Скопје, 17 декември (МИА) - „Речник на личните имиња во Македонското народно творештво“, „Македонски писмени споменици со глаголско и со кирилско писмо“, „Синтакса на сложената реченица во македонските црковнословенски ракописи“, „Кичевскиот говор“ и „Условниот период во дијалектите на македонскиот јазик“ се најновите пет изданија кои беа промовирани денеска по повод Годината на македонскиот јазик и 55-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Олга Иванова, промоторот на проектот „Речник на личните имиња во Македонското народно творештво“ истакна дека во неговата работа биле вклучени Марија Коробар-Белчева, Весна Миовска и Мери Момировска.

- Речникот содржи корпус од над 2.879 лични имиња, од кои 1.530 машки и 1.349 женски имиња од најпознатите збирки на народни приказни и песни издадени во последниве два до три века, од цела јазична македонска територија, рече Иванова на денешната промоција во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и промотор на книгите „Македонски писмени споменици со глаголско и со кирилско писмо“ и „Синтакса на сложената реченица во македонските црковнословенски ракописи“, информираше дека тие имаат естетска, архивистичка и научна вредност. Составувачи на „Македонски писмени споменици со глаголско и со кирилско писмо“ се Илија Велев, Лилјана Макаријоска и Емилија Црвенковска, а автор на втората книга е Александра Ѓуркова.

Марјан Марковиќ, промотор на книгата „Кичевскиот говор“ од Веселинка Лаброска, рече дека трудот е оригинален и може да се вброи во македонската дијалектологија, а дека авторката Лаброска припаѓа на помладата генерација дијалектолози.

- Во оваа обемна монографија од 320 страници, авторката се придржува на традиционалниот пристап, а трудот нуди опис на еден од поинтересните говори на периферијата на централното македонско подрачје, рече Марковиќ.

Промоторот на книгата „Условниот период во дијалектите на македонскиот јазик“  од Убавка Гајдова, Елена Петроска, информираше дека трудот ја објаснува семантиката на реалниот и иреалниот условен период и нивната формализација на цела јазична територија. мд/са/14:51