Crvena.mesechina.V.Simovska

Излезе од печат романот "Црвена Месечина" на писателката Вера Симовска

Crvena.mesechina.V.Simovska1


Вера Симовска е родена на 11.01.1965 година. Завршува "Општа и компаративна книжевност" на УКИМ - Скопје. Авторка е на следните книги: "Живо слово" - 2011 - поезија, "Чаша полна светлост" - 2013 - поезија, "Плодна вода" - 2015 - поезија, "Понорница" - 2016 - поезија за деца, "Источен Хоризонт" - 2018- цртички - паренези.
"Црвена Месечина" e нејзин прв роман. Делови од романот читав пред неколку години на страниците за православна духовност на социјалните мрежи, каде што таа ги постави за да добие некои креативни одгласи за творештвото. Преку тие делчиња ние се запознавме и така започна нашето креативно другарување. Сето тоа дружење резултира и со овој роман кој Вера по многу перипетии го доведе во завршен облик.
              

 

           Јас бев дел на некој начин во создавањето на овој пребогат уметнички роман, кој изобилува со најдлабоко себеоткривање и саморефлексија. Фрлив поглед на работната верзија на романот пред тој да ја добие својата последна творечка четка од Вера. Потоа заедно со Вера го пронајдовме и насловот. "Црвена месечина" го избравме поради болката што ја носи овој роман. Полната месечина која ја претставува женската енергија и креативност се прeтворила во црвена месечина. Романот говори за можноста на жената да биде исполнета со мајчинството преку чувањето на целомудреноста и лесниот пат кој го промовира светот, да го изгуби бесповартно тој многу важен креативен дел од својата личност.
               Многу жени се излажале и наместо да расцветаат во можноста да станат мајки, со онолку чеда колку што ќе им дарува Бог, тие си зариваат нож во центарот на своето битие, онаму каде што треба да се појави новиот живот. Потоа многу страдаат но, изгледа на тоа никој не ги предупредува. Некои наоѓаат мала утеха, а некои не. Романот на Вера се обидува на уметнички начин да го прикаже тоа беспаќе, да ја прикаже саморефлексијата на болката на жената која, ниту сфатила што е тоа девственост, иако била по потекло од Девич, ниту пак некој и помогнал да сфати што е љубовта кон мажот и што е тоа брак. Нема ми се чини романи на оваа тема, кои пеат за болката која не може да најде утеха. Болката на празните утроби.
              Да се зарие нож во можноста да се стане исполнета и да се започне саможрвената креативност која ја имаат мајките е да се зарие нож на полната месечина и нејзината спокојна и тивка светлина, која треба да дава мир и да успокојува. Но, битието на главната личност на романот Рина не е успокоено. Затоа ова е роман со многу убави описи на природата кои се употребени да се потенцира душевно - духовното чувство на ликовите. Ова е роман за соочувањето со себе, колку и да е тоа тешко, за пронаоѓањето мир со себеси и конечно во него се навестува и желбата за вистинско покајание.
               Сензибилитетот на писателката Вера Симовска во ликот на Рина е вистинско откровение. Тоа е глас на многу повредена личност, која била повредена уште во детството, без поткрепа и духовно водство во младоста, а која успеала од најтрагичните моменти кои можат да му се случат некому да испелете приказна која привлекува и вовлекува кон сострадание и преосмислување на стварноста која ни била дадена за изградување и радување, а не за толку многу болка. Тој глас се поистоветува со сите празни и окрвавени утроби и поразува со спојување на жените во едно такво страдалничко сестринство.

Маја Белева

 

Crvena.mesechina.V.Simovska2


Бидејќи книгата "Црвена Месечина" на Вера Симовска е издадена со помош на домашен буџет,

сите кои сакаат да ја купат, можат да се обратат

лично на Вера на нејзиниот ФБ - профил: Vera Simovska

 

1ви септември 2023 лето Господово