ИДЕЈА ОХРАБРЕНА ОД ПРИМЕРОТ НА ХРВАТСКА

Весна Дамчевска

Неопходна е поддршката од Министерството за култура и на книжарството, а не само на издаваштвото, бидејќи така ќе се заокружи стимулацијата за книгата и читањето, а книжарниците ќе ја добијат и својата културолошка мисија, а не само комерцијалната улога, вели Христо Петревски, претседател на Конзорциумот на издавачите.

Ова е интересна идеја, ама треба да се стави на хартија и да се испрати во Министерството за да може да се разгледа, велат од одделението за јавност на ресорното министерство.

Иницијативата на Конзорциумот на издавачи на Македонија доаѓа по една од последните одлуки на Министерството за култура на Хрватска за доделување поддршка на книжарниците за поттикнување книжевни програми идната година. Ова е првпат од хрватската самостојност државни пари да им се доделуваат и на книжарите.

- Жално е што во Македонија има градови без книжарници, затоа апелираме до Министерството за култура да им посвети сериозно внимание и на книжарниците, зашто попусто се издаваат книгите ако не стигнуваат до читателите - вели Петревски.

Според него, сосема е во ред државата да го помогне отворањето нови книжарници, но и да ги стимулира постојните книжарници за организирање најразлични квалитетни книжевни содржини.

- Така, книжарската дејност со поддршка на Министерството може и треба да се збогати со голем број промоции на книги и популаризација на читањето преку книжевно-авторски промоции, тематски книжевни средби, книжевни приредби, манифестации, книжевни работилници и други слични акции. А, за сето тоа да се реализира, Министерството треба да распише само еден јавен повик за доделување материјална поддршка за книжевните програми во рамките на книжарската дејност, на што веруваме ќе се јават речиси сите постојни книжарници - вели Петревски.
Хрватите се уште не знаат колку пари ќе бидат одделени за оваа намена, но за првата година износот ќе се движи помеѓу милион и два милиони куни (140-280 илјади евра). Парите ќе бидат наменети за програми за популаризација на книгите и читањето, што значи за претставување автори и изданија, како и за книжевни настани, фестивали, работилници. Целта на оваа акција е поттикнување на културата на читањето, стимулирање на независните книжари и зголемување на достапноста на книгите и списанијата.

 Извор:Време

Посети:{moshits}