Операта првпат ќе го изведува Вагнер
Минатата година ни донесоа снег на сцената и романтична италијанска канцона, годинава Операта ќе не прошета од Бајрот до Виена преку музиката на Рихард Вагнер, Рихард Штраус, Јохан Штраус и Франц Лехар.


Со сценографија, која ќе кореспондира со свечениот карактер на концертот, но и музиката што ќе се изведува, Операта и годинава ќе се обиде да внесе свежина во традиционалниот гала-концерт што се одржува за Василица. - Свечен салон со кристални лустери, виенска атмосфера, таква ќе биде сценографијата на концертот в сабота - вели Оливер Арсовски, директор на МОБ.


На програмата се увертирата од операта „Мајстори пејачи“, две арии од „Валкири“ од Рихард Вагнер, Три песни за сопран и оркестар и Валцер суита од операта „Кавалерот со роза“ од Рихард Штраус, валцери од Јохан Штраус и арии и дует од операта „Веселата вдовица“ од Франц Лехар. Со оркестарот ќе диригира Пол Вајголд од Германија, а како солисти ќе настапат сопранистката Лили Вуншер (Германија) и тенорите Арнолд Безујен (Германија) и Валери Серкин (Австрија). Арнолд Безујен е солист во виенската „Штац опера“. Често пее во опери од Вагнер, а неколку години по ред пее и во продукции на познатиот музички фестивал во Бајрот, родниот град на големиот германски композитор. На прашањето што е толку посебен Бајрот, одговара:


- Секој што ќе добие шанса да настапи таму, од солисти, до хор и оркестар, па дури и техничарите, е зависен од музиката на Вагнер. Се што се случува таму е направено онака како што би сакал Вагнер да изгледа доколку беше жив. Тоа што се случува на фестивалот во Бајрот, кој го слави творештвото на еден од најголемите композитори во историјата на музиката, не може да го доживеете на ниту едно друго место во светот - вели Безујен.


Операта првпат ќе свири музика од Вагнер. На нашата сцена се уште не прозвучела интегрално ниту една опера од големиот германски композитор и реформатор на операта. Билетите за концертот се уште не се пуштени во продажба, но постои голем интерес од публиката, велат од МОБ.
- Овие концерти публиката ги очекува со нетрпение и секогаш имаме полн салон - вели Арсовски.


А.Д.

 Извор:Време

Посети: {moshits}