metodij.izlozba.jpgПрексиноќа во галеријата „Мала станица“ се отвори изложбата на визуелна поезија насловена „Санктус“ на митрополитот Методиј Златанов. „Санктус“ претставува тематска ретроспектива на поетски творби кои авторот ги создавал од 1987 година до денес. На впечатливата изложба, која ќе биде поставена до крајот на октомври, доминираат дела од најновата, осма по ред поетска книга на Златанов под наслов „Doubletree Requiem“. Централно место, пак, завземаат четирите квартети ’Санктус’ по кои е и насловена изложбата.

За поетскиот корпус-партитура на „Даблтри реквием“, авторот Методиј Златанов вели: „Идејата за ’Даблтри реквием’ е низ составувањето на комплетна партитура за реквием, како стандарден мзуички жанр, да истражува во контекстот на еден особен музички идиолект-интермедијалитет-кој ќе биде третиран како визуелна, а во одредени ставови од реквиемот и како конкретна поезија, со можност, овој поетско-музички материјал да се прочита и како конвенционално музичко дело податно за сценско изведување“.

Изложбата „Санктус“ прексиноќа ја отвори Маја Крстевска, директорот на Националната галерија на Македонија која се јавува како организатор. (Т.И.)