Скопје, 12 април (МИА) - Премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Трајко Славески денеска промовираа нови 27 книги, преведени во рамки на програмата на Владата на Република Македонија за преведување на 500 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во Европската унија и САД.

- Книгата во своите форми, трансформации и усовршувања останала да биде основен двигател, исотриски, научен и стручен информатор. Таа продолжува да биде неопходен и драгоцен подучувач кој ни помага да живееме подобро, поквалитетно и подоствоинствено, истакна премиерот Груевски на промоцијата што се одржа на Економскиот факултет во Скопје.

Тој посочи дека се земени книги од кои учат студентите на 10 највисоки и најреноимраните универзитети во САД, освен книгите од правните науки, кои се  земени од Европски реномирани универзитети.

Според министерот за финансии Славески, тоа претставува дополнителна стручна литература што ќе помогне за проширување на знаењето. Тоа, како што рече, е од интерес на пошироката јавност за обновување на знаењето.

- Ова е еден огромен придонес кој ќе ги развива науките и наставите на македонските универзитети, а на студентите ќе им даде поголем избор за квалитетно четиво од каде ќе ги подготвуваат своите испити и ќе се образуваат за професиите што ги одбрале, рече Славески. 

Во рамки на овој проект досега се преведени и испечатени 54 книги, кои се дистрибуирани во библиотеките на државните и приватните универзитети, но и во јавните библиотеки во Скопје и низ државата, а еден дел од нив се користи и за потребите на министерствата. сс/вј/15:13