пукнал водењакот при отсуство на подготвеност за породување и во интерес на децата е извршен царски рез. Се родиле две девојчиња. Од првиот ден се на вештачка исхрана. Освен ова, сурогат-мајката морала да го издржи негативниот однос на медицинскиот персонал кој знаел дека таа не носи и не раѓа деца за себе и потпишува дека се откажува од родените деца во корист на генетските родители. За сопрузите на двете жени не се соопштува ништо 8.
Областа на применувањето на методите на НРТ се раширува. Продолжуваат и истражувањата врз луѓето. За карактерот на овие истражувања во печатот не се соопштува непосредно, но може да се добие претстава според препораките на експертската комисија која се занимава со етичките прашања на ВТО:
1. Истражувањата на човечките ембриони се неопходни, зашто со експериментите врз животните не може секогаш да се добијат одговори на прашањата што го засегаат човекот. Се забранува да се употребуваат за истражувачки цели човечки ембриони постари од 14-тиот ден од внатрешноутробниот развој. Специјална “продукција” на ембриони за истражувачки цели и за нивна продажба се забранува.
2. Зародиши врз кои се спроведувале какви било манипулации заради истражувачки цели не смее да се имплантираат во матката.
3. Не се дозволуваат (со исклучок на целите на генотерапијата) истражувања насочени кон промена на генетската структура на половите клетки и на ембрионите на човекот, образување химери со други клетки и избор на ембриони според полот заради негово менување.
4. Се забранува оплодување на човечки јајцеклетки со сперматозоиди на животни и пренесување на човечки ембриони во матка на животно. При оплодување на ооцити на животните со човечки сперматозоиди се забранува да се продолжува развојот на зиготите подоцна од првата делба на раздробувањето.
5. Траењето на криоконзервацијата на половите клетки и на човечките ембриони, а и нивната понатамошна судбина се определуваат само со согласност на нивните “сопственици”.
Комитетот по медицинска етика на Шпанија ги дополнува овие препораки, посебно со забраната за индукција на партеногенезата во човечките јајцеклетки.
Може да се напишат многу препораки и закони за ограничување на експериментите врз ембрионите, но луѓето кои не застанаа пред редукцијата (“за доброто на човекот”), нема да застанат ни пред експериментите (“за доброто на човештвото”). Познатата заклетва на Хипократ покажува дека дури и во паганските времиња луѓето биле свесни дека мешањето во внатреутробниот живот е злосторство и дека лекарот носи одговорност за тоа. Дејноста на специјалистите по НРТ не само што ги нарушува илјадагодишните принципи на лекарската практика, туку и нив самите ги доведува до тоа да не се доживуваат себеси како лекари. Дури и зборот “лекар” обично се заменува со “специјалист”.
О.Шпигелберг пред 135 години напишал дека: “Породувањето е чин што се состои од определена низа процеси кои почнуваат со зачнувањето и завршуваат со донесување ново суштество на светот”, а акушерството и гинекологијата претставуваат учење за половиот живот на жената воопшто (на современ јазик - за нејзината репродуктивна функција) 13. Специјалистот по НРТ во 1995 год. пишува: “Луѓето што му се целосно посветени на проблемот на лекувањето на неплодноста, на прашањето за нивната специјалност не знаат што да одговорат - тие како веќе да не се гинеколози, и често навистина се негинеколози, иако традиционалната претстава за поимите неплодност - плод - акушер-гинеколог сî уште спонтано ја поврзува репродуктологијата со гинекологијата” 14. Лекарите продолжуваат да ја лекуваат неплодноста, и паралелно во ЗНД со ова се занимаваат специјалисти школувани на чикашкиот Институт за репродуктивна генетика.
Првин позатскриено, а сега отворено се формира јавното мнение и се структурираат законодавниот, здравствениот и системот на општествените институции во согласност со НРТ. Беше спроведено испитување на мнението кај населението и кај специјалистите за НРТ. Православни од верниците беа 90,4%, а вкупно верници околу 20% од испитаниците.
Од 65 до 84% (во зависност од групата на испитаниците) сметаат дека е неопходно да се прекине бременоста ако се открие некаков недостаток што може да доведе до смрт или до инвалидност.
Од 53 до 63% сметаат дека за тоа треба да решат родителите.
Методот на ВТО за прифатлив го сметаат од 85,8 до 89,1% од испитаниците.
“Сурогат-мајчинството” за прифатливо го сметаат од 49,5 до 60,7% (најмалку - луѓе со нарушена репродуктивна функција, најмногу - лекарите и биолозите).
Вештачката инсеминација со сперма од сопругот ја одобруваат од 59,6 до 82,1%.
Вештачката инсеминација со сперма од донатор - од 57,7 до 78,2%.
Репродуктивните технологии ги претпочитаат од 51,6 до 57,6%, а посвојувањето - од 16,4% до 24,2% (најмалку - луѓе со нарушена репродуктивна функција).
За чување на тајната на раѓањето од 11,9% (- луѓе со нарушена репродуктивна функција) до 57,1% (лекарите и биолозите).
Определување на возраста за стапување во брак според “традициите на општеството” од 5,9 до 9,3% (најмногу - лекарите и биолозите) 10.
“Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави - нема ништо ново под сонцето. И ако за нешто се рече: “Види, ете, тоа е ново”; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас” (Проп. 1:9,10). И “во вековите што биле пред нас” луѓето му придавале големо значење на здравјето, на семејството и на воспитанието на децата. На сето тоа учи и Црквата, како во Светото Писмо на Стариот и на Новиот Завет, во Светото Предание, преку Апостолите и Отците на Црквата, така и со самото воспитание и живот во христијанска средина. Точно пред 900 години Владимир Мономах напишал (неговото “Поучение” влегло во “Повеста на минливите години”  во 1096 г.): “ Од лагата чувај се, и од пијанството и блудот, зашто од нив и душата настрадува, и телото. Каде и да одиш на патот по земјите свои, не дај им пакости на децата да прават, ни на своите ни на туѓите, за да не почнат да ве колнат”.
Од средината на ЏВИ век потекнува до денес познатата “Книга, наречена Домострој, во која има нешта мошне полезни, поука и казна за секој христијанин, маж, и жена, и чедо, и раб, и рабиња” . Таа содржи детално разработени правила за однесување, за воспитување и за секојдневно живеење, а исто и за организирање на домаќинството. Во првиот дел станува збор “за духовното устројување”, во вториот - “за световното устројување “, а во третиот - “за устројувањето на домот”. Читателот го учат “Како Царот и кнезот да ги почитуваш...”, “Како домот свој да го украсиш со свети ликови и дом чист да имаш”, “Како децата свои да ги воспиташ на секаква казна и страв од Бога”. И одново читаме: “...чувајте и одржувајте ја чистотата телесна и од секаков грев таткото чедата свои, како зеницата на окото и како душата своја. Ако нешто децата згрешат поради небрежноста на таткото и мајката, тие за гревовите ќе одговараат на денот на Страшниот Суд”.
Животот според Божјиот Закон ги правел луѓето навистина слободни. “Тогаш Исус им говореше на Јудејците што беа поверувале во Него: “Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.” Му рекоа: “Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: 'Ќе бидете слободни!'“ Исус им одговори: “Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот” (Јован 8: 31-34).
Раширувањето на современото планирање на семејството стана можно не толку поради техничките достигнувања, колку поради отстапувањето од словото Божје и загубата на вистинската слобода како последица од тоа. Само на човештвото кое се соблазни од древното искушение на змијата: “...ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло” (1.Мој. 3:5) - мамката за лажните “права” и “слобода”, и само на разурнатото семејство му е неопходно планирање. Голем број неплодни бракови не му се својство на човекот или последица од неговата биолошка еволуција. Конечно, тие се определени од промената на средината и на начинот на живеењето, кои самиот човек си ги создаде за себе.
За зголемувањето на неплодноста во голем дел придонесуваат абортусите и ширењето на инфекциите кои се пренесуваат по полов пат. Современите инфекции се одвиваат поскриено и често предизвикуваат тешки оштетувања на половиот апарат. Во голем степен за ова придонесува пропагандата за ран и неуреден начин на живот, т.е. “половото воспитание”. За надминување на неплодноста не се предлага отфрлање на гревот, т.е. причината на болеста, туку обид “да се надитри природата” (да се послужиме со изразот од литературата по НРТ). Современиот начин на живеење и планирањето на семејството што произлезе од него, дојдоа од Западот. “Недостигот од знаења и некои погрешни претстави укажуваат на единствениот можен начин како да се надминат: преку добивање информации, искуство и знаења акумулирани од специјалистите на Западна Европа” 15. Луѓето ги учат на грешен начин на живот, оправдувајќи го со “човековите права” и “слободата”, а всушност ги заковуваат со гревот и ги поставуваат во крајна зависност од медицинското посредство. “За да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител; за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и трудовите твои да не бидат за туѓа куќа, за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени” (Изрек. 5:9-11).
Основата на христијанското семејство се побожноста и согласноста со Божјата волја, а основата на домот - каменот на верата и стравот од Бога. “Надевај се на Господа од сî срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото: тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски” (Изрек. 3: 5-8). “Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби” (Изрек. 3: 11-12). Христијанското семејство не се создава според променливите мислења и желби на различни времиња и народи, туку според вечните и природни за човечката природа Божји закони, се осветува во таинството на бракот со Божји благослов, а проблемите на болеста или на раѓањето деца се осознаваат како волја на Творецот и исто така се решаваат најпрвин со покајание и со обраќање кон Неговата света волја. Затоа терминот “планирање” му е апсолутно туѓ на духот на христијанското семејство.

 

Литература

1. Никитин А.И. Методì вспомагателÝноŸ репродукции // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 68-73.
2. Проблемì репродукции. - 1996. № 1. (додатокот меѓу с. 48 и 49).
3. Ј. Сцхенкер. ОсложнениÔ при лечении бесплодиÔ методом ƒкстракорпоралÝного оплодотворениÔ // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 74-79.
4. ВитÔзева И.И., ЗдановскиŸ В.М. РедукциÔ числа ƒмбрионов при многоплодноŸ беременности // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 95-96.
5. БоÔрскиŸ К.Á. ÏкстракорпоралÝное оплодотворение и рак Ôичника // Проблемì репродукции. - 1995. - № 3. - с. 48-50.
6. БоÔрскиŸ К.Á. Рак молочноŸ железì и репродуктивнаÔ функциÔ // Проблемì репродукции. - 1996. - № 1. - с. 16-19.
7. Аншина М.Б., ЗдановскиŸ В.М. Если вам нужен ребенок... // М.,  Информполиграф. - 1995. - с. 31.
8. Корсак В.С., Исакова Ï.В., ВоробÝева О.А., ЦирÓлÝников М.В., Аржанова О.Н.. ПервìŸ в России опìт осуçествлениÔ программì суррогатного материнства // Проблемì репродукции. - 1996. - № 2. - с. 46-49.
9. ЗдановскиŸ В.М., Заева В.В., ВартанÔн Ï.В., ХилÝкевич Л.В., БуÔнова Е.В.. Родì у женçинì в постменопаузалÝном периоде в резулÝтате применениÔ метода ƒкстракорпоралÝного оплодотворениÔ с исполÝзованием донорских ооцитов // Проблемì репродукции. - 1996. - № 2. - с. 57-58.
10. Курило Л.Ф., Гаева Т.Н., ШилеŸко Л.В., Остроумова Т.В., Марданова Г.В., Мурзина Т.А., Мхитаров В.А.. Анализ резулÝтатов анкетированиÔ по некаторìм вопросам репродуктивноŸ технологии // Проблемì репродукции. - 1996. - № 1. - с. 29-36.
11. ЗдановскиŸ В.М., Заева В.В., Аншина М.Б. БеременностÝ у женçин без Ôичников и с нефункционируÓçими Ôичниками (первìŸ опìт применениÔ программì овум донатион в России) // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 83-86.
12. Миронов Н.В., Шмìрев В.И., Бугаев В.С. и др. ÏндолÓмбалÝнìŸ метод неŸротрансплантации феталÝнìх клеток головного мозга человека в неврологии // Медикал Маркет: Междунар. мед. журн. - 1995. - № 19. с. 84-87. (Цит. според сп. Международнìе обзорì по медицинским технологиÔм и лечебноŸ практике - 1996. № 1. - с. 35-37).
13. ШпигелÝберг О. Руководство к акушерству. КазанÝ, в типографии университета. - 1861. с. 1.
14. Аншина М.Б. ВступителÝное слово главного редактора // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 4.
15. Ерофеева Л.В., Загребин А.С. РолÝ оралÝноŸ комбинированноŸ контрацепции в лечении бесплодиÔ // Проблемì репродукции. - 1995. - № 1. - с. 115-120.

 


Превод од руски:
  Ирена Кепеска



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Наука и Култура

Март 07, 2019

Поезија од Стефан Марковски застапена во меѓународен поетски зборник во Италија

Поетското дело насловено Брзина на сонот (итал. Il ritmo di un sogno) од македонскиот писател Стефан Марковски е застапено во 15. издание на зборникот Castello di Duino.На меѓународниот конкурс за поезија и драмски текстови насловен I have a Dream/Ho un…
Февруари 22, 2019
Foto

Срамота е младите да знаат повеќе странски, отколку македонски јазик

Младите подобро ги познаваат странските јазици одошто македонскиот јазик. Со цел да си заминат од земјава, повеќе се фокусираат на изучувањето на странски јазици. Проблем е и образовниот ситем, кој иако предвидува еднакво учење на литературата и граматиката,…

Карикатурите на Златко Крстевски од Прилеп прошетале низ цел свет

Фев 14, 2019 Интервју 171
Светот доволно го знае Крстевски. Импресивен е неговиот пат низ светските изложби,…

Најбогатите 26 луѓе на светот поседуваат исто колку и најсиромашните 3,8 милијарди луѓе

Јан 21, 2019 Друго од култура 227
Оксфам пресметале и дека богатството на 2.200 милијардери околу светот во 2018 пораснало…

Катица Ќулавкова е добитник на меѓународната награда „Антево слово“ во Италија

Јан 21, 2019 Литература 162
По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на вториот…

Беседи

За Христoвитe дeла (беседа)

За Христoвитe дeла (беседа)

Какo Гoспoд извршил тoлку мнoгу дeла? Сo пoмoш на пeттe главни чуда: сo пoнизнoста, сo збoрoт, сo дeлoтo, сo крвта и сo вoскрeсeниeтo. Штo свeдoчат дeлата Христoви? Првo, свeдoчат дeка...

За двoумeњeтo на Пилат (беседа)

За двoумeњeтo на Пилат (беседа)

Пилат бил учeник сo свeтска мудрoст. А свeтската мудрoст нe дава сила туку влeва страв. Свeтската мудрoст нe ја пoддржува душата туку тeлoтo. Свeтската мудрoст нe влeва страв за душата...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинското прашање: се каеме или не?

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинското прашање: се каеме или не?

На секоја Литургија, ако ги слушате внимателно молитвите, оној дел што Црквата го нарекла и го доживува како анамнеза, сеќавање, е спомнување за сето она што Господ го направи за...

Жарко Ѓорѓиовски✥ Недела Сиропусна ✥ (10.03.2019)

Жарко Ѓорѓиовски✥ Недела Сиропусна ✥ (10.03.2019)

 Во денешново евангелско четиво Господ Исус Христос не упатува на три основни чекори: простувањето, постењето и безвременската награда која не очекува. И токму првиот чекор е простувањето: „Ако им ги...

БEСEДА за љубoвта над сeкoја љубoв

БEСEДА за љубoвта над сeкoја љубoв

Цeлoтo Eвангeлиe учи дeка трeба да сe oстави пoмалoтo заради пoгoлeмoтo, минливoтo заради нeминливoтo, лoшoтo заради дoбрoтo, eвтинoтo заради драгoцeнoтo. Кoга Eвангeлиeтo нe би вeтувалo пoгoлeми врeднoсти, тoгаш кoј би...

Митрополит Тимотеј: „Тесниот и стрмен пат на духовното искачување“

Митрополит Тимотеј: „Тесниот и стрмен пат на духовното искачување“

Секој христијанин, своите напори може да ги насочува на разни активности во животот. Може да се труди во своето семејство, на работните места, во науката, во школството и на многу...

Архимандрит Партениј: Вистинската среќа – средба со Христа

Архимандрит Партениј: Вистинската среќа – средба со Христа

Како што чувме денес од Евангелието, тој, воден од Светиот Дух, влегол во храмот во моментот кога праведниот Јосиф и Преблагословената Дева Марија Го донеле Младенецот, за според тогашниот закон,...

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф: Пред Бога сите сме еднакви

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф: Пред Бога сите сме еднакви

Од црковната историја сме сведоци дека многупати се појавиле раздори и несогласувања во Црквата, но никогаш Бог нè дозволувал тоа неразумие да надвладее. Уште во апостолско време, Посланието сведочи дека...

« »