Matka.odLit4.jpg

* * *


Имав напорен ден исполнет со семејни обврски и со посетата на тројца клиенти, кои  многу ме  „истрошија". Се релаксирав со топол  туш и се обидов  умот  да  го доведам во состојба да  не  мисли на ништо особено. Во тоа ми помогна и книгата-бестселер на Хозе Силва „Контрола на умот", која пред  некој ден ја дочитав, па  се  обидов  да ја практикувам.
Најпрвин го опуштив физичкото тело и  бидувајќи свесна за  тој  процес, знаев дека  сум  навлезена во т.н.  алфа  состојба  (состојба  на алфа  мозочни бранови) или  состојба на  дремка. Потоа почнав со визуелизација. Се гледав себе си свежа, ведра и успешна. Понатамошните фази ги одложив  за времето пред спиење, кога  човекот природно е дремлив, т.е.,  се наоѓа во алфа  состојба.
Во тоа  време не знаев дека  и ова  е нова  замка на „лукавиот". Сакајќи да привлече што повеќе  жртви, сите негови манифестации во почетокот  делуваат наивно и безопасно. Инаку, кој би започнал нешто што предизвикува ужас?  И првото земање на  хероин предизвикува пријатно чувство  и блага еуфорија, а првата успешна кражба  стимулира за нова.
И за  медитацијата  се  оправдуваме  дека   во неа  ќе  навлеземе толку колку  да го релаксираме стресот.  Но  постепено,  не  сме   ни  свесни  како навлегуваме сѐ подлабоко и подлабоко, стануваме зависници со илузија за моќ!  Па си велиме, на пример, зошто  да не го визуелизирам мојот  шеф како заради болест ја напушта  положбата, а  јас седнувам  во  неговата  фотелја. 
Или   на  пример, зошто  на ваков  начин да не ја тргнам од пред  очи омразената свекрва или да направам оженет човек да  биде  мој итн., итн. Ова  се, всушност, примери за целите на лошите духови или демоните, ако повеќе сакате!
На овој  принцип функционираат и  сите  кои се занимаваат со магија. Но, за жал,  и оние  кои ги прават таквите магии и оние  кои им се муштерии,  без  исклучок,  стануваат заробеници на  злото, а со амајлиите што  ги  носат  дома,  знаете ли што прават? Си го внесуваат демонот во  својот дом! Тие не се свесни дека, подоцна, мора  да дојде до израмнување на  сметките, заради потребата од обезбедување  енергетска  хармонија  во Универзумот, така  што нивниот пад  е страотен, а неретко завршуваат со тешки болести или  лудило! Каква  врска овие  штетни појави  имаат со Бога?  Повеќе од  сигурно е  дека   вистинскиот верник,  ни  на  сон,  нема да  помисли да  посегне по вакви  дејанија, ниту пак,  тие зли  сили може да му наштетат.  Најсилната  одбрана од  ваквиот сој  е молитвата и постот, тврдат светите отци.
Но, да се вратам на  денот  за кој пред  малку
ви зборував.
Се слушна ѕвоното од влезната врата.
- Влези, Весна, отворено е - реков.
- Спремна ли  си,  Марија? Треба  да  стигнеме до кафулето  близу  „Пијано бар" - ми  рече Весна брзо и еуфорично, движејќи се  низ  станот. - Знаеш кој се врати од Шведска? Анита... Онаа разведената на која што ти ѝ помагаше многу често. Се сеќаваш, де,  се зближивте. Ти многу  ја прифати.
- А, да,  се  сеќавам, но  иако  знаеш дека  не сум многу  по излегувањата, сепак ќе прифатам.

Ми годеше свежото априлско ветерче, додека седевме надвор пред кафулето без многу посетители. Исто така, и воодушевувањето на  Анита со кое ми раскажуваше за изминатиот период  од нашата последна средба.
- И  сега,  да  ти  го  раскажам  најважното - плесна со  рацете таа, мангупски насмевнувајќи се. - Излезе сѐ  по твое.  Во хотелот во кој работев навистина го  сретнав тој на буквата З, за  кој ти ми   зборуваше. Тоа  беше  синот на  газдата. Се вљуби во мене веднаш и веќе по два  месеца почнавме да  живееме заедно. Сега-засега ни е прекрасно.  Замисли, што  ќе беше  со  мене ако  не ме убедеше да отпатувам таму.
 - Кажи, кажи  ѝ го најважното - нетрпелива беше Весна.
- А тоа е ...  - започна значајно Анита.
- Дека  си  бремена! - пред  да  бидам  свесна,
изговорив.
 - Дааа,  пак погоди, а кога  ќе се породам, најверојатно ќе се венчаме.
Во понатамошниот разговор таа  ми кажа  која ѝ е најважната молба  кон  мене. Да  сме  отпатувале заедно во Прилеп во посета кај  тетка ѝ, на  која  ѝ  била  потребна моја  помош и консултација. Не  сакале да  ѝ кажат  точно  во што  бил  проблемот;  било нешто околу  куќата. Знаела само дека нејзините роднини биле  веќе  трети сопственици на таа  куќа  и дека  ја купиле по неверојатно ниска цена.


* * *

Патувајќи кон  Прилеп имав  некакво нејасно, непријатно  чувство  што ми  предизвикуваше трпки долж `рбетот, но не  знаев што  точно тоа може да  биде. Сепак, се препуштив на глетката низ прозорецот на автомобилот во онаа состојба кога  човек одмора не мислејќи ништо.
Возејќи се по тесните кривулести улички  низ градот, стигнавме пред  нивната порта. Се појави  средовечен брачен пар, роднините на Анита. Влегувајќи во дворот ме  пронижа  истото чувство на  студенило. Луѓето ме пречекаа извонредно, со респект, како познат екстрасенс. Лицето на жената  беше  прилично бледо,  со страв во погледот и некаква чудна таинственост. Таинственоста се задржа и  во  понатамошниот разговор. Во  текот на  скромната вечера  разговорот се одвиваше на вообичаени теми   и  тоа  траеше  некаде  до  пред полноќ. Нѐ  замолија таа  ноќ  да  преспиеме  горе во поткровјето. Ни посакаа добра  ноќ и нѐ испратија  повторно со некаква таинственост во погледот. Додека со благ немир се искачував по скалите, се прашував себе  си: „До каде  ли ќе ме доведе љубопитноста во која што се нурнав последниве години и која  ме  мелеше во круг.  Кој ли,  пак,  ѓавол ме доведе тука?"
Ја отворивме дрвената  врата  и  пред   нас  се отвори  широка поткровна просторија,  отприлика од околу триесетина  квадрати. Подот беше  обложен со дрвени штици - бродски под. Во просторијата  немаше  никакви преградни  ѕидови. Речиси идеално во средината беше поставен голем брачен  кревет, а наспроти него, потпрена на  ѕидот, стара комода и ништо  повеќе. Лево  од креветот на  пет-шест  метри   растојание ѕиркаа  два  мали прозорци, многу  близу  еден  до друг,  како  во архитектурата на  староградските  куќи.  Таванот го придржуваа неколку дрвени темни лакирани греди.
Во почетокот и двете бевме необично спокојни, во некакво нејасно исчекување и невообичаено молчаливи. Првите петнаесетина минути ништо особено не се  случуваше,  но  сепак, не можев да се ослободам од едно дискретно чувство дека некој, нешто е присутно, дека  не  сме  сами. Додека се  подготвувавме да си легнеме во креветот, инстинктивно тоа го правевме со бавни и  претпазливи движења. Внимателно ја повлековме прекривката  до  брадата,  како  две  мали  збунети девојчиња оставени сами  во темницата.
Повторно необичното студенило ми се провлече низ ’рбетот. И двете бевме во некакво нејасно  исчекување на   нешто. Неколку минути  се преправавме  дека   сме  во  дремка.  Тогаш  за  прв пат  чувме   тивко  крцкање горе  на  покривот.  Се погледнавме  молкум.   Веќе   по  неколку  секунди крцкањето  стануваше  посилно, но  веќе  без  прекини, речиси петнаесетина  минути. Се  фативме за раце и храбро очекувавме што ќе биде  понатаму.
- Мачка е, што мислиш,  а? - ми шепна Анита.
- Не знам,  но не ми се верува - одговорив.
Малку подоцна квалитетот, бојата на звукот  се смени. Сега  веќе  тоа  личеше на чекорење - чекори  на мало разиграно дете. Седнавме на креветот  претворени во уво. Интересно, но  првичниот страв го снема. Се почувствував силна, љубопитна и спремна да го дочекам и прифатам тоа што мислев дека е. Истовремено, ми  стана јасно зошто  требаше  да  преспиеме  токму на  ова   место! Повторно се  смени  квалитетот на  звуците.  Чекорите добија  призвук на  тивко  ритмичко удирање со чекан.  Тие удари како да  проицираа  нечиј  гнев,  стануваа сѐ потешки и потешки, како чекорење на  исклучително тежок човек, а амплитудата на движењето се ширеше од едниот до другиот крај  на покривот, а подоцна во сите насоки истовремено. Следуваше нова варијација на  ритамот - три  чекори, пауза, четири чекори,  пауза и повторно така.
- Мајко  моја,  да  бегаме - со вџашени очи  од страв рече Анита.
- Не се плаши  - реков  тивко - и јас умирам од страв,  но ништо  не ни  може.  Дај  ми  ја раката,  ќе седнеме на работ  од креветот.
 - Не - гласно извика - страв ми е да ги  спуштам нозете на подот, можно е да е под креветот.
Сепак, се фативме за рака и се стиснавме  една  до друга. И тогаш започна последниот чин на ужасот.
Во исто  време се споија  сите  претходни звуци и во крешчендо заедно достигнаа кулминација, што ширеше впечаток на ѓаволска какофонија,  чиниш,  разбеснетиот ѕвер  сакаше да  покаже што  сѐ може.  Силни  удари  на  синџири, мјаукања, удари  од чекани, чекори со метален звук...; сето тоа   жестоко се обидуваше да нѐ избезуми. Во просторијата се  чувствуваше  некаква чудна, студена   енергија  што   предизвикуваше  морници  и страв.  Во целиот тој ужас успеав да си поставам и едно логично прашање. Дали домаќините и околните куќи го слушаат истото? Си реков,  домаќините веројатно слушаат, но намерно нè  оставаат, за да  се уверат дека го слушаме истото  што и тие. Или е тоа некаква наша субјективна перцеп- ција наменета само за нас!? Ако бев  сама, сигурно себе  си ќе се наречев психотичар. Беше три и триесет.
Беснееше суштеството, или  што  и да  беше  и од каде  и  да  беше,  уште  дваесетина минути.  Го нареков „суштеството", зашто тоа што се случуваше  беше реално за двете, чие што потекло не го знаевме.
И слушајте сега внимателно. Како на даден знак, за дел од секундата настана мртва тишина. Јас и Анита стоевме простум и штотуку   помисливме, готово  е,  кога  чувме  тивко  клукање, како од клун  од голема птица, таму,  пред  нас,  на  стаклото од прозорецот. Муграта веќе   мижуркаше. Несигурно и внимателно правевме чекор по чекор, па застанувавме и повторно ослушнувавме. Клунот чукаше сѐ посилно. Погледнавме во стаклото  од прозорецот, но тоа беше совршено чисто. Сепак, не бевме глуви.  Продолживме уште чекор-два напред... Звукот  беше  појак  по интензитет, но и  понатаму  во  ист  ритам.   Дојдовме веднаш до стаклото од прозорецот. Заклучивме дека  зад  него нема ништо, но и понатаму го слушавме чукањето.  Без страв го допрев со раката стаклото и ја повлеков долж  него. Верувале или  не,  наеднаш дефинитивно сѐ престана во тој момент. Беше четири  часот  наутро,  а во близина се огласија петлите. До пет часот  останавме горе,  а  потоа   со поднадуени очи се симнавме долу во приземјето.
Брачниот пар, исто така, не спиеше. Нѐ  пречекаа  долу  пред  скалите со израз на лицето што сѐ кажуваше. Го  пиевме  сервираниот  топол  чај засладен со мед и помина долго време додека домаќинот проговори:
- Не верувам дека  сега сите  четворица ќе нѐ прогласат за психопати, ако  гласно проговориме за ова.
Во изразот на  нивните лица  ја немаше веќе синоќешната  напнатост  по  сознанието  дека   со нив е сѐ  во ред  и дека  не се  единствени  сведоци на ужасот  во нивниот дом.

7.

Но,  како  да  немаше крај  на  сѐ  нови  и  нови настани и содржини, што  ги нудеше димензијата на (п)адот. Некоја непозната сила упорно, но сигурно  ме влечеше сѐ  подолу и  подолу  во нејасен правец. Веќе  станував свесна дека  одлуката  што одамна ја донесов беше само  моја, а со тоа и одговорноста за последиците од неа.
 Следната недела продолжив со истиот интензитет на  контакти со луѓе  кои  бараа да ме  видат. Ќе се задржам на неколку интересни  средби и настани, потоа, ќе ви ги објаснам последиците од нив,  некои  со трагични, а некои  со  поблаги последици.
Специфичен беше случајот со Маја,  четириесетгодишна жена, која често ме  посетуваше. Не бевме се виделе два-три  месеци, сѐ до конкретнава средба. Пред да седне ѝ  сугерирав тоа  да  го направи на  столицата врз  која беше послано парче  кожа,  но,  подоцна  ќе  ви  раскажам за  неверојатното искуство со таа кожа. Маја ме послуша  и ме замоли да ѝ кажам  нешто околу здравјето. Веќе подолго време „некој" ми  помагаше и на  тоа поле,  така  што ми успеваше, неверојатно прецизно, да ги видам заболените органи или потенцијалните жаришта, актуелните, но и идните!
Влегов  во себе  и во концентрација очекував да  ми  наиде информацијата. На  моето лице  ништо особено не се забележуваше, освен,  одвреме-навреме, брзо движење на  очите лево-десно. Без да  го  доведувам одговорот до свесното, каде што би можел  брзо да се распрсне, заради вклучување на разумот и емоциите, изговарав брзо, првично, без логика. Во одредени моменти,  кога тој енергетски вртлог или сноп што се ширеше од опишаното место во точката над градите па сѐ до главата  се случуваше со поголема брзина  или  интензитет, тогаш  знаев дека со сигурност сум во право за тоа што ќе го изговорам.
Започнав со здравствениот скен:
- Јајникот..., мала циста лево, колено, десно, чувствуваш болка, вегетативни пречки... Маја, зошто не носиш  очила? Левото око ти  гледа пос- лабо.
- Знам - одговори нервозно  таа  - постојано тоа го одложувам и станува сѐ полошо.
- Лева града..., лево, долу, три-четири сантиметри тврдо - застанав, ја погледнав, ја замолив да направи ехографски преглед на градата, за секој случај.
Ми се  јави  по  четири до пет  дена  да  ме  извести дека направила  мамографија. Дијагнозата била бенигнен тумор - фибром и ќе ја оперирале за три недели. Среќа што дошла навреме.
Во секој  случај  бев задоволна, но неизбежен беше   оној  стар   немир.  Во чии   раце   сум   само  алатка, кој ме води?
Интересен и специфичен беше случајот со Маргарита, четириесетипетгодишна жена, која ширеше тешка аура и енергија околу себе. Ја запознав тука, на  сеансите, а таа  доста се  приврза за мене. Постојано беше „наелектризирана", со силен агресивен набој. Понекогаш ме  засмејуваше, но најчесто ме  „мелеше".  Зборуваше  брзо, гласно, некултивирано, манично. Се  префрлаше од една  тема  на  друга,  без  да  ја заврши претходната. Не ги сакаше  луѓето. Имаше  „некрофилски" аспект, та како мазохистички да уживаше во бизарни, мрачни, трагични  муабети, особено за оние  кои се починати. Не постоеше човек за кого немаше по некој лош збор.  Постојано „кукаше", проколнуваше. Тоа беше  најспецифично кај  неа. Толку жестоко  и често  фрлаше клетви, што имав чувство  дека  веќе  во следниот миг  ги прострелале оние на кои ги фрлаше! Но, внимавајте  на следното: при  секоја нова  средба доаѓаше со по една скршеница или шинат  зглоб  на рака, нога.
Така беше и тој ден. Левата подлактица ѝ беше во гипс, но тоа не ѝ пречеше да ги исплука со буица клетви сите кои ја вознемирувале тоа претпладне.
Најнапред го наклевети татко ѝ, за кој рече дека не може да  го  гледа. Потоа  сопругот, кој  не бил  способен за ништо, женскар и глупак; дојдоа на ред синот и ќерката, „неблагодарници низаедни" затоа што ги создала, сега требало со камата да  ѝ  отплаќаат цел  живот.  Потоа  на  ред беше  возачот на  автобусот, зашто возел  пребрзо, па продавачката во самопослугата каде што  купувала кафе за мене. Замислете, вештицата немала да ѝ врати ситно, па  оваа  ја направила партал. Кулминација било што пред  мојот  влез  некои  простаци   распростреле  и  переле   ќилими,  тука пред  скалите, па  морала да  врти  наоколу, заради што ги испцула. Меѓу  две  земања воздух,  успеав да ја потсетам дека лани беше  презадоволна кога  во еден  муабет се пофали:
„Баш  убаво  си  ги  исправ сите  ќилими пред  влезот. Мрзите околу мене си ги  носеа во сервис за  перење теписи. Туку, од кај им се парите за сервис, а? Аир да не видат!"
 Без најава и вон контекстот, почна со монолог:
 
 - Замисли, Марија, онаа никаквата Олга од село Трубарево, каде чесно си платив  да ми  растури  магии, ништо  не помогна. Среќа да не види! Ете, види ми ја ракава, така ме заштити? Арам да ѝ е, без раце останала, за леб да нема, да даде Господ!
- Во овој момент доаѓам од кај една  друга  жена,  живее  во Лисиче. Марија,  ако  сакаш карај  ме, тепај ме, ама  не  давам,  не давам  и готово... онаа уличаркана да  ми го земе синот. Ќе ја  уништам ако треба, ќе ја задавам, ама  не ѝ го давам!
 - Чекај, Маргарита, застани, земи воздух,  одмори се - се обидував да ја смирам.
- Море, каков  одмор,  бре,  само  си  го  чувам синот,  што правам лошо?  Не правам црна  магија, правам бела,  да си го сочувам синот  од уличарка- та...  Што мислиш ти, ќе ми успее ли,  или  џабе  и оваа  ми ги зеде парите, за болест да си ги даде, дај Боже!
Не можев веќе да слушам, ми  започна болка во вратот, трпки  по главата, а видот  почна да  ми се замаглува. Бев испразнета, како да ми ја снема  целата енергија. Земајќи  тешко  воздух,  ја замолив  да си оди, зашто  не ми е најдобро.
- И ти, и ти не ме разбираш, си играш со мене, навистина ова не го очекував од тебе - фрлајќи отровни стрели врз мене, конечно си замина.
Едвај стоев на нозе, а веќе телефонот немилосрдно  ѕвонеше. Се јави женски глас, што говореше македонски, но со српски акцент:
 - Овде е Институтот за макробиотика од Белград. Се јавува  професор Катица Васиќ. Во Белград многу  се зборува за вас госпоѓо Марија. Некако успеав да го пронајдам вашиот телефон. Ве молам...
Ја стиснав слушалката со испотената дланка и седнав на фотелјата.
 - Кажете, ве  молам,  но  кратко и  концизно -  мислев дека  веќе  полудувам.
- Еве, најкратко. Кредитната картичка ми ја нема веќе втор ден. Ја барав насекаде, а толку итно ми е потребна. Ве молам, дали можете да ми кажете каде  се наоѓа?
Ова беше премногу. Со крајни напори и со старата техника, со брзина на куршум,   изговорив:
 - Од ходникот каде што сега се наоѓате... првата врата лево, веројатно е спална соба со кафеав трокрилен плакар. Под постелнината, долу во плакарот ќе ја најдете вашата кредитна картичка, госпоѓо.
 - Чекајте за момент, ве молам, само да проверам.
Не бев сигурна дека точно  ја  упатив, знам само   дека спонтано ја изговорив реченицата, а понатаму, навистина, ми беше  сѐедно.
- Ало, ало - задишано се јави госпоѓата Васиќ за неполна  минута. - Па, вие сте чудо, ја најдов. Токму таму  беше. И сега ја  држам  во рацете. Би сакала  да  ви  испратам  пакет   со  макробиотски продукти. Кажете ми ја адресата... - со воодушевување  викаше гласот од другата страна.
Ја спуштив слушалката  и  се  струполив  врз креветот. Притисокот во ушите и очите  беше  неподнослив, дишењето отежнато, а немирот сѐ  поголем. Бев до крајна мера исцрпена, испразнета, без  мисла, без  чувство, без  здив,  осознавајќи само  како сѐ повеќе но, сигурно го препознавам мирисот на пеколот.
 Сум спиела кошмарно од истото попладне до следното утро. Претпладнето го поминав во разговор  со себе  си и си ветив  дека  понатаму ќе вни- мавам колку  се  оптоварувам. Кој знае по кој пат си  поставував прашање: „Што ако  ти  се  случи  да дадеш погрешно видување и да го одведеш својот ближен во погрешен правец. Зарем неговите солзи нема како бумеранг да ти ја изгорат душата? Луѓето на  кои  им  се  дадени дарови се  на  прсти избројани на планетава; најчесто се монаси, духовни подвижници,  скоро  безгрешни   луѓе,  кои максимално се обидуваат да  живеат по  Божјите закони. Невкусно е да се вбројуваш меѓу нив..."


(Продолжува)
* * *
Сите настани и ликови во романов  се апсолутно веродостојни.
Сменети се само  имињата  на некои  ликови

Друго:

Matka.odLit4.jpg

Мирјана Даниловска- Мина: „ОД УМОТ ДО СРЦЕТО" (1)

 Мирјана Даниловска- Мина: „ОД УМОТ ДО СРЦЕТО" (2)