КОНТРАСТАВОВИ за јазикот


Зборовите како „твитање“ (на македонски - црцорење) и „гуглање“ (со значење - пребарување на Интернет) веќе се одомаќинети во секојдневната комуникација. Тие одамна се употребуваат, не само во англиското јазично подрачје, иако јазичните пуристи и ова ќе го прогласат за ерес. Дали подобро се разбираме ако кажеме „ќе те пребарам на Интернет“ или „ќе те гуглам“? Одговорот зависи од тоа кого ќе го прашате. Помладата генерација „гугла“, додека постарата и понатаму „пребарува“.

Но дали позициите на научните институции за и против јазичниот пуризам неочекувано се променија?!
Јазичниот пуризам, кој е често присутен, е антиисториски и антиприроден процес, изјави неодамна претседателот на МАНУ, Георги Старделов, на конференцијата посветена на состојбите на македонскиот јазик.

Ваквата неочекувано либерална изјава на еден академик, уште повеќе и претседател на највисоката научна институција на која честопати и се забележува за конзерватизам и анахроност, е поттик за лингвистичка расправа околу постоењето страв од експанзијата на нови зборови во јазикот. Ставовите на лингвистите од научните институции, за чудо, овој пат се помалку храбри од оние што пристигнаа од врвот на МАНУ.

За и против

Старделов не го признава стравот од новите зборови бидејќи смета дека „јазикот не може да се затвори во ковчег и да се изолира од духот на времето“ и дека тој е „постојано нов како што се нови темпоралните околности што непосредно влијаат врз него“.

Веселинка Лаброска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, има контрастав. Таа вели дека, за жал, кај нас никој не се залага за јазичен пуризам и дека дури се малку подопустливи отколку што треба во примањето туѓи елементи, посебно туѓа лексика во македонскиот јазик.

- Јазичниот пуризам како чувство што го градат говорниците на македонскиот јазик во односот кон својот јазик апсолутно го нема. А треба да го има барем во смисла на негување и употребување онаму каде што нема потреба од туѓа лексика. Понекогаш самите се наоѓаме во ситуација да употребиме странски збор, наместо наш, иако го имаме, иако е прекрасен и може да покрие исто семантичко поле, односно исто поле на значење како странскиот збор - вели Лаброска.

Јазичниот пуризам, според неа, секогаш е неопходен во мала доза.

- Треба да го има секој јазик, зашто тоа е градење на чувство, пред сé, дека треба да се грижиме за своето. Се разбира, не со негација на туѓото, туку со градење доза за тоа колку смееме да примиме нешто туѓо во сопствениот јазик и колку е тоа неопходно. Во информатичката технологија, првенствено, некогаш не сме во состојба да најдеме соодветен преводен еквивалент на македонски јазик. Тогаш прибегнуваме кон англиската варијанта. Во принцип ние, јазичарите, сметаме дека треба да се има изграден однос кон јазикот. Треба да се гради таков однос, особено кај децата, во рамки на образовниот систем. Треба повеќе да работиме на негување на своето во јазикот - децидна е директорката на Институтот за македонски јазик.

Владимир Цветковски, универзитетски професор во пензија, пак, е полиберален во оваа смисла. Тој е првиот англист од базичното јадро на Катедрата за англиски јазик и книжевност што се стекнува со титулата доктор на науки.

- За одредени јазици пуризмот е карактеристичен. На пример, во германскиот јазик постојат сложенки што се создадени по урнекот на грчкиот јазик, а Германците ги преведуваат. Веројатно по тој урнек тргнаа и Хрватите. Меѓутоа, ако го земете за пример англискиот јазик, таму пуризам не постои. По таа логика, не можете ни од македонскиот јазик да ги исфрлате сите зборови што стигнале како наследени од историскиот процес. Ние имаме многу грчки зборови, огромен број латински зборови, турцизми... Едно време се избегнуваа, но сега повторно се појавија. Тоа е дел од нашата реалност - вели Цветковски.
Според него, не можеме да се изолираме во кафез и да го одбиваме тоа влијание.

- Влијанието на англискиот јазик кај нас е многу видливо. На таа „опасност“ не е изложен само македонскиот јазик. Не можеме да се изолираме од тоа што се случува денес. Јазикот е најверодостојниот хроничар што ги бележи сите културни, па и пријатни и непријатни работи што се случуваат во светот - вели Цветковски.

Адаптација

Маријан Марковиќ, доктор по филолошки науки и вонреден професор на Филолошкиот факултет, пак, смета дека не би требало да се дозволи збогатување на лексиконот со туѓи зборови, туку дека тие треба да се адаптираат.

- Со добра адаптација јазикот би можел да се збогатува и со меѓународна терминологија, посебно во областа на технологијата, како што е компјутерската. Јазикот треба да се збогатува и со тоа што претставува база на македонскиот јазик - вели Марковиќ.

Лаброска се согласува дека јазикот е отворен на влијанија во глобалниот свет, особено со многубројните начини на масовна комуникација, но предупредува дека јазичарите и професорите по македонски јазик треба да најдат вистинска мерка, односно да не дозволат влијанието да биде многу големо.

- Но, верувајте, нема јазик во светот што не е отворен за влијанија. Можеби некоја изолација постои во некое племе што сé уште живее во крајно изолирани природни услови. Но една од основните активности на лингвистите и на професорите по мајчин јазик не само кај нас туку и секаде во светот е да ги ограничат туѓите влијанија. Ние треба да му кажеме на подмладокот колку туѓа лексика смее да се прифати и колку таа смее да се користи во социјалната комуникација. Треба да се внимава на чистотата на јазикот, дури и во секојдневната комуникација - категорична е директорката на Институтот.

ОК е најголемиот американски изум

Американското дијалектичко здружение, интересна институција што е основана уште во 1889 година, покрена иницијатива за избор на збор на годината. Од 1990 година на дебата во Балтимор тие се обидуваат да постигнат консензус за тоа кој збор ја обележал годината. Оттогаш тоа го прават во првата половина на секој јануари. Правилото е дека новиот збор не мора задолжително да биде нов, но мора да биде значаен за изминатите 365 дена, според зачестеноста на употребата, важноста и пораката што ја носи.

Тој збор треба да биде некој вид „временска капсула“, за на најсоодветен начин да изрази „кои сме и каде сме биле“ во поминатата година. Слични избори прават и други здруженија, но ова има најголем авторитет. Меѓу нивните членови се наоѓа лингвистот, кој за „непристојниот“ и во сите јазици често спомнуван збор што означува сексуален однос, а во англискиот јазик почнува со буквата „ф“, напиша цела книга. Друг член на здружението, пак, напиша дело што се занимава со кратенката ОК, со тезата дека таа е „најголемиот американски изум“.

За зборови на годината досега биле избрани „твит“, „гугл“, „веб“. Во финале како еден од најсериозните кандидати бил и „најнилевен“ (тука целиот настан од 11 септември е конципиран во еден збор: „9 (најн)/11 (илевен)“). Кандидиран бил и зборот „блог“, но оценето било дека е премногу „грд“. Во потесен избор влегол и „текст“, но не како именка, туку како глагол што означува кратки пораки преку мобилен телефон. Актуелен збор бил и „грин“ (зелено), како шифра за заштитата на животната околина, како и кратенката Х1Н1 - официјална идентификација на свинскиот грип.

Изборот на зборови на годината и деценијата го потврди на поинаков начин она што отсекогаш се знаеше - дека јазикот е „жива материја“ и дека ефектот на неговите официјални чувари и лингвистички пуристи во неговата еволуција е – занемарлив.


Сиромашни и богати јазици

Науката за јазикот одамна го има апсолвирано заклучокот дека никој не може со сигурност да знае колкав број зборови користат луѓето кои меѓу себе се разбираат на некој јазик. Некои светски лингвисти тоа го дефинираат на следниот начин: „Секој јазик има тамам толку зборови колку што во одреден историски контекст им се потребни на неговите корисници“.

Но лингвистите или поголемиот број од нив не се загрижени многу за „квантитетот“ на јазикот. За нив од суштинско значење е „квалитетот“, бидејќи само тој (во смисла на „функционалноста“ на јазикот како алатка за меѓусебно разбирање на луѓето од една заедница) е достоен за научно и стручно елаборирање.
Лексикографите, базирајќи се на достапните податоци, оперираат со лексиконски квантуми од максимални 400.000 номинални единици набележани во одреден речник. Тоа се речници од најголем обем. Таков е рекордерот, познатиот „Миријам-Вебстер“, англиски толковен речник со околу 450.000 збора. Има речници и лексикони со по 200-300 илјади збора. Тоа се речници од среден обем и таков е Оксфордскиот речник, кој нема повеќе од 300.000 збора. Стандардна бројка е 60 до 200 илјади определници, колку што имаат најголемиот број речници.

Кога ќе биде завршен во своите шест тома, нашиот толку очекуван Толковен речник на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе има, како што се предвидува, над 100.000 збора. Досега се објавени четири тома, а петтиот е во подготовка и треба да излезе до крајот на годинава.

 

Експанзија на информатички термини 
 
 Англиските компјутерски зборови се одомаќинија во нашиот јазик. Така, наместо во придружен документ, текстови и слики се испраќаат преку атачмент, а на интернет-страниците се појавуваат банери наместо реклами. Слична ситуација постои и со транскрипцијата на имињата на техничките уреди, па наместо преносни компјутери, речиси сите продавници за компјутерска опрема продаваат лаптопи, како и аксесорис-елементи, ЦРТ-монитори, ТВ-тјунери. Ваквата хаотична ситуација доведува до своеволното и произволно преведување на специфичните компјутерски и информатички термини.


Шекспир користел 70 илјади збора, Конески над 3 илјади 
 При пресметката на вокабуларот на Вилијам Шекспир се покажало дека тој бил вонсериски јазичен гениј со речник од 70 илјади зборови, што е квантум многу поголем од 50 илјади лексички единици што активно и пасивно (според контекстот) ги разбира екстремно високообразован човек. За Пушкин, пак, Русите пресметале дека во својот опус употребил 21.197 збора.

Според некои статистики, пак, Блаже Коневски, чиј вокабулар се смета за еден од најбогатите, во својата поезија користел 3.278 збора, а во прозата 5.237 лексички единици, или вкупно 6.904 збора.

Насилно преведени зборови 
 Министерството за информатичко општество (МИО) издаде поимник на информатички термини, кој според некои лингвисти, не е многу од корист. Забелешките се дека поимникот нема методологија, ни критериум при изборот на зборови. Зборовите што се вклучени не се ни толкувани на ист начин: некои се преведени (фолдер - папка, десктоп - работна површина), а некои се описно објаснети (онлајн - вклучен на линија, офлајн - исклучен од линија).
Зборот гаџет, според лингвистите, е најсмешното решение во овој поимник. Според МИО, гаџет треба да се именува со џиџе, збор што инаку потекнува од детскиот говор и значи симпатична (привлечна, шарена, светкава...) дреболија, од каде што е пренесен и во разговорниот јазик. Со овој поимник тој се официјализира на ниво на стручен термин. Второто апсурдно објаснување што стои кај гаџет е украсен уред или украсна програма.


Други примери за зборови што се насилно преведени во прирачникот се:
- провајдер - испорачувач (на кој интернет-испорачувач си?)
- аксесибилити визард - волшебник за пристап
- карактер спејсинг - меѓузнаковно растојание
- сервер - опслужувач
- чек бокс - поле за избор
- квешчн марк - знакот прашалник (кај нас е само прашалник, па нема потреба од знакот)
- волпејпр - тапет (во некои контексти ги викаме постери, а во ИТ обично се однесуваат на заднина за десктоп или нешто слично)

Туѓа лексика - најчести примери 
- гугла - пребарува
- шопинг - купување
- фаст фуд - брза храна
- принтање флаери - печатење летоци
- кастинг - избор
- кул, тренд, ин - модерно
- аут - старомодно
- онлајн - вклучен
- офлајн - исклучен
- експлорер - пребарувач
- атачмент - придружен документ
- банер - реклама на сајт
- лаптоп - преносен компјутер

  
Автор: Весна Дамчевска / Ивана Нолчева

Нова Македонија