Големиот светски поетски фестивал, Струшките вечери на поезијата, си го врати местото што му припаѓаше со децении - најголем во светот. Најголем барем според масовноста, односно според учеството на поетите: седумдесетина од светот и педесетина од нашата земја. Голем е и според интересот на публиката што дојде во Струга одблизу да слушне песна на четириесет јазици. Но, дали кризата во СВП е надмината? Учесниците тврдат дека светот се обединил и се спријателил во Струга, а поезијата ги прескокнала сите границите. На местото на кое Дрим истекува од Охридско Езеро, лауреатот Фатос Арапи повика „да бидат заборавени сеништата од минатото и да им дозволат на творците преку зборовите да предвидуваат и да креираат иднина во која ќе се размислува оптимистички, ќе се почитува другиот и ќе се зборува низ јазикот на љубовта“.

Предвидените содржини на фестивалот се одржаа, но со многу технички пропусти. Интернет-страницата на СВП е од лани, не се почитуваа утврдените термини за почеток на програмите, не беа докрај искористени можностите за афирмација на културните и природните убавини на нашата земја. Организаторите ќе речат дека имале малку време за подготовка на ова издание на фестивалот - само три месеци. Тие си имаат алиби со кое можат да се правдаат дома, но не и пред странските поети. А кај домашните писатели, ништо не се сменило. Тие, наместо СВП да ги искористат за контакти со поетите од странство, повеќе милуваа да се групираат (најмногу според припадноста на определена политичка партија) во фоајето на хотелот „Дрим“.Писателите веројатно целата работа околу афирмацијата на македонското книжевно творештво во странство го оставија на фестивалот. Дали фестивалот ја искористи шансата да создаде мостови по кои ќе се пренесуваат нови идеи за меѓукултурна соработка и за размена на креативни идеи меѓу авторите од различни култури ќе се види допрва. Но едно е сигурно. СВП не треба да има празен од, односно веднаш треба да се зафати со организација на следното издание на фестивалот и да направи многу повеќе од годинава за во иднина по поезија и по Струшките вечери да не' препознава светот.

Тоше Огњанов

Извор: Дневник


Лауреат на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“

Невена Поповска

СТРУГА - „Фатос Арапи му втисна на меѓународниот поетски фестивал ’Струшки вечери на поезијата’ димензии на албано-македонска и македонско-албанска духовна хомогенос“, рече меѓу другото академик Гане Тодоровски во беседата посветена на годинешниот лауреат на „Златниот венец“, Фатос Арапи. Творештвото на Фатос Арапи, продолжи Тодоровски, природно се извишува над времето и над средината во која се реализира и осмислува и на која и се обраќа. Фатос Арапи е пример на поет правовремено дистанциран уште во почетните фази на својот поетски развиток, а тоа ќе значи во времето на одреденото едноумие во неговата земја од каноните на официјализираната кревка естетика, дистанциран главно поради чистотата на неговиот креативен потенцијал. Тоа е најважно. Тој е типичен пример на творец кому авторската автономија, пројавена на рамниште и статус на најприродна позиција му овозможила пеење и мислење кое го растоварила од секаква припадност кон естетички конвенции и стилски постапки. „Факел, запален пред да биде стемнето“ е финален стих од неговата песна „Премногу сум модерен“. Едноставно ќе декларирам бев зграгорен, бев мошне пријатно изненаден и подзачуден кога го прочитав овој стих. Во неа Фатос Арапи се исповеда зошто ли е премногу модерен. Речено е уште и дека „трагедијата е вистинската татковина на поетите“ и дека „а јас одамна сум влезен во идните трагедии на слободата“. Претходно бев уверен дека „поетите се чудење во светот“, дека пророчката и луцидна мисла на албанскиот современ поет Фатос Арапи, во божја 2008 година позлатен со сјајот на бесценетото струшко злато на овој новозапален поетски факел пред да биде стемнето и овде, во нашиве краишта, среде прататковинскиот центар на Европа за ова метоминиско видело кое што ја доречува светлината. Бидејќи чудотворствата на убавиот збор и во денешницава се содржат токму во тој сјај среде сјајот и бидејќи светлосните фарови и на нашата секојдневна движба низ денот се зборовите што ни ја овозможуваат комуникацијата токму тогаш кога предоволно е видливо и кога нормално се гледа се. Не копнее само мракот по грска светлина, туку и денот наш, развиделен колку за сеопшта ориентација ваби и жеднее за факел што ќе ја доречува светлината. Фатос Арапи е тука за да ги дорасветли нашиве светли простори и да го доразубави ова убаво поднебје“, заврши академик Тодоровски.

На свеченоста по повод одржувањето на поетскиот портрет на лауреатот на Златниот венец албанскиот поет Фатос Арапи која се одржа во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид и претходеа богати програмски содржини. Во амбиентот на стара Струга под мотото „Воденица на поезијата“ беа промовирани поетските книги од едицијата плејади. Во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта поетите учествуваа на традиционалното поетско матине, а Спомен-домот на браќата Миладиновци беше местото каде што се одржа поетскиот портрет на годинешниот лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“, македонскиот поет Ристо Лазаров и претставувањето на наградената стихозбирка „Среде“. Последниот ден од Фестивалот учесниците го искористија за посета на манастирскиот комплекс „Св. Наум“ кај Охрид. На изворите на Дрим се одржа традиционалниот пикник на кој поетите пишуваа песни посветени на виното. По врачувањето на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ на годинешните добитници поетите Фатос Арапи, Ристо Лазаров и Антонија Новаковиќ и со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и официјално се заокружува програмата на уште едно издание на најстарата културна манифестација во земјава, поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата.

Од Струга денеска поетите заминуваат во Кавадарци, Кочани, Кичево и Битола каде ќе бидат дел од манифестацијата „Поезија на пат“, а Друштвото на писателите на Македонија лауреатот на Златниот венец“ денеска во 13 часот во своите простории ќе го прогласи за почесен член. Целокупните активности од 47. издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе се заокружат утре во Скопје со поетско матине кое ќе се одржи во црквата „Св. Андреја“ на Матка и со меѓународен поетски митинг во „Сули-ан“. 

Утрински весник