РОМАНОТ НА ГОЦЕ СМИЛЕВСКИ СО ПЛАНЕТАРНИ РАЗМЕРИ


Македонија добива светско литературно чудо

"Сестрата на Зигмунд Фројд" ќе биде објавен во 20 земји, што е исклучително редок случај за дела од млади автори


Како можеби ниту еден друг роман од млад македонски автор во нашата историја, делото "Сестрата на Зигмунд Фројд" од Гоце Смилевски ќе биде објавен во 20 земји во светот! Покрај најголемиот светски издавач "Пингвин УСА" за САД и "Пингвин УК" за Велика Британија, романот на Смилевски во своите програми за објавување го вклучија и низа други познати издавачи. Меѓу нив се и "Белфонд" од Франција, "Гуанда" од Италија, "Објектива" од Португалија, "Кинерет" од Израел, "Бертранд/Рекорд" од Бразил и "Амбо Антос" од Холандија.

На шпански јазик за Латинска Америка, САД и Шпанија романот "Сестрата на Зигмунд Фројд" ќе го објави "Алфагуара" од Мадрид, а за скандинавските земји делото го откупи "Гилдендал Норск" од Норвешка. "Сестрата на Зигмунд Фројд" ќе се појави и во Чешка, во издание на "Одеон", во Турција, во издание на "Немезис" и во Унгарија, во издание на "Нуитот".

Во земјите на поранешна Југославија и на Балканот издавачи на делото на Смилевски ќе бидат "Цанкарјева заложба" од Словенија, "Фрактура" од Хрватска, "Архипелаг" од Србија и "Колибри" од Бугарија. Првиот превод на "Сестрата на Зигмунд Фројд" ќе се појави во Италија, во септември оваа година.

Авторот Гоце Смилевски за ВЕЧЕР објасни дека високиот број на понуди за превод е исклучително редок случај кај млади автори од светот.
"Интересот за "Сестрата на Зигмунд Фројд" продолжува кај издавачите во светот, што е многу важно затоа што ретко се нуди ваква можност на автори под четириесет години. Слично беше пред неколку години по Франкфуртскиот саем, со книгата "Мерењето на светот" од германскиот автор Даниел Келман", вели Смилевски.

"Дијалог" од Скопје неодамна објави трето издание на овој роман, за кој Смилевски минатата година ја доби Наградата за литература на Европската унија што ја доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи.

Феномен на светскиот книжевен пазар
"Романот "Сестрата на Зигмунд Фројд" од Гоце Смилевски веќе е феномен на светскиот книжевен пазар. Тоа почна на Саемот на книгата во Франкфурт 2010 и се уште трае. Смилевски припаѓа на новата генерација автори од Централна и Јужна Европа чија визија е храбра и неопходна во нашиот свет кој се менува", истакнува Пјер Астие, сопственик на Агенцијата "Астие" од Париз која посредува во обезбедувањето на авторските права за објавување на делото.

(Де.Т.) Вечер

 

 http://vecer.com.mk/?ItemID=0788019B8FF8F94C88FCDF18A9E4A805