"Остатоци од друг свет" (Remnants of Another Age) е насловот на поетската книга на Никола Маџиров, која што доживува голем успех во САД, каде што е и објавена. Таа е меѓу десетте најпродавани и најчитани поетски книги од европски автори, ова се резултатите од светската книжевна интернет-страница Амазон", каде што поезијата на Маџиров по читаност е веднаш зад поетските книги на Рилке, Рембо, Маларме и Аполинер, а пред Песоа, Де Гонгора, Херман Хесе и други автори.

Страницата Амазон" го претставува Маџиров како еден од најмоќните поетски гласови на новата европска поезија. Поетската книга, која е објавена од американската значајна издавачка куќа БОА едишнс", е на англиски и македонски јазик, и вклучува рецензии од една од најзначајните живи американски поетеси Каролин Форше, како и на неколкукратниот и годинашен кандидат за Нобелова награда за литература Адам Загајевски и добитникот на Златниот венец на поезијата Томаж Шаламун. Преводот на книгата на англиски јазик е на Пеги и Греам Рид, Магдалена Хорват и Адам Рид.

За успехот на Никола Маџиров зборува и фактот што тој наскоро ќе замине на месечна поетска турнеја низ неколку значајни американски универзитети, вклучително и на Њујоршкиот, како и на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

(Д.Т.)