МЕЃУНАРОДНА ИНТЕРДИСЦИПЛИНАРНА СОРАБОТКА
Музички и театарски дела по поезијата на Владиката Методиј
Ивана Васева

Македонскиот композитор Никола Коџобашија ќе креира музичко дело за оркестар во неколку става врз база на визуелната поезија од книгата „Даблтри реквием“ на митрополитот американско-канадски, господин Методиј Златанов, која неодамна ја објави книгоиздателството „Три“. Исто така, словенечкиот театарски режисер Драган Живадинов подготвува музичко-сценска постановка инспирирана од делото на владиката Златанов. Книгата „Даблтри реквием“ истовремено претставува збирка поезија и партитура за музичко дело, и во таа смисла таа е плод на истражување во повеќе насоки. Истражувањето се однесува на реквиемот како музичка форма и неговото нестандардно испишување. Односно, музичката содржина на книгата не е пишувана со ноти, туку според експерименталните методи или начини на запишување на звукот кои ги негуваат современите композитори како Џорџ Гершвин или, пак, Џон Кејџ, кои имаат сопствени начини на пишување. - На тој начин јас се обидувам да создавам слободно, без ограничувања, а за таа цел, создадов свој знаковен систем за испишување на звукот. Тој знаковен систем е конзистентен и податлив за музичко изведување од кој било музиколог или диригент - вели владиката Методиј Златанов. Според владиката Методиј, книгата „Даблтри реквием“ во себе содржи повеќедимензионалност, полисемантичност и интердисциплинарност која овозможува таа да се чита на различни начини и да се искористи како основа за создавање нови уметнички дела. - Визуелната поезија е жанр кој го негувам со децении. „Даблтри реквием“ е комплексно книжевно дело, можеби не само книжевно, бидејќи тоа е веројатно првиот потфат во моите интердисциплинарни истражувања кои траеја година и пол - додава тој.

Извор: Време

Посети:{moshits}