Од печат излезе книгата „Како да успеете во светот на глобалната малопродажба“ од Љупчо Велески.

Конечно, се појави стручна книга што на научна основа, но при тоа цврсто втемелена во праксата и реалниот живот, обработува теми што во Македонија се многу малку третирани. Книгата „Како да успеете во светот на глобалната малопродажба“ на авторот Љупчо Велески, во издание на „TARGET BOOKS“, ги сублимира, анализира, систематизира, класифицира и во детали ги разработува феномените на: глобалната малопродажба, производите за широка потрошувачка, интернационализацијата на работењето, извозот и креирањето посебност на компаниите како одлучувачка предност во нивниот настап на глобалниот пазар.

Авторот Љупчо Велески е директор на секторот извоз во ПИ „Витаминка“ – Прилеп и магистер по Меѓународна економија и бизнис. Тој десетици години работи во областа на меѓународната трговија, посебно во сферата на извозот и инсталација на производи за широка потрошувачка на странски пазари, така што одговорите што можат да се најдат во оваа книга се резултат на најдобрите искуства од праксата и се вистинска моќна алатка и патоказ на патот кон успехот во глобалната малопродажба.

Книгата не може да се најде во слободна продажба и единствениот начин да се стигне до неа е преку електронско порачување на: http://www.target.com.mk/veleski.

                                                                                     

                                                                                                         „Target books“

За книгата рекоа...

Дипл. инж. Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на ПИ „Витаминка“ - Прилеп

„...Конечно, пред генерациите што веќе работат на полето на маркетингот во стопанските субјекти што произведуваат стока за широка потрошувачка, а пред сèпрехранбени производи и пред генерациите што се очекува да настапат на работа на тој план, се појави стручна книга, труд што нуди практичен патоказ, специфичен по пристапот, по кој секој комерцијалист може и треба да работи за да ги оствари и долгорочно да ги остварува целите и желбите на компаниите од оваа област во тешкото подрачје на продажбата на нивните производи. Подрачјето на продажбата ги опфаќа домашниот, но и сите останати пазари во светот, што значи глобалниот пазар...“

Проф. д-р Славица Роческа, Катедра за меѓународна економија и бизнис, Економски факултет - Прилеп

„...Треба да се потенцира придонесот што Љупчо Велески го остварува во доменот на дефинирањето начин за определување иновациски приод во продажбата на стока за широка потрошувачка, како основна претпоставка за поефикасно остварување на целите на компаниите. Поконкретно, тој го прецизира начинот преку којшто се определува, креира и афирмира уникатниот продажен предлог (unique selling proposition) како автентичен и дистинктивен метод за постигнување стратегискa предност и препознатливост на компаниите на глобалниот пазар.

Во книгата се нудат предлози и решенија што треба да им овозможат на деловните субјекти ефикасно приспособување и дизајнирање на нивните стратегии во согласност со новите трендови, барања и потреби во малопродажбата преку индивидуализација на пристапот кон современиот потрошувач, како детерминанта на диференцијацијата, но и детерминанта на конкурентската предност на компаниите на меѓународниот пазар. Притоа, тој ги идентификува мерките преку коишто се обезбедува диференцијација на понудата на производите (дизајн, квалитет, услуга, функционалност итн.) и факторите што влијаат врз дефинирањето на уникатниот пазарен пристап...“