Графика од збирката

ФАСЦИНАНТНА ЗБИРКА СКРИЕНА ОД ЈАВНОСТА ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ


Македонија поседувала импозантна колекција од дури 66 дела (цртежи, графики и керамика) на славниот Пабло Пикасо, која поради безбедносни причини досега се чувала во тајност. Целата збирка, во сопственост на светската галерија „Остен“, првпат во историјата ќе биде изложена пред јавноста на 8 месецов (вторник) во остеновата галерија, по повод одбележувања на Денот на Европа, 9 Мај.

Многумина знаат дека Музејот на современата уметност поседува една слика од Пикасо - познатата „Глава на жена“, која ја испратил сликарот лично, кој во тоа време многу се соживеал со скопската трагедија од земјотресот и веднаш се вклучил во солидарната акција за собирање уметнички дела. Тој се огласил меѓу првите уметници.

Пред две години „Остен“, пак, објави дека поседува 17 цртежи од големиот шпански сликар, кои ги изложи во Гевгелија, но никој не знаеше за огромната колекција до завчерашната прес-конференција на општината Центар, кога беа најавени содржините на прославата на Денот на Европа. Фрапантно е што дури и оваа информација помина бегло, а скопските рубрики само површно во последните редови од своите извештаи вчера ја најавија фрапантната изложба.

- Вистина е дека имаме голема колекција во „Остен“, сите дела се оригинали и првпат воопшто во Македонија се случува изложба на Пикасо. Досега не сакавме да зборуваме за збирката бидејќи не бевме подготвени да ја објавиме информацијата, главно од безбедносни причини. Делата се чуваа во депото на „Остен“ и нормално беа заштитени, но сакавме пред да излеземе во јавност да ги обезбедиме сите услови за поставување една ваква вонредна изложба - вели Корнелија Конеска, извршна директорка на галеријата „Остен“.

Таа потврди дека поседуваат дела и од други светски звучни имиња, но не сакаше да открива повеќе детали.

- Ќе имаме и понатаму за што да зборуваме, сепак Пикасо е Пикасо, и тоа засега е повеќе од доволно - вели Конеска.

Секоја збирка од Пикасо го носи епитетот „мала“?!

Пикасо постхумно беше добитник на наградата за светско културно наследство на 38. Светска галерија на цртеж во 2010 година, во организација на „Остен“. Според статутот, „Остен“ се обврзува да има онолку дела од добитниците на оваа награда колку што брендот „Остен“ има години во годината кога е добиена наградата.

- Оттука – 66 дела на Пикасо од колекцијата на „Остен“ – уметност на хартија.

Секако, колкава и да е колекцијата на дела од овој автор, таа го носи епитетот „мала“, во споредба со севкупниот негов опус - пишува во текстот за каталогот за изложбата на „Остен“, м-р Сафет Ахмети, историчар на уметноста.

Изборот на дела за оваа изложба претставува увид во бројноста на различните фази, расположенија и пристапи на авторот, во различни периоди од неговиот живот.

- Освен таканаречените класични медиуми – масло на платно и скулптура – опусот на Пикасо опфаќа голем број серии графики, керамика, но и миговни цртежи „на самото место“, толку карактеристични за неговиот стил на работа, во книги, каталози и какви било други публикации, разгледници, писма и слично, нацртани при посвета или во чест на одредени личности, и сето тоа изработено во најразновидни познати и непознати експериментални техники. Кога на разновидноста на техниките ќе се додаде и разновидноста на темите – со нагласок дека одредени теми се провлекуваат низ севкупното негово творештво – а кон тоа и врвното мајсторство во изработката и незапирливиот изблик на креативност, го добиваме делото на Пикасо, еден од најголемите и највлијателни автори на 20 век - пишува Ахмети.

Што се поседува „Остен“

„Остен“ има дваесетина графики од збирката на Волар, изработени во различни техники, но најголемиот број во длабок печат и литографија.

Во периодот од 1930 до 1937 година Пикасо изработил вкупно 100 бакрорези што станале сопственост на издавачот и трговец со уметнички дела Амброаз Волар. Збирката „Волар“ генерално се состои од неколку теми: „Љубовна војна“ (5), „Ателјето на скулпторот“ (46), „Рембрант“ (4), „Минотаур“ (15) и „Портрети на Волар“ (3).

- „Остен“ поседува дваесетина графики од овој циклус, изработени во различни техники, но најголемиот број во длабок печат и литографија. Поголемиот дел графики претставени во оваа публикација произлегуваат од темата „Ателјето на скулпторот“ и се автобиографско прикажување на Пикасо како скулптор и како љубовник, поточно ја одразуваат љубовната афера што Пикасо ја одржувал со Мари-Терез Волтер во тој период. Сепак, нивната најголема вредност е во суптилноста на цртежот, чиј краен исход потсетува на Рембрант – и не само поради тоа што неговиот лик се појавува во неколку од графиките, туку и поради тоа што сите графики од „Ателјето“ упатуваат на „Уметникот и неговиот модел“ од Рембрант; но и на севкупната атмосфера регистрирана низ богатството на тоналните ефекти, остварени преку мешање различни медиуми - стои во каталогот за изложбата.

Петнаесет цртежи на Пикасо се објавени во мапа од 1946 година, во тираж од 500 примероци, од кои само 50 се потпишани од Пикасо – една од овие мапи со литографии е дел од колекцијата на „Остен“.
Во збирката се и десет керамики на кои Пикасо експериментирал со техниките, а претставувал добро познати мотиви што се провлекуваат низ неговото творештво, како што се борби со бикови или претстави на Пан.

- Во периодот од 1948 до 1955 година Пикасо живеел во Валори, денес дел од Антиб, во близината на Кан. Валори е место познато во светот по производството на грнчарија, особено во доцниот 19 век, кога бил центар на оваа индустрија во југоисточна Франција и кога биле развиени голем број работилници.
Учејќи го процесот, експериментирајќи со техниките и создавајќи стотици дела во грнчарската работилница „Мадура“, Пикасо извршил огромно влијание врз локалното население и придонел за повторниот развој на грнчарството во овој регион, што резултирало со стекнување на „титулата“ - главен град на керамиката во Франција, до денес - пишува во публикацијата за изложбата.

Дел од колекцијата е и своерачно потпишана разгледница на која е прикажан мотивот „Војна“.

Во голем број случаи, при подарување на книгата на свои блиски пријатели, Пикасо на првата страница од книгата, покрај посветата, правел брзи, едноставни и единствени цртежи. Во посед на галеријата „Остен“ се две од овие книги, своевремено подарени на Феликс Пита и на Хуан Маринело. На првата е нацртан пикадор, во мигот кога го прободува бикот со копје; на втората тореадор и бик во акција. Двата цртежа се направени во разнобоен пастел, со што дополнително е нагласена разиграноста на линиите.

- Уште еден „еднопотезен“ цртеж со молив (1966 г.), направен врз страница од книга – на која, меѓу другото, се репродуцирани два цртежа од Пикасо – е дел од изложбата. Главата на бикот е до тој степен сведена на симбол, на знак, што неодоливо потсетува на редимејд-скулптурата од 1942 година, насловена „Глава на бик“. Во книгава се претставени и шест линорези од 1959 година. Издлабени во брзи, остри и широки потези, тие го оживуваат мигот во кој се случува акцијата. Доминантна тема се борбите со бикови, но и баханалии, па дури и еден приказ на гроздоберачи - пишува историчарот на уметност Ахмети.

Цртеж од колекцијата на „Остен“

Пабло Пикасо (1881-1973 г.), без сомнение е еден од најголемите уметници во 20 век. Со својата генијалност и револуционерна иновативност, но истовремено и деструктивност кон дотогашните сликарски принципи, Пикасо зазема место меѓу титаните на уметноста, кои се одлика и на нашата цивилизација. Пикасо силно влијае и врз следбениците на модерната уметност: сликари, графичари, скулптори. Доколку многу уметници можеме да ги идентификуваме заедно со стилскиот правец (Моне со импресионизмот, Дали со надреализмот, Матис со фовизмот), за Пикасо слободно може да се каже дека е само Пикасо!
Нескротливиот стремеж на Пикасо за себеизразување, барајќи нови форми, својствени на неговата душевна состојба, ќе создаде стихија од видови и жанрови: слики, цртежи, акварели, графики, колажи, скулптури, сценографии, мајолики, керамики и илустрации на книги. На секој од нив, Пикасо се оддава со вистинска страст и им посветува внимание; тоа резултира со искреност и со вештина на мајстор. Неговите дела се раширени низ целиот свет, а секојдневно се зголемува нивната вредност.

--------------------------------------------------------------------------------
  
   
Автор: Весна Дамчевска  -Нова Македонија