mitko.popovski.jpg

Протоереј Митко Попоски

 

РОЖДЕСТВО  ХРИСТОВО

 “Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на Недостапниот пештера Му принесува. Ангелите со пастири Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто поради нас се роди Дете младо, Предвечниот Бог”.         (кондак на Рождество).

bozik2.jpg


За раѓањето на Христа зборуваат двајцата евангелисти.
Св. евангелист Матеј ја потцртува тaинствената страна - безсеменото зачнување од Светиот Дух: “А раѓањето на Исуса Христа стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосифа, уште пред да се состанат, се виде дека е тешка од Светиот Дух” (1:18).
 Св. евангелист Лука го опишува раѓањето во времето, епохата, земјата, градот, местото и настаните кои се случуваат со Него:
 “Во тие  дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Кириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, нејзе и дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилницата. Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш се јави Ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече:
 -Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен младенец, како лежи во јасли.
  И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: “Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра воља!”
 Кога си отидоа aнгелите од нив на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: “Да одиме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ”. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли. А штом видоа, кажаа се што им беше речено за Тоа Дете. И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го Бога за се она што чуја и видоа, како што им беше речено”. (Лк. 2:1-20).
 Напишаната скромност, спокојниот тон и благородната содржина на таа евангелска повест ја дава основата, дека во неа богоозарениот евангелист го опишува расказот од св. Богородица за раѓањето на Спасителот. Мајките секогаш се најточните природни историчари за детството на своите рожби. Изложеното на св. Лука носи проповед на женско кажување преку кое го нагласува карактерот на Мајката Божја. Секоја друга Мајка би дала простор при опишувањето на својата рожба на секоја вообичаена случка од животот како нешто исклучително. Кај скромната Мајка Божја такви преувеличувања не  се присутни. За неа секое величење се слива со сознанието, дека нејзиното Дете е Божји Син. Таа не преукрасува, се чувала за Него во своето срце. Содржината на текстот објаснува дека само на св. апостол Лука, еден од Господовите ученици, кој синовски се грижел околу неa, му доверила некои деталности од детството на Учителот. Од скромност таа не му раскажала за поклонувањето на мудреците.
 Тоа го прави св. авангелист Матеј:
 “А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:
 -Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме  Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.
 Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша:
 -Каде треба да се роди Христос?
 А тие му одговорија: Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: и ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; оти од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ - Израилот. (Мих.5,2;)
 Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив точно за времето, кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: - Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.
 Тие, откако го слушнаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост.
 И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И кога примија во сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја. (Мат.2:1-12)

(продолжува)


превод од руски: Протоереј Митко Попоски

Посети:{moshits}