Sanja.Kikovska.jpgМ-р Сања Киковска

Живееме во време во кое следењето и имплементирањето на новите технолошки достигнувања и следењето на новите трендови на тргување веќе не е работа на грст технички едуцирани луѓе. Тоа стана императив во современиот деловен свет. Најдобриот и најефикасниот начин на кој менаџерот може да го унапреди работењето и да ги подобри перформансите на компанијата е преку имплементирање на новите технологии и вклучување во електронската трговија. Таа е воведена како концепт пред само пет години, и се проценува на 5,8 трилиони долари во 2006 година, додека очекувањата за 2007 година се 7 трилиони долари (просечната стапка на пораст е дури 28,3 проценти). Многубројни се ограничувачките фактори за македонските компании. Голем дел од нив гледаат на воведувањето нова информатичка технологија како на непотребен расход што би ги оптоварил нивните буџети. Тие се уште не ги согледуваат бенефициите на подолг рок. Ограниченото користење на Интернет и електронската трговија е и поради недоволната стручност и способност на вработените во поголем број од нашите компании. Најголемиот дел македонски компании ги немаат реорганизирано и дигитализирано своите деловни процеси во согласност со светските трендови и стандарди за електронска трговија (вклучувајќи дефинирани стандарди за дигитална фактура и дигитална нарачка). За ограниченоста на користењето на електронската трговија зборува и тековната состојба со електронската трговија во Република Македонија. Карактеристично е што големите компании воведуваат решенија и прават напор да ги дигитализираат своите постојни деловни процеси во своите компании, додека малите имплементираат парцијални решенија со кои дигитализираат одредени операции или делови од тие операции. Токму за поголемото вклучување на малите и на средните претпријатија во електронската трговија и маркетингот преку Интернет, од суштинско значење е нивната засилена директна промоција. Инкубаторите за претприемништво, на пример, на малите и на средните претпријатија треба да им понудат тренинзи за вработените, за тоа како да ги реорганизираат и дигитализираат деловните процеси, да ги прифатат стандардите во електронската документација, а со сето тоа да си создадат предуслови за вклучување во електронската трговија и организирање на маркетинг-процесот преку Интернет. Во случајот на Македонија, во последниве години забележителни се чекори нанапред. Имено, се повеќе банки воведуваат Е-банкарство, со кое се овозможува проверка на состојбата на сметката или плаќање на комуналиите преку Интернет. Развојот на електронската трговија треба да го поттикнат банките, со тоа што ќе им овозможат на компаниите што имаат свои интернет-продавници, начин за онлајн-верификација на кредитните картички издадени од нив, а со тоа и да овозможат потврда за валидноста на трансакциите. Сепак, банките се и оние што најмногу ја кочат имплементацијата на маркетингот преку Интернет и на интернет-тргувањето, воопшто. Се разбира, тука се и купувачите. Мал број македонски купувачи располагаат со кредитна картичка (предуслов за купување преку Интернет). И покрај тоа што оваа состојба во последно време забрзано се менува и процентот од населението што поседува кредитна картичка се зголемува, сепак постојат фактори што го ограничуваат користењето на картичките. Најголем дел од можностите што ги нуди Интернетот останува неискористен од македонските компании. Малиот број македонски компании што имаат детален каталог за производи и услуги на Интернет, со можност за нивна нарачка, наплаќањето сепак се решаваат да го извршат на фактура (при што корисникот ги уплаќа парите на сметка на продавачот на класичен начин или преку електронско банкарство) или по извршена достава, кога плаќањето се извршува во готово. Присутен е и случајот кога некоја од туристичките агенции ќе достави електронска авиокарта, но поприсутно е резервирањето авиокарти преку Интернет. Идејата за резервирање лекови преку Интернет, секако дека треба да биде поддржана. Сепак, неизбежна е констатацијата дека она што во развиените земји е практика, кај нас е во зачеток. Само за споредба, Хрватска во 2006 година остварила трговија преку Интернет во вкупна вредност од над 600 милиони долари. Процените се дека во 2009 година, Хрватска ќе ја пробие бројката од 1 милијарда долари од интернет-трговија. Ова е во ситуација кога пенетрацијата на Интернет во Хрватска е над 40 проценти. Во Македонија нема официјални податоци за тоа колкава е вредноста на трговијата преку Интернет годишно, но се проценува дека таа е само неколку десетици илјади евра. Како главна причина за слабата искористеност на можностите на Интернет, секако би го истакнале слабиот пристап до Интернет на македонските граѓани. Нискиот степен на пенетрираност на Интернет во Македонија се уште се толкува со високата цена на Интернет, наспроти нискиот животен стандард. Се додека Интернет има висока цена, тој ќе биде тешкодостапен. На македонските компании останува да развијат способности за да ги идентификуваат и да ги имплементираат е-бизнис аспектите, како и да подготват интернет-маркетинг и комуникациски план. Треба да научат да идентификуваат, мапираат, анализираат и презентираат подобрени процеси и активности на компанијата за да ја подготват за имплементација на електронската трговија. Низ тимска работа на проекти треба да бидат способни да идентификуваат, критички да дискутираат, комбинираат и развијат план како соодветните информатички технологии - ИТ и технологии за интернет-комуникација можат да бидат користени од страна на компаниите за да ја поддржат имплементацијата на електронската трговија и интернет-маркетингот. Исто така, потребно е и македонската онлајн-понуда на производи да се зголеми. Македонските компании треба да понудат книги, музика, облека, храна, технички производи, буквално се за промоција и продажба преку Интернет. Исто така, треба да креираат дистрибутивни канали, да отвораат форуми за непосредна и брза комуникација со купувачите и слично. Македонските компании мора набргу да ја согледаат потребата од вклучување во современите начини на водење бизнис, зашто не постои друга алтернатива за да се опстои на пазарот и зашто Интернет е особено погоден за компании од мал обем и оддалечени од главните светски случувања, компании какви што се македонските.

Авторката магистрирала на тема „Електронската трговија и маркетингот преку Интернет“