Концерти на Трпчески во Гевгелија, Струмица и во Прилеп

Љубителите на класичната музика од Гевгелија ќе бидат првите што ќе слушнат пијано-изведби на Симон Трпчески, на 14 ноември, со што ќе биде означен почетокот на концертна турнеја по неколку градови во земјава. Наредниот ден, струмичани ќе ја имаат честа да го слушнат нашиот виртуоз, а на 5 декември Трпчески ќе учествува и на манифестацијата Град на културата во Прилеп. Трите града беа избрани за првиот дел на турнејата, која ќе продолжи напролет. Мини-турнејата ќе има хуманитарен карактер.

Маестро Трпчески објаснува дека турнејата е остварување на негова дамнешна желба. Тој ќе свири композиции од Скријабин, Шопен, Брамс и две дела од Дебиси, кои ќе бидат прв пат изведени во Македонија. Вака конципирана програма тој изведува прв пат. На крајот од секој концерт ќе приредува изненадување за публиката.

- Одамна ми е желба да свирам во секој град каде што има барем минимални услови. Програмата ќе биде пресек на длабоки чувства. Секое дело зборува за љубовта кон различни субјекти. Намерно ги избрав така, зашто љубовта е главен двигател на човекот. Се решив за овие дела зашто во нив има многу драма, што е обележје на нашиот менталитет и мислам дека треба да се негува. Драго ми е што ќе настапам во внатрешноста на нашата земја, зашто и таму има големи почитувачи на класичната музика - рече Трпчески.

Според него,состојбата на пијаната на кои ќе свири во трите града, не е најзавидна, но тоа не било најпресудно за остварувањето на неговата идеја.

- Струмица неодамна доби ново пијано, кое не е со врвен квалитет, но ќе помогне многу за едукацијата на младите пијанисти. Веќе сум настапувал и во Гевгелија и во Прилеп, ги знам условите. Факт е дека и кога свирам надвор, немам секогаш најдобар инструмент на располагање. За разлика од виолинистите или дувачите, пијанистите мора да се проспособуваат на просторот каде што настапуваат. Но, квалитетот на еден пијанист може да се види на секакво пијано. Јас лесно се адаптирам и се надевам дека публиката ќе биде задоволна - рече Трпчески.

На прашањето дали наскоро повторно ќе одржи концерт во Скопје, тој одговори дека најверојатно ќе настапи в година.

Мини-турнејата ја организира здружението на граѓани „Култур Оп“ од Скопје, кое го реализира и дводневниот маратон на Трпчески, кој се одржа во јули, во Домот на АРМ. Тие ги поканија заинтересираните градови што имаат минимални услови за да се организира концерт. Концертите на Трпчески ги помогнаа „Космофон“ и Стопанската комора на Македонија.

Трпчески наскоро ќе замине во Англија, каде што треба да сними ново цеде, за ЕМИ, во која ќе влезе и „Пајдушко“ на Живојин Глушиќ, кој според нашиот виртуоз, е најизведуваниот македонски композитор надвор од земјава. Ќе следуваат концерти во Брисел, Хамбург, четири концерти во Англија, Малезија, Сингапур. До крајот на годината, ќе настапи со Филаделфискиот симфониски оркестар.

(С.П.)