Како луѓе од науката, прифаќајќи ги сознанијата и аргументите, треба да се доближиме до вистината, рече Милан Ѓурчинов

Невена Поповска

ОХРИД - Во Охрид, лулката на словенската писменост, вчера беше отворен 14. Меѓународен славистички конгрес на кој присуствуваат околу седумстотини учесници од светот. Современите и актуелни теми од областа на славистиката, ќе бидат во фокусот на рефератите и тркалезните маси на голем број на млади истражувачи, со нова, модерна ориентација.

„Свесни сме дека ниеден конгрес не може да даде конечни одговори на прашањата, ниту на старите, некои сеуште неотворени, ниту на новите, оние кои новото време ги поставува на дневен ред“, рече меѓудругото академик Милан Ѓурчинов, претседател на организацискиот одбор на Меѓународниот славистички конгрес, на вчерашното свечено отворање.

„Но“, продолжи Ѓурчинов, „ние можеме како луѓе од науката, прифаќајќи ги новите сознанија и аргументи, да се доближиме до вистината, да ги отстраниме минатото и напластените заблуди и предрасуди, и тоа да го сториме како припадници на славистичката наука и на словенството кое поседува свои, автохтони вредности, кои и денес и во највисоко развиениот свет се ценети. Залагањето за вредностите на морален и духовен план со кои токму словенството и некогаш и денес било и е толку сродно, не е никаква утопија и фантазмагорија и не значи одбегнување на сегашниот и реалниот свет во кој сега живееме, туку обратно-свртеност кон него таков каков што тој е со сите негови светлини и опачини, прифаќање на неговите реалности и спремноста да станеме активни, но и критички партиципиенти. Тоа значи прифаќање на светот во кој има место за сите посебности, за сите национални и културни специфичности, усвојување на сите творечки придонеси, без оглед од каде тие доаѓаат“.

Учесниците на Меѓународниот славистички конгрес ги поздрави и претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, кој во поздравната реч меѓудругото истакна дека одржувањето на овој голем и важен собир претставува исклучително признание на глобалната лингвистичка наука, за значајноста на нашата улога и придонес меѓу словенските држави. „Воедно“, рече Црвенковски, „претставува указ на почит на придонесот на македонската култура, духовност и јазик кон сесловенската писменост, култура и духовност. Славистиката, како една од најпропулзивните дисциплини на глобалната лингвистика, ја има токму таа задача на идентификување на сродните култури и традиции на славофонските држави. Значењето на славистиката станува уште поголемо со влегувањето на неколку словенски држави во големата и силна политичка, економска и културна заедница на европските држави. Денес, оваа најголема заедница на држави во светот претставува вистинска ризница на различни национални, културни и духовни традиции со свој препознатлив културен идентитет“.


По свеченото отворање на конгресот, содржините продолжија со реферати на Трајко Стаматовски, кој се осврна на развојот на македонскиот литературен јазик, на Александар М. Молдован, кој говореше за патот на славистите во современо време, како и на Роберт Ходел, кој ја обработуваше темата за романот како жанр.

Во попладневните часови, дискутантите во секцијата за лингвистика се задржаа на етногенезата на Словените и историјата на словенските јазици во врска со историјата на словенската материјална и духовна култура, прасловенскиот јазик и неговите дијалекти, словенската етимологија, старословенскиот јазик, неговата дијелектна основа и територијалните варијанти, како и ролјата на црковнословенскиот јазик во формирањето на словенските литературни јазици.

Во рамките на конгресот, кој ќе се одржува до 16 септември, беа отворени и две изложби - на славистички изданија, на која се изложени повеќе од 3.000 научни дела од областа на славистиката што ќе останат во трајна сопственост на Република Македонија, како и самостојна изложба на дела од академскиот сликар Владимир Георгиевски.

 Извор: Утрински весник