01.jpg

Во овој радосен неделен ден, кој го означи почетокот на постот (14 август 2011 л. Г.), се случи еден прекрасен културен настан. Имено, денес во Бигорската свештена обител заврши седумнасеттата меѓународна Галичка книжевна колонија, која претходните три дена се одвиваше во Галичник. Нејзиниот торжествен крај во нашиот манастир беше замислен и раководен од истакнатата професорка по средновековна литература – Вера Стојчевска – Антиќ. Други учесници на културниот собир беа нашите еминентни книжевници: Георги Сталев, Тодор Чаловски, Благоја Иванов, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Весна Мојсова – Чепишевска, Владимир Мартиноски, Игор Крајчев, Иван Антоновски, како и поетите: Димитар Христов од Бугарија, Ана Багриана од Украина и Зоран Пешиќ – Сигма од Србија. Средбата започна со дарување книги за бигорската книгохранителница. Проф. д-р Вера С. Антиќ подари книги од областа на средновековната црковна книжевност, но и други дела; Институтот за македонска литература подари голем број на свои изданија; Димитар Христов од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Република Македонија подари околу 30 книги, претежно од областа на историјата; свои дела подарија и писателите учесници на оваа културна манифестација. Потоа, на големо задоволство на монасите од Бигорското братство, бројните гости и посетители на манастирот, започна поетското читање. Модераторот на програмата, актерот Страшко Милошевски, прв изрецитира песна од нашиот познат книжевен деец Блаже Конески, посветена на Бигорскиот манастир. Следеа и други стихотворби за манастирот и за Реканскиот крај, а потоа со свои одбрани поеми настапија сите учесници. Поетското читање беше навистина голема духовна сладост за сите присутни. По неговото завршување писателите беа поканети на заедничка трпеза на љубовта.

 02.jpg