ТВОРЕЧКИОТ ОПУС НА АКАДЕМИК РАДОВАН ПАВЛОВСКИ ВО 12 КНИГИ ОД "ЈУГОРЕКЛАМ"

Поезијата собрана во "Мојата ѕвезда"

Академик Радован Павловски. - Неговата поезија е преведена на над 50 светски јазици, а тој е добитник на многу престижни меѓународни награди и признанија

Деновиве од печат излезе првата книга од 12-те тома во кои ќе се печатат собраните дела на писателот, поетот, академикот Радован Павловски. Творечкиот опус на академик Павловски, кој датира од 1955 година до денес, е во редакција на авторот. Тематски , 12-те книги го содржат творечкиот и животниот пат на еден од најсовремените живи македонски поети кој дава оригинален белег во афирмацијата на македонската поезија во светот.
Дваесет и трите поетски збирки ќе бидат печатени во седум книги од собраните дела, и ќе излегуваат под насловот "Мојата ѕвезда". Во останатите книги ќе биде поместено творештвото од есеистиката, книжевната критика, текстови од богатите општествени активности, патеписи, монографии, одгласи за делото на Павловски, интервјуа. Во посебна книга ќе биде отпечатена богатата библиографија на авторот.
Во првата книга поезија се поместени четири збирки од поезијата на Павловски, почнувајќи од култната "Суша, свадба и селидби" (1961), потоа "Корабија" (1964), "Високо пладне" (1966), "Низ проѕирката на мечот" (1971).
Поезијата на Павловски е преведена на над 50 светски јазици, а тој е добитник на многу престижни меѓународни награди и признанија.
Издавач на собраните дела на академик Павловски е "Југореклам", а ликовен уредник е Кочо Фиданоски. Компјутерската реализација е на Методија Николовски-Спартак.

 

Извор:http://www.vest.com.mk/?ItemID=99A2F4D6BC50244492730364FE9D0F7E