Поемата „Адам од Говрлево“ е обид за поетско претставување на тој значен археолошки пронајдок, како и пораките што ги носат археолошките остатоци пронајдени на оваа богата културно-историска почва, истакна Милован Стефановски, годинашниот лауреат на поетската награда „Григор Прличев“, која традиционално се доделува во чест на охридскиот поет-преродбеник  
  
  
Обраќајќи се на манифестацијата „Прличеви беседи“, која се одржа викендов во Центарот за култура во Охрид, Стефановски рече дека преку „Адам од Говрлево“ се обидел да го воспее создавачот на тоа дело.

- Современите македонски поети благодарение на овој конкурс успешно го продолжуваат делото на Прличев од пред 150 години, а сите ние докажуваме дека јазикот е основата врз која можат да се искажат сите нешта за одбрана и на името и на идентитетот и на она што во уметничка смисла е наше најсилно оружје за претставување во светот - рече Стефановски.

За актуелните политички збиднувања и негирањето на македонската посебност лауреатот рече дека токму примерот со Прличев потврдува дека ова што се случува денес воопшто не е случајност, истовремено нагласувајќи дека моќта на аргументите се на македонска страна.


Извор: Нова Македонија