На Чествувањето беа спомнати и "умните зборови на Блаже Конески", за Рацин: "Името на Кочо Рацин е скратенка за името на сите нас"


Рацин е роден на ден кога навистина денот почнува да се зголемува, кога светлината надоаѓа, па не е случајно што неговата најзначајна книга се вика токму "Бели мугри".
Вака академик Катица Ќулавкова го започна вчерашното Чествување на Кочо Рацин, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, во МАНУ.
- Рацин живееше и пееше прегрнат во својата песна со песната на својот народ, рече претседателот на МАНУ, акад. Георги Старделов, додавајќи дека "Во случајот со поезијата на Рацин земјата македонска беше натопена од неговиот дух, а неговиот дух од неговата земја.

Старделов го опиша Рацин како "национален поет од највисок ранг, зашто во својата песна ја откри и резимира целата нова македонска поетска и историска епоха".

На Чествувањето беа спомнати и "умните зборови на Блаже Конески", за Рацин: "Името на Кочо Рацин е скратенка за името на сите нас" и "...најиздигнат народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек", потсетија Старделов и акад. Матеја Матевски.

Акад. Гане Тодоровски, потенцираше дека одбележуваме јубилеј со димензии на национален настан - стогодишнина од раѓање на исклучиво ретка личност на овој народ и на оваа држава, а не само некаков значаен датум од литературниот календар за појава на некое мошне важно дело.
Опишувајќи го Рацин како "буквар за неродените, незакрепнатите и за утре-задутрешните ВКВ-Македонци", самиот Тодоровски, нарекувајќи се "еден од тие и такви многумина доброволци во фалангата на македонизмот", спомена дека "оваа прослава не ја внесоа во чин на колективна адмирација, ниту пак во здружена акција на соодветните печатени и електронски медиуми. Затоа пак, ја допреа или и наметнаа панаѓурско-шумоглави атракции во минута до дванаесет, банални сурогати и евтини супститути на сенародно уважение!", поентираше Тодоровски, финиширајќи со: "Кочо Солев Рацин е име на автор без чиј опус македонската културна меморија би прилегала на празна страница".