Скопје, 20 март (МИА) - Со проекција на потресни автентични снимки од голготата на децата од Егејска Македонија во април 1948 година од краткиот документарен филм за судбината на прогонетите Македонци, а по повод 60 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, Координативниот комитет на Македонците со потекло од егејскиот дел на Македонија денеска го промовира зборникот „Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните“ од Ташко Јованов и Жаклина Митевска.

Зборникот објавен во соработка со Здружението на Сетинци и Попадинци од Лерин и Друштвото за новинско-издавачка дејност „Македонско сонце“ содржи потресни сведоштва на 70-тина од жртвите на прогонот, од кои 55 борци на ДАГ, 15 од нив жени борци, и на 15 прогонети деца. Во изданието автентично е обработена драмата на Грамос и на Вич, трагедијата на Леринската и многу други битки, како и збеговите на децата и жените и протерувањето на Македонците од нивните родни огништа во Егејска Македонија.

- Додека ги читав 70-тината автентични кажувања сфатив дека Граѓанската војна во Грција се уште не е завршена, таа продолжува во нас, во сеќавањата и во душите на преживеаните во тој црн тефтер, но во друга форма. Војната породолжува и во гробовите на оние кои беа принудени да ја напуштат својата родна земја и по 40 до 50 години да не можат да го видат родниот крај зашто не им беше дозволено, рече промоторот Паскал Гилевски.

Се обидов овде на овој собир, нагласи Гилевски, да препознаам некое лице кое ни помагаше  во збеговите по кориите, кога како деца се криевме од авионите кои не бомбардираа и внимававме на поставените бомби, бегајќи од огништата наши и гледајќи како горат куќите наши.

- Овој црн тефтер е мементо и никави зборови и ниеден збор на може да ги замени овие раскажувања. Затоа ви препорачувам да ги прочитате овие автентични и потресни кажувања  и да ги пренесете на оние што не знаат ни да читаат и пишуваат и на оние Македонци што се уште не се родени, им порача Гилевски на присутните.

Сократ Пановски рече дека промовира драгоцена книга со архивско значење која ќе овозможи луѓето да ја осознаат вистината. Тој, исто така, рече дека Граѓанската војна во Грција се уште не завршила, бидејќи прогонетите Македонци не можат да се вратат во своите родни огништа, како и дека за голем дел од раскажувачите во книгата се уште се правосилни смртните осуди донесени од времените судови во војната.

- Тие пресуди грчките власти никогаш не ги  повлекоа ниту поништија. Војната завршува обично со амнестија. Амнестија е направена за војниците на ДАГ кои се Грци по род, но не и за Македоницте кои масовно се вклучија во Граѓанската војна бидејќи им се ветуваше автономија, рече Пановски, посочувајќи го расистичкиот закон од 1985 година со кој Грција им дозволи враќање само на протераните Грци по род.

Тој истакна дека здруженијата на Македонците од Егејска Македонија цела година ќе спроведуваат активности за да и се укаже на меѓународната јавност дека Граѓанската војна во Грција уште трае и дека треба да се исправат неправдите направени пред 60 години.

- Сведоштвата во книгата се живи аргументи и дел од егејската голгота која започна уште во 1903 па продолжи во 1912, 1913 и 1916 година со бомбардирањето на македонските населби во Грција, како и со размената на население од 1919 до 1924 година, но вакво нешто дотогаш не беше видено, рече Пановски и упати апел до политичарите да не ја сфаќаат борбата за името на Македонија како лесна.

Додавката на името Македонија па била и географска, рече Пановски, ќе значи територија без луѓе, а суштината е да нема Македонци.

- Се обидуваат да ни ги присвојат нашата историја, а народ кој нема минато, нема сегашност и не може да претендира да има иднина, нагласи Пановски.

На промоцијата беше прочитана и протестната нота од здруженијата на Македониците од Егејскиот дел на Македонија упатена до Парламентот, Владата, Претседателот и Уставниот суд на Грција, како и до ГПЦ, ЕУ, ОБСЕ и ОН, со која се бара поништување на казната затвор за свештеникот Никодим Царкњас.вј/дма/15:00