Esen.manastir1.jpg

КУЛТУРАТА НА ОДНЕСУВАЊЕТО КАКО ПРЕДИЗВИК

Деновиве, пред нашата јавност, се појави книгата на д-р Лефтер Манче посветена на убавото однесување и добрите манири на луѓето. Книгата се вика „Културно однесување“, има 127 странички, убаво е укоричена и илустрирана. Самата формална структура на делото се состои од Предговор, Основни правила на однесување, Однесување во семејството, Општествено однесување и Поговор, а истите делови се исполнети со повќе заглавија. „Културно однесување“ е книга издадена од Здружението на граѓани по потекло од с. Загоричани, Егејска Македонија, денеска во Република Грција.
Во овој тип на книги (кои се многу ретки во македонското издаваштво), најважна е желбата и страста на авторот да ги пренесе своите сознанија за добро воспитување, манири, однесување, меѓучовечка комуникација со таканаречениот „говор на гестикулацијата“ и, се разбира, светското искуство, елеганција и шарм кои се стекнуваат во комуникација со видни општественици, научници, уметници, спортисти и интересни луѓе кои се од различни делови на светот и се носители на поинакви и различни култури од нашата. Но, тоа се луѓе на кои им е својствен еден заеднички именител – тие се личности со беспрекорен стил на однесување и висока култура.

Токму д-р Манче е личност со беспрекорен стил и е еден од најголемите интелектуалци во нашата дијаспора. Тој е угледен канадски хирург, еден од првите пластични хирурзи во Онтарио, џентлмен од Отава кој се среќава со канадски и светски угледници. Сопственик на клиника во Унгарија. Едновремено, со голема животна трагика (докторот е дете-бегалец од граѓанската војна во грција во 1948 година), поминувајќи го најраното детство во детските бегалски кампови во Унгарија, д-р Лефтер Манче станал полиглот и интелектуалец од висок маштаб, со завршени два факултета, со безброј семинари и медицински усовршувања во САД, Европа и во светот. И голем број на научни публикации.

Ја имавме среќата со д-р Лефтер Манче еден извесен период интензивно да комуницираме и да разменуваме мислења по многу канадски и македонски теми и дилеми. Секогаш, во буквална смисла на зборот, докторот ја користи логиката и анализата барајќи одговори на темите и во двете општества – канадското и македонското.

Тој како искрен патриот, врвен хирург, но, и светски интелектуалец, ни ја подарува оваа книга „Културно однесување“ на сите заинтересирани во нашата земја и секаде каде што се чита на македонскиот јазик.

Неговата широка личност, повторно и со овој потфат (сите приходи остварени со продажбата на книгата да се доделат на Домот „11 Октомври“ за децата без родители), ја покажува филантропијата на д-р Манче, на секој можен начин се труди да им помогне на оние кои имаат потреба од помош.
„Културно однесување“ е книга каква што секое граѓанско семејство треба да има во својата домашна библиотека. Тоа е сериозна книга и претставува вид на дело кое може да биде од огромна помош.

„Културно однесување„ е книга наменета за сите нас, што сакаме да го видиме и македонското граѓанство еднакво со сите други европски граѓанства во моменти кога треба да се запознае со непознати, кога треба да користи прибор за јадење каков што не користел или кога треба помлад господин да поздрави дама.

Ете, ова издание е уште еден чекор на патот кон големата светска култура и поведение, направен од еден светски човек кав што е д-р Лефтер Манче.

Сашко Насев


 

Esen.manastir1.jpgД-р Лефтер Манче е роден во с. Загоричани, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Во текот на граѓанската војна во Грција во март 1948 година, заедно со илјадници други деца, бил принуден да го напушти родниот крај и да биде сместен во детските домови во Унгарија. Таму завршил основно училиште, гимназија, факултет за физичка култура, а потоа се запишал на медицинскиот факултет во градот Дебрецен каде што дипломирал со одличен успех, поради што бил задржан како хирург во Клиниката на одделот за општа хирургија.

Во 1973 година по краток престој и специјализација во Копенхаген, се иселил во Канада, каде што му се придружиле сопругата и двајцата синови.
Во Универзитетската клиника во Отава, работел како хирург за абдоменални болести и со свои стручни трудови учествувал на голем број меѓународни конгреси, семинари и советувања и научни собири.

Во 1980 година во Отава ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија и тоа за липосукција, пластика на лице, очи, гради и пресадување на коса. Д-р Манче бил втор хирург во Онтарио кој извршил липосукција и ги има напишано првите статии за оваа проблематика во канадската и унгарската медицинска литература.

На неговите многубројни патувања во многу земји и светски метрополи и средби со еминентни стручњаци и личности, се запознал со различни култури и начин на убаво однесување што го поттикна да ја напише оваа книга, а посебни искуства од оваа област стекнал во ексклузивниот хотел Мариот - Будимпешта којшто е еден од најеминентните хотели во централна Европа и каде д-р Манче е редовен гостин од 1982 година.

  Esen.manastir1.jpg

Друго:

Д-р Лефтер Манче - Однесување во семејството