Книгите од Универзитетска библиотека на интернет
Ивана Васева

Дигитализацијата на културното наследство наголемо се подготвува, барем кога станува збор за книжниот фонд на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Затвореноста и изолираноста на нашата земја од светската мрежа на која се лесно достапни сите културни креации на цивилизацијата, сметаат проследувачите, создава ситуација на неможност на светот да му се пласира богатството на нашата културна и уметничка историја. Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ прави обид да се надмине оваа незавидна ситуација. Во НУБ во тек е изградбата на Центарот за дигитализација на книжното културно наследство, кој, според директорот Миле Бошески, ќе биде готов во март. Бошески најавува дека прво ќе се дигитализираат музичките збирки и документи и збирките од ориенталните јазици. По нивното префрлување во дигитална форма целосно ќе бидат достапни на интернет и сите заинтересирани ќе можат да ги читаат делата. - Ќе дигитализираме се што има статус на книжно културно наследство. Потоа ќе се приклучиме на Европската електронска библиотека и преку интернет сето тоа ќе му биде достапно на цел свет. Другите материјали, кои не се книжни, ќе бидат достапни како податоци во форма на каталози со што посетителите ќе знаат што се имаме - вели Бошески и додава дека доколку некои институции во земјава имаат потреба од дигитализација на својот книжен фонд тогаш центарот ќе им излезе в пресрет. Националната и универзитетска библиотека веќе ги има прифатено стандардите од Светската дигитална библиотека. - НУБ учествува во Европската електронската библиотека, која е финансирана од ЕУ, иако Македонија не е нејзина членка. Таму веќе може да се најдат одредени податоци за нашето културно наследство - вели Бошески. Светските стандарди, пак, на Светската дигитална библиотека, која претставува дигитален трезор на светското културно наследство и пишан збор и е основана од УНЕСКО и од Конгресната библиотека на Вашингтон, се спроведени во работата на НУБ.

Дигитализацијата на наследство на ЈИЕ сто


Претворањето на културното наследство на југоисточна Европа во формат читлив со компјутер, нешто на што треба да се работи во просториите на Музеј на современа уметност, се уште не е почнато, иако центарот е опремен пред речиси една година.
Центарот за дигитализација на културното наследство на ЈИЕ е со заклучени врати, откако беше свечено отворен во март минатата година.
Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство, под чиишто ингеренции е Центарот, вели дека по претстојните избори поактивно ќе се пристапи кон реализирање на овој проект.
Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство на југоисточна Европа е комплетна донација на УНЕСКО и чини околу 50.000 евра. Таму е поставена специјализирана компјутерска опрема и софтвер што служи за поврзување со другите земји од регионот. Центарот беше најавен како исклучително важен чекор на земјите од југоисточна Европа во развивање на нивните напори за промовирање и зачувување на нивното разновидно културно наследство.

Извор: Време