3.angeli.so.truba

Кон романот „Излегов“

Ветувањето   дека   брат   ми   Љупчо   Тозија   ќе   напише предговор за оваа книга, за ова новороденче на  oтец  Пимен,  така  ненамерно  се  прелеа  на  мене.  Велам, не сум пишувал досега за книга, далеку сум од оној хабитус што го имаше брат ми, и уште подалеку од пишување за нови нешта; вообичаено пишував за оние што следат на крајот. Ама, додека го снемуваше на  масата  одлично  подготвениот  преспански  крап,  реков  да  се  обидам,  па  и  речиси  по  половина  век  пишување  за  емоции  кои  следат  кога  ќе  загубиме,  зошто  да  не  се  обидам  да  пишувам  за  оние  што  почнуваат? А тука некаде се допира и темата на овој, за мене важен, роман.

Љубовта  и  смртта,  нераскинливо  поврзани,  дека со едното се стигнува до другото и со заемната смисла  што  си  ја  даваат.  Дали  може  да  се  оболи,  да  се умре заради љубов? Тоа исконско прашање сосема ненаметливо го раскажува отец Пимен во една мала приказна, сместена во една мала земја. 

Што е градот Ресен и една љубовна приказна во 21 век? Може да се пребара на „Гугл“, да се лоцира со „Навигаторс“, на „Википедија“ да се прочита за оваа именка  од  женски  род,  и  основните  информации  веќе ги имаш. Навидум знаеш сè што е потребно, но за  оние  поупорните  постои  можност  и  малку  да  се  
задлабочат  во  периодот  кон  крајот  на  80-те  и  90-те  години  од  минатиот  век,  чисто  онака,  да  се  најде  некој контекст во животот на луѓето од една малечка земја  на  Балканот,  близу  до  едно  не  толку  малечко  езеро,  место  каде  што  јаболката  се  со  извонреден  вкус. Сепак, микрокосмосот и перцепцијата на еден автор   што   искрено   преточил   длабоки   впечатоци   од  својот  град,  интимни  чувства,  ранети  емоции  од  Амор од раните младешки години, во лирски роман, едноставно  насловен  „Излегов“,  е  мала  капка  во  универзумот  што  може  да  разбранува  мисли  и  да  смени емоција на нашите смрзнати лица, вперени во екраните на паметните телефони.

Ако Габриел Гарсија Маркес во „Љубов во време на  колера“  така  мајсторски  нè  убедува  во  првата  и  единствена  љубов,  и  страста  на  која  годините  не  ѝ  можат  ништо,  на  изборот  и  традиционалните  матрици,  човечкиот  инает,  во  „Излегов“,  со  слична  поетика,    која    некому    можеби    ќе    му    прозвучи    премногу романтично, па и неверојатно, ни се отвора еден  свет  многу  близок,  заборавен,  заталкан  низ  брзиот  информатички  свет  на  новото  време.  Така,  зашуткан  и  поткопан,  денес,  дури  и  во  песокот  на  преспанските плажи и во цветовите на јаболкниците во  Ресен,  овој  лирски  свет  излегува  како  штотуку  проодено  дете,  растрчано,  полно  со  љубопитство  и  сензации за сè околу себе.

Таква   е   оваа   љубовна   приказна,   случајна,   ненамерна, како и моето произнесување за неа. Без никаква пресметливост, со секоја нова реченица ни излегува приказната, снимена како со документарна камера,   која   била   вклучена   неколку   децении,   со   надеж  дека  ќе  посведочи  и  ќе  ги  зароби  засекогаш  длабоките   чувства,   да   не   исчезнат   долго   и   по   физичката смрт, навидум да ја воскреснат невината љубов,   секогаш   кога   тоа   ќе   биде   потребно:  „И   конечно беше сам со себе вечерта кога легна во својот кревет. Долго зјапаше во слабо осветленото парче од ѕидот  од  месечевата  светлина,  која  се  пробиваше  низ  прозорецот.  Обидувајќи  се  во  некоја  шара  од  градско-старински    украсениот    светлосин    ѕид    и    преку  мајсторството  на  старите  молери  нанесени  шаблонски  орнаменти  од  тегет,  бела  и  златна  боја,  кои  се  испреплетуваа  една  со  друга,  да  пронајде  нешто што ќе го потсети на некоја конкретна форма, и тонејќи во тишината на ноќта, беше искрен барем пред самиот себе“.

Речиси  нема  боја,  звук,  ниту  мирис,  што  не  е  запишан за да ни ја пренесе пораката, да ни го одржи вниманието, фокусот кон страдањето предизвикано од  вонвременската  човечка  мака  –  неостварената  љубов.   Раскош   од   пејсажи,   кои   потоа   нежно   се   стеснуваат    кон    описот    на    нејзиното,    неговото    лице,   потоа   јазичното   богатство   што   умешно   ги   спојува   традиционалниот   јазик   и   колоквијалниот   говор,  трепетот  и  неизвесноста  што  те  вовлекува  во приказната, па онака скришум навиваш да успее желбата,  судбината  да  не  си  поигра  овојпат  води  кон  успешна  катарза.  А  таму  каде  што  повеќе  не  успева  со  романсиерски  израз,  на  веќе  проверен  шекспировски  и  драмски  начин  ни  ги  предава  со  стихови:

Искрен да бидам и в срце ми влезе,нека биде тоа само нејзина одаја.

А како ли името ѝ беше?

Не прашав, замисли,

но кога човек е заљубен

име не прашува,

оти со милион епитети именува,

а сите ѝ прилегаат

и сите се лепат на неа,

како мувите на медот што се лепат.

Од слатка што е, верувам,

ќе ја викам медена.

Не, не е сладок колку неа.

Слатка да ја викам?

Ни тоа.

Та медот посладок е од слаткото.

Или агрокремче мое, можеби,

ем ресенски производ е,

како и таа што ересенска и слатка....“

Кога Џејмс Џојс во „Писмата до Нора“ бесрамно, дури и вулгарно ѝ пишува на љубената, не може да се остане  рамнодушен  или  да  се  прекорува,  затоа  што  во  тоа  страдање  и  во  тој  копнеж  се  поместени  сите  правила,  а  литературната  гравитација  оди  спроти  законите.  Со  поинаков  израз,  но  како  во  себе  да  ја  собрал сета референтна литература и сите писателски „страдалници“, овој автор во „Излегов“ ни го предава своето  лично  нематеријално  богатство,  како  срцето  на  дланка.  Нема  калкулација,  нема  кокетност,  само  чистина  на  формата,  која  пак,  тешко  може  да  се  оформи, да се артикулира интимната сага, за некого да  биде  предупредување,  за  некого,  пак,  мотив.  Тоа  што навистина плени е отсуството на калкулација со читателот,  едноставно  распослани  чувства,  а  токму  
тоа, знаеме, не е воопшто едноставно.

„Си зборувам ли сама за себе,

јас, луда будалица?

Одам, нозеве ме носат,

по чекорите што заедно ги одевме.

Еве, овде на оградата на Мите Богоевски,

тука на уво ми шепотеше,

навечер, на пазарот коса ми милуваше.

Ене онде, на клупана спроти јаболконо

со другари седеше,

во Зимското си шепотевме

во ќошето темно,

очите ми ги бакнуваше.“

И велат, надежта последна умира, и тогаш кога очајот и болката ќе го обземат, ќе го легнат во постела, таа мала светулка нема да згасне. Што би била оваа приказна  ако  има  среќен  крај?  Сатисфакција  дека  животот,  сепак,  не  е  ништожен,  дека  трагичарите  биле  во  заблуда?  На  овие  прашања  нема  одговор  во  ова  четиво,  ниту  пак,  има  амбиција  да  ги  одговори  –  едноставно  постоење  во  едноставна  литературна  форма. Тоа е „Излегов“, стотина страници кои ќе се врежат секако, како што не може лесно да се заборави секоја  природен  привид:  сликата  на  изгрејсонцето,  мирисот  на  пролетта,  звукот  на  штурците  во  лето,  ѕвезденото небо; обидот да се опираш е залуден.

А  времето  и  просторот  се  јасно  лоцирани,  и  навистина се значајни, бидејќи многу за ова време и не е пишувано; важно е дека тие не се детерминатори на приказната.

Кога    Брем    Стокер    во    маестралното    дело    „Дракула“,  најпотресната  приказна  за  вербата  во  вечната   љубов,   ќе   напише   „поминав   океани   од   
време   за   да   те   најдам“,   секако   е   истомисленик   во    релативноста    на    сите    околности    наспроти    есенцијалниот човечки порив –љубовта, и веројатно единствената   енигма   за   која,   додека   планетата   се   тркала,   ќе   нема   одговор.   „Излегов“   е   уште   една   драматична   приказна   на   темата   на   која   и   филозофите и селаните, и богатите и сиромашните, и  во  либералните  и  во  конзервативните  општeства  се  говори  на  ист  јазик.  Кому  Бог  му  дарува  љубов?  Веројатно  на  сите  оние  што  нема  да  се  откажат  во  секоја есенцијална смисла, ќе ја препознаваат секаде, без   страв,   без   предумисла,   тоа   ни   го   раскажува   „Излегов“.

 

Горјан Тозијa

(Продолжува)

3ти октомври 2020 лето Господово

 (Посветено)

 

Друго:

 

 3.angeli.so.truba

 3.angeli.so.truba

 П.П