НУБ „Св. Климент Охридски“ -Скопје издаде персонална библиографија за Крсте Петков Мисирков

Скопје, 16 ноември (МИА) - По повод 135 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, издаде персонална библиографија за големиот национален идеолог, славист, фолклорист и публицист.
 
Библиографијата „Крсте Петков Мисирков“ содржи над шестотини референци за монографски публикации и статии во зборници и списанија од Мисирков и за Мисирков, со што сите идни проучувачи на делата на овој автор, на едно место ќе можат да најдат информации за досега објавените истражувања и студии.
 
Библиографијата е изработена од Библиографскиот центар при НУБ „Св. Климент Охридски“ согласно највисоките меѓународни стандарди за библиографски опис, а ќе биде дистрибуирана до сите градски библиотеки во Република Македонија, како и до неколку светски библиотеки, со што се афирмираат темелите на македонската национална мисла, како и нашите културни и научни достигнувања. мд/скс/17:04