(1908 - 1943 - 2008)

 

 

Јордан Плевнеш

Париз - Велес, декември 2008

 

Прво и прво

Таа ти беше прва и последна љубов

И ако повлечеме една црна црта, во врска со годините

Од памтивек се вели

Првите сто години се најтешки

А ти живееше во неа и само за неа

Трисет и пет години

И кога тие денес ќе се извадат од сто,

резултатот е 65:0 за неа

Зошто никогаш не се дозна кој, како и зошто

Освен дека погубен беше ти

Официјалната верзија без истрага и без судење

Вели дека стрелаа во тебе од недослушување

Стој

Стој

Стој

Извикувал наводно, тој некој

Ти не застана, се брзаше

А брзаа и тие

Ти брзаше неа да ја има

А тие брзаа тогаш,

А брзаат и денес, неа да ја нема !

 

Во мигот кога во глувите планини

Тој куршум го разнесе твојот живот

Таа те прибра во своето срце

Ти беше нејзиниот нов Богомил

Што не само сто,

Туку илјада години ја чита за ништо

Нејзината Тајна Книга

Ти беше нејзиниот нов Гемиџија

Без Гемија

Ти, нејзиниот прв читател

на Леонардо Да Винчи и Хегел

Како Хомо Универсалис

Што веќе ги имаше напишано бесмртните стихови

И затоа слободен замина во смрт

„Ако куќа не направив

Со високи шимшир порти

Куќа цел свет братски ми е

Братски срце што отвора

Срце порта најширока

Срце куќа највисока“

Во таа „куќа цел свет“ ти си како дома

„Та не сме саде ние, та не сме саде тука“

Ти сега си живееш во таа,

Интернационална книжевна Република

Без билети, без пари и без документи

Влегуваш во Шпанија

Каде исто така го убија Федерико Гарсија Лорка

Па денеска го откопуваат

Иако е толку жив во шпанскиот јазик

Што пожив не може да биде

Минуваш покрај Каса Дел Кампо,

Каде убиен беше чевларот – надреалист,

исто така од Велес

Ганчо Хаџипанзов

Ја надлетуваш Франција каде исчезнаа Робер Деснос и Макс Жакоб,

Во Русија каде ги самоубија Есенин и Мајаковски

Во Бугарија каде го стрелаа Вапцаров

Да не зборувам за Германија

За Готфрид Бен и Ернст Толер

Да не зборувам за ѕидините на Дрезден каде

со Малина Поп-Иванова

Зборувавте за рушевините на светската историја

И македонскиот идеализам,

Да не зборувам за твоите пријатели во Хрватска

Каде беше објавена твојата и нашата

Света поетска книга Бели Мугри

И каде Златко Прица велеше

дека твојот лик го потсетува

На средновековните фрески

од македонските манастири

Зошто свет беше твојот збор

А што ќе беше почетокот без зборот

Што ќе бевме ние без твојот збор

 

Сега сме дојдени, пред оваа куќа

На татко ти Апостол и мајка ти Марија

Пред оваа весела куќа

како што ја нарекуваше мајка ти

Каде се пееше песната за Татунчо

и се играше Чупурлика

Пред оваа куќа што никогаш со свои очи

не го виде твојот гроб

Пренесуван од Лопушник преку Св. Пантелејмон

Или според ехото на песната

што во таа црква одекнува,

Како Миланска Скала на Балканот

Сеуште одекнува гласот на утробата

што те донесе на овој свет

Со славното скришно прозорче

од кое гледаше мајка ти Марија

Што го носи името на мајката Божја,

Кога ќе дојдат да те притворат,

да те расчеречат и да те распнат

Бидејќи секој е осуден некаде да биде роден

Како што вели Данте во Боженствената комедија

Сите тие не знаеја тогаш,

а не знаат ни денес

Само духот е на неприкосновениот врв на историјата

И никогаш неговата вредност

не паѓа од берзите на Вол Стрит

Зошто ти како син на Велес - Богот на бесмрноста

Остануваш

во Интернационалната книжевна Република

Македонскиот вечен младич кој вечно

пееше, пее и ќе пее

„Блазе речи на душата

Има зошто душа да е!“

 

(Овој текст беше читан пред куќата на Кочо Рацин за време наеднодневната церемонија „Филмски воз“ на18 декември, денот на стогодишнината од неговото раѓање)