Monah.podkrst.jpg
Отсекогаш  Те љубев! Некогаш повеќе, некогаш помалку, некогаш со цела напрегнатост на душевните сили, некогаш – не. Некогаш со мака, некогаш со радост, понекогаш безумно, понекогаш спокојно, но секогаш  Те љубев, уште од времето кога Те познав. Се сеќаваш ли како ми чукаше срцето кога го сретнував Твоето име во персиските стихови? Хафиз и Руми спомнуваат многу луѓе, но само при Твоето прекрасно име, Исусе, душата моја трепереше од таинствена радост...
Се сеќаваш ли, во 1984 година, пет години по Исламската револуција, јас, тогаш се` уште момче, се сретнав со еден пријател на плоштадот Фирдоуси во Техеран? Дојдов прерано и за да го „утепмам„ времето решив да одам во кино и да гледам филм  - без разлика кој. Се покажа дека се работи за филмот „Исус, синот на Марија„  - со цензура, скратена верзија на „Исус од Назарет„ на Франко Зафарели! Се сеќаваш ли како заборавив на целиот свет, проголтан од Тебе, без разлика на тоа што властите свесно ја искасапиле филмската лента?
Се сеќаваш ли како таму, во Иран, сакав да појдам во црква, и со каков духовен оган пламна моето срце кога го видов Твојот храм?...Оттогаш поминаа многу години. Сега сум крстен во Твојата Света Црква. Ти се молам на Тебе:„Господи,сочувај ја и умножи ја љубовта која постоеше секогаш меѓу нас, онаа љубов која Ти ја пројави тогаш кога се крстив во Грција. Закрепни го мојот разум во таа љубов која се создаде меѓу нас со Светото Крштевање. И таа нека расте, со полнотијата нека ме проголта, бидејќи само така можам да ги исполнам Твоите заповеди и да Ти служам, како што треба„...
***
Се родив во Иран, во зафрлено гратче, во далечната провинција, во бедно семејство, но некогаш „познато„...
Мајка ми беше ревносна Муслиманка – шиитка и кон религијата се однесуваше сериозно. Дури и како стара и немоќна. И сега помнам како таа застануваше во темница за да се помоли спрема Мека... Беше ревносна Муслиманка, но толку не` љубеше, што не ни ја наметнуваше својата вера.Јас со цело срце  знам колку  силно не` љубеше. Нејзината љубов секогаш ме поддржуваше.
Татко ми се сметаше за Муслиман, но кон религиозните обврски се однесуваше лекомислено, како и кон религијата воопшто. Тој беше човек друштвен и дружељубив. До Исламската револуција во 1979 година, тој речи си целото време го поминуваше со пријателите, а дома речи си и не доаѓаше. По револуцијата многу се измени. Новата власт строго забрануваше луѓето да се собираат и да се веселат. Овој поредок, иако ги ограничи човековите права на иранскиот народ, се покажа благотворен за моето семејство, затоа што без татко ми нам ни беше полошо, отколку без граѓански права.
***
Кога имав пет-шест години ме зафати силен стремеж кон ѕвездите, стремеж кој ми се сачува и до денденешен. Во топлите летни ноќи во Персија ние спиевме на покривот. Лежејќи со отворени очи, јас се нурнав во созерцание на галаксиите и треперливото светкање на ѕвездите. Гледав во ѕвездите се` додека не заспиев. Се прашував кој и како ја создал оваа велелепност. Уште се обидував и да го сфатам своето место во однос на ѕвездите. Што правам, која е мојата улога и вредноста во оваа огромна и прекрасна Вселена? Се сеќавам, возрасните ги восхитуваше тоа што јас толку многу мислам на ѕвездите.
***
Кога се случи Исламската револуција имав тринаесет гоини. Мене, момче од бедно семејство, многу ми се допаѓаше да учествувам во уличните демонстрации против шахот. Тоа беше опасно, полицајците можеа да не` затворат, да не` натепаат и дури да не` убијат, но за бедните момчиња како мене тоа беше понесувачка забава... Ние извикувавме пароли против шахот. Јас не знаев каков човек е шахот и зошто се борам против него. Едноставно, сметав дека имам право да го мразам, затоа што тој е богат, а ние сиромашни!
Сепак, по револуцијата се определив за опозицијата. Во тоа време, кога речи си сите Иранци го љубеа Хомеини, јас им се придружив на левите. Режимот и неговите приврзаници заради нешто во мене не предизвикуваа восхит. Своите спорови тие ги решаваа со силата на оружјето... Во 1981 година на телевизија секој ден читаа список од двеста – триста млади луѓе, казнети за тоа што „се собрале против Алах и неговите пратеници„. Всушност, казнетите беа цветот на иранската младина. Сите престапи на овие момчиња и девојки се состоеја во тоа што тие не ги делеа официјалните погледи. Кога приврзаниците на режимот маршираа по улиците, во воздухот се надвисуваше атмосфера на омраза и рушење.
***

Бев во најголемиот замав на среќната младост. Добро учев, учителите и соучениците ме ценеа, затоа и по училиште имав многу пријатели. Воопшто, се радував на животот, а во душата ми беше светло.
Еднаш, по традиционалниот одмор по ручекот, наеднаш се разбудив, небаре од земјотрес. Но, сфатив дека потресот не доаѓа однадвор. Надвор се` беше така обично. Истиот тој ден, истиот тој дом, истата моја облека; а се` тоа мене повеќе не ми изгледаше како порано. Душата ми ја проникна големе болка. Ме зафати неспокојство и јас не ја сфаќав неговата причина. Се разбудив небаре во потполн друг свет и разбрав дека тој кој беше променет сум јас...
Се разбудив одеднаш, без некоја очигледна причина. Ништо не сонував. Знаев само дека се разбудив од страв и тага, кои физички ги чувствував во срцето. Се разбудив во друг свет, навистина во светот на смртта, светот на мртвите. Радоста на животот и душевното спокојство ме оставија за секогаш...Се чувствував туѓинец во сопствениот дом, како да сум се разбудил во прогонство, во непозната земја и живот. Сега, речиси по петнаесте години, многу подобро сфаќам што се случи со мене. Светот си остана истиот, но Господ во Своето Спасително милосрдие ја разбуди душата во мене.
***
Го замолив татко ми да го купи Кур`анот; зашто тоа не беше за мојот џеп.Блиските се зачудија и се израдуваа. Татко ми – затоа што виде дека ја напуштам политиката. Мајка ми – затоа што беше ревносна Муслиманка и мислеше дека јас сум обратеник. Татко ми ми го купи Кур`анот во најдобар персиски превод. Но таму немаше ни збор за личната љубов на Бога кон посебниот човек или на човекот – кон Бога. Книгата не ми помогна во познанието  на Бога, не ми говореше Кој е Алах. Во неа пишуваше дека Алах е – „милостив, милосрден„, „Господ на световите„ (Кур`анот, почетната сура), цар во денот на судот„(исто), „таинствен„(2,2), „единствен„(112,1),  „вечен„ (112, 2), „Господ на Осамнувањето„ (113,1).Но Кој е Тој, ако воопшто е Кој? Сфатив дека Кур`анот не ми ја открива личната врска со Бога. Овој Голем Создател беше повеќе сила, отколку личност. Да, јас не знаев кон кого се стремам, но чувствував дека мојата љубов и стремежи се многу лични.Како можам да љубам некого кој не може да се определи? Како може да се љуби безличен Бог? Таква љубов, во најдобар случај, би била безлична љубов, а вреди ли таа?
***
Во 1990 година се најдов како бегалец во Норвешка. Ме примија во гратчето Волда на западното крајбрежие, во провинцијата Мере-ог-Ромсдал. Овој прекрасен град сместен е во едно од најубавите места на светот, на брегот на Атлантски Океан, опкружен со зелени ридови и величествени гори. Ми беше потребно спокојство и осаменост за да се средам и разберам себе си. Волда, каде имаше универзитет и педагошки институт, за ова постоеја сите услови.
Набргу по пристигнувањето, едно момче по име Рејдар – еден од оние добри луѓе кои се грижеа да ги поздрават бегалците – ми подари џепно Евангелие. Така јас за прв пат се сретнав со Евангелието и, откако започнав да го читам, не можев да се одделам од него.
Евангелскиот Исус ми се покажа сосема поинаков од Оној што го знаев од Кур`анот и суфиските списи. Исламската духовна литература  го изобразува Исус, макар и како еден од пратениците Божји, но сепак како обичен човек (Кур`ан 3,59;3,84). Идејата за тоа дека Тој е – Бог и Син Божји, сосема се отфрла од исламот како богохулна (Кур`ан 4,171;5;17;,5,72). Во Евангелието Тој е Син Божји и Бог. Христијанскиот Бог, за разлика од Алах е – конкретна Личност. Во Христа Господ ни се открил Себе како конкретна личност. Оној „Бог„, за кој пишува во Кур`анот, е  - создател на се` што постои и, практично, за него не ни е познато ништо повеќе. Во Исламот Бог не се јавува како личност, затоа на човекот му е невозможно да Му се приближи. Во Евангелието, најсилно од се`, ме потресе односот кон Бога како личност. Она кон што се стремеше мојата душа и што не наоѓав во исламот – Бог, со Кого може да се воспостави лична врска. Јас сум личност -  и можам да воспоставам врска со Бога, само ако Тој, исто така е личност. Ако евангелистите се во право, и Бог навистина се воплотил во Исуса, значи, возможни се лични односи меѓу човекот и Бога. И во мене повторно се појави надеж.
***
Сепак, ми остана дилемата:навистина ли Исус бил таков каков што го изобразува неговото Евангелие? Јас Го љубев, но како да дознам дека Тој – не е едноставно обичен човек, историска личност?...Воскресението на Христа за мене стана клуч на одгатнувањето. Тоа беше проверка на вистинитоста на христијанството. Ако Тој воскреснал, тогаш точно е се` останато што за Него се раскажува во Евангелието. Ако навистина станал од мртвите , значи, Тој навистина е Бог и Син Божји Кој станал човек, за да го спаси човечкиот род, а со него и целата творба. Тогаш нашето спасение навистина се состои од тоа – да се поверува во Него и да се оди по Него. Ако Тој умрел и не воскреснал, тогаш Евангелието лаже, и да се верува во Христа е – неискажлива глупост.
Сепак, за време на моите скитања по разните протестански цркви на Норвешка, јас не сретнав ни еден христијанин кој би говорел за Христа со духовна убеденост, по личен опит. Судирајќи се се такво „христијанство„, се уверив дека исламот е духовно повозвишен и поавтетичен. Неговиот драматизам е поблизок на човековиот живот отколку восхитувачката, но рационална и студена теологија на западното христијанство. Светот е трагичен. „Благодушната„ теологија на ова христијанство е туѓа на реалноста на несреќните човечки суштевства и навредлива за оној кој страда. Луѓето во светот денес страдаат. Едни се прогонувани, други се затворени по затворите и подложени на мачења. Некој е оскатен од војна. Некои живеат во крајна сиромаштија. Некои се борат со нескротлива стихија и така натаму. Сето тоа, во крајна линија, е вистина во однос на Третиот свет. Сепак, дури и во материјално богатиот запад многу луѓе страдаат психолошки. Многу семејства се распаѓаат. Во потрага по љубов, хармонија и човечка топлина, луѓето често ги менуваат партнерите, а некои и не си наоѓаат сопатник во животот. Некои деца растат во непотполни семејства, не знаејќи за родителска љубов. Работата предизвикува постојан стрес, барајќи се` понови умешности во светот кој брзо се менува. Дури и на Запад повеќето луѓе на уморните раменици носат омразено бреме.
Во 1994 година бев до гуша сит од статичното и млитаво „христијанство„. Не можев повеќе да слушам како протестантите говорат за Бога. Мене ме рани нивната „добрина„, нивната „првобитна невиност„. Но, леснотијата со која говореа за Христа не ја исцелуваше, туку уште повеќе ја раскинуваше мојата изранета душа. Бев подготвен да ги почитувам, ако тие едноставно, затварајќи ја устата, ми дозволеа да умрам. За болниот, мачен од болка, едно од најлошите искушенија е – несоодветен лекар.
***
Во Грција отидов во летото 1994 година, заедно со педесетина универзитетски студенти, меѓу кои апсолутно мнозинство беа Норвежани.Не` сместија во стар византиски манастир на островот Лезбос, на крајбрежието со Турција. Манастирот не беше жив, беше метох на многу поголем жив манастир на неколку километри од ова место. Не` сместија во келиите, каде во древните времиња православните монаси живееле во тишина и молитвено. При манастирот имаше само клисарка. Само што го преминав прагот, нешто отвнатре ме привлече како со магнет. Привлечната сила излегуваше од древните икони на Христа и од  изобразбите на светите по ѕидовите на црквата. Тие ме опкружија со благодат и ми го привлекоа вниманието кон нова, непозната мерка. Најпрвин ја видов христијанската црква со иконите; дотогаш дури и нрзнаев дека кај христијаните постојат икони. Сфатливо е зошто исламот ги отфрла иконите. Ако Бог, според исламот е безличен и невоплотен, тој нема ни лице, кое може да се изобрази; во таков случај иконите навистина и се богохулство. Сепак, никогаш порано не си го задавав прашањето, заошто нема икони во протестантизмот. Ако Бог навистина се воплотил, како што веруваат протестантите, тогаш Тој има лице, кое сме го виделе и кое може да се изобразува.
***
Црквата веднаш ми стана блиска. Три ноќи по ред се молев во неа додека другите  студенти спиеја во своите соби. Ми беше убаво да пријателувам со иконите... Никогаш не ќе ги заборавам тие ноќи. Понекогаш ги преклонував колената и се молев пред олтарот, некогаш ја обиколував црквата, целувајќи ги иконите. Плачев пред нив, плачев од љубов, болка и тага. Го притискав челото свое на челото Христово и плачев, го притискав челото на рамото на Богомајката и плачев, ја ставав главата пред нозете  на Христа и плачев. Ги бакнував Неговите раце, нозе, лице и плачев. Плачев, не сфаќајќи зошто – едноставно не можев да ги задржам солзите. Во срцето чувствував тага и болка, но не плачев толку од тага, колку од радост. Она што не можеше да ми го каже ни еден човек ни еден јазик, сега ми говореа иконите. Низ допирот  со иконите го согледав Евангелието во нова светлина. Тие ги толкуваа и дополнуваа таинствените слова на Новиот Завет со облиците и боите. Благодарение на иконите, јас лично го слушав гласот на Христа.
Не можам да ги опишам тие ноќи, кои станаа пресвртница во мојот живот. Јас, кој се заколнав да го оставам христијанството за секогаш, сега бев гушнат од љубовта кон Него. Јас, кој христијанството го сметав за измислица, во Него почувствував живот и сила... Сфатив нешто многу важно: таа напуштена православна црква беше  многу посилна од таканаречените христијански цркви кои ги видов на Запад...
***
Еднаш, по блажените ноќи поминати во црквата, се запознав со еден православен монах. Монахот поживеа со нас три дена и се врати  на Синај... Тој не личеше на оние „христијани„ со кои се среќавав порано. Во целото негово суштество, во зборовите и однесувањето проблеснуваше христијанство, во корен различно од западното. Тој  без зборови увиде колку страдам и од што. Слично на иконите, тој ми искажа безмолвно, но длабоко сострадување. Зборовите со кои ми се обрнуваше беа исполнети со љубов, тие проникнуваа во срце и ја смируваа душата. Кога по моја прозба, тој прозбори за Христа и христијанството, почувствував; тој знае што зборува. Се восхитував на неговите зборови, затоа што ниеден христијанин од тие кои ги познавав, не говореше како него. Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците (Мат. 7,29). Со жар ги примав неговите зборови. Тие беа конкретни, лични и дејствени. Во нив имаше едноствност и духовност, а не филозофија и морал... Со неколку зборови тој ме научи на она што протестантите не можеа да ме научат за четири години. Се сеќавам, му кажав дека речиси десет години го барам Бога, не добивајќи одговор, и тој ми одговори:„Значи, одговорот може да дојде по десет години!„. Му  раскажав за своите потешкотии на патот кон христијанството. Како одговор ми го цитираше атонскиот старец Пајсиј:„ Зошто очекуваш дела Божји од луѓето?„
Монахот беше учен, не беше универзитетски образован човек, но сепак се беше здобил  со знаење кое е поголемо од секоја ученост. Ме привлече неговото лице, жегнато од пустинското сонце, а и правта на Синај на износената монашка одежда. Гледајќи во неговите црни живи очи, си спомнав на сјајните ѕвезди од летните ноќи во Персија.
***
Така започна мојот пат кон Христа. Но, до целосното Негово примање во мојот живот преку тајната на крштевањето ми престоеше да поминам и преживеам уште многу нешта.

 Hrizostom.jpg

Извадоци од книгата на   Хризостом  Селахварзи (1966г.) ; „Ќе бидеме утешени“

За Преминпортал подготви: Стојанка Тежак

Посети: {moshits}