Да нурнеме во длабочините на милениумите,
во прашањата и одговорите на Стагирецот.
Во порите на мислата, во смисолот на животот.

Слој по слој, ера по ера
како по годовите на дрвјата.
И секој нов год – ера открива нови длабочини,
нови испреплетени мрежи на мислата
за човекот, природата, битието.

Тука во Стагира, Егеа, Лихнидос, Илирија, Кутлеш, Постол,
уште од прапочетокот па до денес,
се јавувале Додона и многу други пророчнички
со нивните предвидувања и обмислувања,
се движел Стагирецот и неговите следбеници
барајќи го смисолот и градјќи нови светови.
Светови излачени од зраците на ѕвездата
втисната како показ за космосот, мислата и смисолот.

Тука во полите на Кутмичевица
каде што сјаеле и просветлувале,
за верата, животот и секојдневието
и пишувале и граделе нов Свет,
Климент и Наум и нивните ученици.
Тука на изворот на убавината и животот
твореле нов и со сите полнини
залеан и исполент живот.

Тука брат на сестра испраќал светлосен лак,
Чудо. ќе речеш, кое ги сврзувало световите
и го потврдувало постоењето на Духот човечки
Светол и со брзината на мислата ги преоѓал
растојанијата од годовите-ерите, милениумите.
Преобразен во светлост, симбол, легенда.
тука во длабочините на искристализираната мисла
се создавало сознанието за битието, природата и вселената.
Духот!

Духот сеопфатен, севременски, разнообразен, сеприсутен.
Духот преобразен во лач, мисла, дело, житие.
Час разбрануван и фуриозен,
час тивок како топло пролетно ветерче.

Духот материјализиран во делата – чудата на и за човекот.
постојано во движење, преобразба и со нови видици.
Ги преживеал сите налети на властољубие,
самољубие и безумие.
Обиди да се смрзне во некаква рамка.
И наместо да зачмае во наметнатите рамки, регули и привиди
тој избликнувал со уште поголема силина,
се преобразувал во нови видувања, дела, симболи
и оставал трајни траги
за Човекот, Богочовекот, Природата.

Автор: Милош Баткоски