Книгата раскази „Светилка за Ханука“ од Томислав Османли промовирана на српски јазик

Скопје, 22 ноември (МИА) - Книгата раскази „Светилка за Ханука“ на  Томислав Османли во превод на српски јазик е промовирана во Суботица, во рамки на регионалната еврејска конференција Limmud Keshet.

- Објавувањето и претставувањето на мојата книга пред овој собир веќе по себе е комплимент за еден автор кој на пишувањето на овие текстови се определи свесен дека драмата на геноцидите продолжува и по оној најтрагичниот кој им се случи на шест милиони луѓе само зашто беа припадници на еврејскиот народ и вера, истакнал авторот  Османли, кој  на    промоцијата потпишал околу 300 книги преведени на српски јазик.

Ова е второ издание на книгата „Светилка за Ханука“ со поднаслов „Девет јудео-балкански повести“. Прозните текстови откриваат различни аспекти и значења на галеријата ликови и се врзани за животот и воената трагедија на Евреите, главно од различни сефардски региони на Балканот.

Книгата првпат беше обајавена лани во Скопје, двојазично -  на македонски и на англиски јазик. Одделни текстови се објавени во повеќе странски списанија во Полска, САД, Белгија и во Србија. хс/ 14:44