Скопје, 18 март (МИА) - Словенечкиот поет Томаж Шаламун е годинашен лауреат на Струшките вечери на поезијата (СВП), најзначајната и најпрестижна меѓународна поетска манифестација што се одржува во Македонија.

За најдобар млад поет и добитник на наградата на УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата „Мостови на Струга“ е прогласен 28-годишниот сенегалски поет кој пишува на француски јазик, Усман Сар - Сарус.

На денешното прогласување на годинешните добитници на наградите директорот на СВП Данило Коцевски рече дека поезијата на Томаж Шаламун од неговите почетоци до денес, е своевиден бунт, немирење со клишеата, барање нови простори на поетскиот јазик и израз.

- Блиска до секојдневието, јазички отворена, комуникативна и едноставна, таа истовремено е и зачудена, комплексна, метафизички продлабочена, откривајќи силни, длабоки, неочекувани дамари на човековата егзистенција. Неговата поезија е историја на човечката интима, на сите оние мали големи нешта кои го сочинуваат животот, но и историја на цивилизациите, митологијата, книжевноста, религијата, секогаш видени од еден необичен ракурс, кој оваа поезија секогаш ја прави нова и свежа во својата непредвидливост, истакна Коцевски.

Според Шаламун, Македонија и Струшките вечери на поезијата речиси педесет години се центар, жив извор и чувар на достоинството на оваа професија.

- Ние поетите постоиме за да го чуваме достоинството на живите тела на луѓето, на нивните имиња, на нивните конкретни и симболни простори. Ублажуваме, смируваме и го продлабочуваме разбирањето, иако и низ болки и рани. Без оглед на се ја запазуваме рамнотежата и принесуваме светлина. А Струшките вечери, зачувувањето на нивните амбиции и димензии, се стабилна и мудра државничка одлука на вашиот народ за сите народи, вели меѓу другото Шаламун во обраќањето по повод веста дека е добитник на наградата „Златен венец“.

Министерката Елизабета Канческа - Милевска, која присуствуваше на прогласувањето на годинешниот добитник на „Златниот венец“, рече дека Република Македонија како земја со богата и долга традиција преку СВП се афирмира како држава во која поезијата гради мостови помеѓу сегашноста и иднината.

- Оставајќи печат во светскиот поезис во своето традиционално долгогодишно опстојување Струшките вечери на поезијата обединија близу 4.000 поети, есеисти и критичари кои од македонската земја ги испратиле пораките на своите култури, ја пренеле славата и убавината на пишаниот збор до секое катче низ планетата земја, истакна Канческа - Милевска.

Шаламун е едно од најмаркантните имиња во современите светски поетски текови. Роден е  1941 година во Загреб, а детството го минува во Копер. Дипломирал историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Љубљана. Учествувал во авангардното уметничко движење ОХО и бил аташе за култура во словенечкиот конзулат во Њујорк. Првата книга поезија „Покер“ ја објавува во 1966 година и таа означува нов бран во словенечката поезија. Покрај во својата матична земја Словенија, повремено живее и во САД каде е предавач на неколку еминентни универзитети во САД како што се универзитетите во Алабама, во Тенеси, во Џорџија, Масачусетс, Питсбург, Ричмонд и Ајова. Книгите на Шаламун се преведени на речиси сите европски јазици. Во 2000 година ја доби големата словенечка книжевна награда „Прешерн“, како и наградата „Младост“. Во 1972 година за песната „Елен“ ја доби наградата за најдобра песна на СВП, награда што ја доделуваше весникот „Нова Македонија“.

Наградата „Златен венец“ на Шаламун ќе му биде врачена на годинашните Струшки вечери на поезијата што ќе се одржат од 20 до 24 август во Струга.

Добитникот на наградата на УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата за најголем млад поет „Мостови на Струга“, Усман Сар - Сарус е роден во градот Дакар, а во 1999 година заминува на студии во Франција каде завршува книжевност и е постдипломец на студиите по социологија и филофозија на политиката. бак/мч/13:03