Скопје, 19 декември (МИА) - Првиот независен издавач во Македонија „Ѓурѓа“ денеска  одбележува 20-годишен јубилеј. Од првата отпечатена книга (стихозбирката „Римјани“ од Паско Кузман во 1987 година) досега има објавено над 600 наслови. Годишната продукција на „Ѓурѓа“ е триесетина книги од областа на белетристиката, уметноста, науката и публицистиката, распоредени во повеќе едиции. За одбележување  на дведеценискиот јубилеј, оваа издавачка куќа годинава зацрта план да објавува по една книга неделно. Поставената цел е надмината зашто досега излегоа 62 наслова, а во печат се уште неколку изданија со кои ќе биде заокружена 2007 година.

„Ѓурѓа“ објави пет наслови од обемниот опус на познатиот швајцарски психоаналитичар Карл Густав Јунг, од кого досега на македонски јазик беа достапни само две книги. Во истата едиција се објавени и неколку наслови од Фројд и Фром. Во едицијата во која пред две години првпат на македонски јазик „Ѓурѓа" го објави автобиографското дело на Хитлер „Мојата борба", годинава ги отпечати и насловите „Фашистичка револуција“ од Мусолини, „Политички говори" од Гебелс, како и „Тајната историја“ од Прокопиј Кесариски која го разобличува владеењето на Јустинијан и Теодора.

Покрај изданијата од областа на психологијата и филозофијата, забележително место во продукцијата на „Ѓурѓа“ имаат над 30 монографии за ликовната уметност, како и преводните изданија од убавата литература и наслови од домашни автори. Најпродавани книги на овој издавач во втората половина на 2007 година се „Фашистичка револуција“ на Мусолини и „Најубавите светски митови“ од д-р Марко Китевски. Сите изданија на „Ѓурѓа“ овој месец се продаваат со попуст од 50 отсто.

Книгите се преведуваат изворно од оригиналните дела, а својата програма „Ѓурѓа" ја финансира самостојно. Според Никола Костески, основачот на „Ѓурѓа", куќата не води трендовска политика според топ-листи на странски издавачи. - Објавуваме проверени книги, оние кои недостигаат овде. Си градиме наш профил, вели Костески.

Во изминатите 20 години „Ѓурѓа" беше издавач на неколку списанија, меѓу кои меѓународното списание за култура Lettre Internationale, основано од Антоним Лим од Париз, и World Press Избор кое, по 12 години, во 2004-та престана да излегува поради експанзијата на интернетот. хс/паг/10:38