(Георги Старделов: "Слушате ли, Каинавелијци?";
МАНУ и Фонд Трифун Костовски)

При средбата со оваа најнова книга на Георги Старделов, првото што фасцинира е самиот предмет на книгата: огромниот и разгранет опус на Славко Јаневски, творец кој, како што и времето кое поминува се повеќе го потврдува, оставил еден неизбришлив печат врз летописот на македонската литература на дваесеттиот век. А веднаш потоа, вториот повод за одушевување е сиот тој огромен труд на Георги Старделов да навлезе во опусот на Јаневски, како и притоа пројавената моќ на разбирање, разгатнување и толкување на многубројните пластови на делото на овој наш писател, способноста за проникнување во неговата суштина и креативноста при неговата интерпретација.

Творештвото на Јаневски е едно грандиозно здание, единствено во македонската книжевност, за чие целосно согледување е потребен значаен напор. Делото на овој писател се состои од петнаесет романи, шест книги раскази, единаесет книги поезија, осум книги за деца - тоа е еден опус од над четириесет книги, од десетици илјади страници, опус кој бара од оној што се нафаќа со неговото изучување подготвеност за приоѓање кон секое одделно остварување во неговата посебност а, исто така, и способност за откривање и разјаснување на поврзаноста на тие остварувања во еден специфичен систем на осмислена севкупност. Почетоците на ова творештво паѓаат во годините на раѓањето на новата, повоена македонска литература и обоени се со еден пред се емотивен изблик на пренагласениот занес и понесеност од идеите на своето време. По еден период на барања и испитувања на изразните можности на јазикот и на вклучување во стилските разгранувања на светските текови на литературата, интересирањата на Јаневски добиваат своја фокусираност и се сосредоточуваат врз некои суштински теми кои стануваат доминантни во неговите дела. Се јавуваат, како што тоа го класифицира Георги Старделов, итарпејовскиот циклус во неговата поезија, и кукулинскиот циклус во неговата проза: две големи целини кои се наложуваат како клучни и кои го водат овој опус кон едно маестрално остварено единство.

Во оваа книга што денес е пред нас, Георги Старделов го согледува низ еден аналитичен и, истовремено, синтетичен пристап творечкиот пат на Јаневски. Тој тоа не го прави сега, отпосле, откако ова творештво ја добило својата завршна точка: овој критичар и интерпретатор на творештвото на Јаневски го следеше авторот со децении, речиси од книга во книга, при нивното настанување и објавување, а сега, на крајот, го дава својот заокружен поглед врз целината на опусот, согледувајќи го во сета негова чудесно остварена целосност.

На Старделов, како толкувач на творештвото на Јаневски, особено му е блиска темата на историјата вткаена во романескниот преплет на романите од "кукулинскиот циклус". Во средиштето на своето внимание овој критичар го става она што тој го нарекува "македонска историска драма" или "нашиот трагичен историски пат". Резимирајќи го присуството на историските настани вткаени во прозното ткиво на декалогијата за Кукулино, Старделов уметноста на Јаневски ја нарекува "историска уметност" и, истакнувајќи дека "симболичната визија на историјата Јаневски ја открива како земен пекол", ја дефинира централната оска во мисловната схема на овој автор.

При средбата со литературата на Јаневски, во критичарскиот систем на Старделов се раѓа она што тој самиот го наречува "иманентна херменевтика". За оваа постапка Старделов вели: "Толкувањето на делото за нас не е репродуктивен, туку еминентно продуктивен креативен чин. За нас текстот има свој онтолошки статус и толкувачот мора да се држи до него и него да го открие токму како таков (...) Критичкото начело, пак, на иманентната херменевтика е држањето за авторот и неговиот текст, односно: самиот автор и неприкосновеноста на текстот да зборуваат низ критичарот во неговото толкување." Секако, со ваквиот пристап критичарот останува, во значајна мера, верен на делото за кое пишува, и неговите идеи произлегуваат од оние места во текстот кои му ја даваат својата несомнена поткрепа при вообличувањето и формулирањето на ставовите до кои дошол низ анализата на уметничкиот материјал. При ваквиот процес критичарот го црпи својот доказен материјал од самото дело и дури може да се рече дека тој, во својата интерпретација, се служи со истите оние средства кои уметникот ги употребил при создавањето на делото. И покрај оправданоста на овој метод, и неговите   несомнено   успешно   реализирани   постулати во постапката на Старделов, ние не можеме а да не зажалиме понекогаш што овој сјаен есеист, во некои мигови, не се впушта во поширока анализа и надвор од прогласените начела. Поради тоа изостанува, ни се чини, можниот компаративен пристап, и извонредната ерудиција на Старделов, неговите богати знаења, особено од областа на филозофијата, не доаѓаат доволно до израз. Се разбира, Старделов во оваа книга, за среќа, не останува секогаш само на прокламираните начела, туку се впушта и во пошироки анализи, со што неговиот пристап кон делото на Јаневски несомнено добива во убедливоста и во ефикасноста.

Оваа книга можеме, мошне оправдано, да ја сметаме како една книга-средба на две особени книжевни индивидуалности: Георги Старделов и Славко Јаневски. Впрочем, извонредно плодоносното содејство на овие двајца писатели не е од вчера: уште од 1966 година, значи уште пред повеќе од половина век, Старделов почнува систематски да го проучува литературното дело на Јаневски, посветувајќи му значаен број критики, есеи, беседи, предговори, но и цели книги-студии : "Ехрептепшт таседотсит" (1983) и "Керубиновото племе" (1995). Ако го гледаме овој однос на две креативни посебности како еден вид заемно дејство, тогаш, со многу право, можеме да констатираме дека со специфичната естетика на своето литературно проседе Јаневски му го дал основниот поттик на Старделов да ја оформи својата постапка на "иманентна херменевтика" а, исто така, можеме да претпоставиме и дека Старделов, со својот продлабочен и недвосмислено афирмативен пристап, му дал една значајна поддршка на Јаневски за да остане во уверување дека е на вистинскиот пат и дека треба без двоумење да продолжи по него. Врз основа на ваквото согледување на односот помеѓу творецот и интерпретаторот на книжевното дело, можеме да дојдеме до едно ново вреднување на улогата на интерпретаторот: како улога на толкувач кој станува соучесник.

Се разбира, по оваа обемна и речиси сеопфатна книга за творештвото на Јаневски, ниту едно ново приоѓање кон она што го создал овој писател не ќе може да биде реализирано без земањето предвид на ставовите и сознанијата до коишто дошол Старделов. Овој наш критичар и есеист, книжевен трудбеник со огромна творечка енергија и завидна луцидност, ги дал тука, во овој извонредно значаен труд, клучевите за разбирањето на сето творештво на Славко Јаневски и ги поставил реперите од кои ќе мора да тргне секое натамошно проучување на оваа исклучително маркантна фигура во развитокот на современата македонска литература.

Една од мошне впечатливите одлики на постапката на Георги Старделов е способноста на овој критичар и есеист да се одушевува од уметничките остварувања за кои пишува. Старделов умее да се залага за творецот што го одбрал без остаток, еуфорично, занесено, не штедејќи ги пофалните зборови. Спојувајќи ја возбудената понесеност со почитувањето на фактографските детали, емфатичната поткренатост на тонот со способноста за јасна и прецизна дефиниција, овој критичар создава текст кој по своите стилски квалитети честопати не заостанува зад четивото кое послужило како поттик. Кај него аналитичноста не ја исклучува восхитеноста, туку, на еден особен начин, и дава поттик и оправдување. Неговиот приод кон уметникот и неговото дело не е ограничен со самоцелноста, со желбата да го истакне на прв план своето согледување: тој умее да се поистовети со делото кое е пред него и таа своја опиеност од неговите вредности да ја пренесе и на својот читател. Оваа книга е уште еден доказ за креативниот приод на Старделов кон оние творци и дела од нашата литература кои ја заслужиле привилегијата да бидат објект на неговите интерпретаторски пристапи.
Снабдена со еден извонредно корисен придружен материјал, со биографија и библиографија на Јаневски, со список на текстови што Старделов ги објавил за книгите на овој автор, со автореференцијалните искажувања на Јаневски за себеси, за своите книги, за творештвото од другите области - сликарството и филмот - оваа книга претставува едно комплетно остварување кое сестрано го осветлува она што овој плоден творец го создал, прикажувајќи го во сета негова разновидност, богатство и големина.

Со издавањето на оваа извонредно значајна книга, Фондацијата Трифун Костовски го докажува уште еднаш своето високо место во македонската култура како поддржувач на особените вредности од областа на науката и литературата.