Младиот пијанист Арсениј Ангелески од Прилеп прогласен за лауреат на меѓународен натпревар во Врање


    Младиот пијанист Арсениј Ангелески од Прилеп, неодамна на меѓународниот натпревар ‘Стеван Мокрањац’ - Врање, Србија, беше прогласен за лауреат и стипендист на натпреварот. Во конкуренција со пијанисти од сите балкански држави, покрај првата освоена награда, комисијата го награди со ова признание, овозможувајќи му учество на семинарите на неколку врвни пијанистички педагози, на престижната летна академија во Охрид, како и покана за неколку настапи во склоп на пијано фестивалот во Врање.

‘Многу сум среќен за ова признание и за мене претставува мотивација за понатамошната работа со мојот инструмент. Посебно сакам да му се заблагодарам на моето семејство за постојаната поддршка.’ – изјави Арсениј Ангелески.



‘Јас сум посебно горда, бидејќи Арсениј е еден од моите најперспективни ученици, а овие награди се само доказ за неговиот потенцијал и исклучителните музички способности.’ - изјави неговата професорка Христина Никоска.+

    Арсениј е ученик во IV одделение во ООМУ ‘Ордан Михајлоски - Оцка’ - Прилеп, во класата на проф. Христина Никоска. Тој зад себе има бројни награди и признанија, меѓу кои: Прва награда на меѓународниот натпревар ‘Стеван Мокрањац’ - Врање, 2015 година, како и Втора награда по камерна музика на истиот натпревар, Прва награда на државниот натпревар на млади музичари, 2015 година, како и Прва награда по камерна музика на истиот натпревар, Прва награда на меѓународниот натпревар ‘Охридски бисери’ - Охрид, 2014 година, Специјална прва награда на државниот натпревар на млади музичари, 2014 година, Прва награда на државниот натпревар на ученици и студенти, 2013 година. Тој редовно настапува како солист на концертите во организација на музичкото училиште во Прилеп, а заедно со својата сестра Исидора Ангелеска често настапуваат и како пијано дуо.

За Преминпортак: „О.М.У.- Прилеп“