наслов : „Љубов во време на колера ( El amor en los tiempos del colera) “
автор: Габриел Гарсија Маркес
година на објава: 1985
жанр: романтична драма
значење: безвременска љубовна приказна, силна и поетична


Љубовта е нешто најверно на светот. Но се исплати ли да се чека половина век за неа? Љубителите на романот „Сто години самотија“ тешко ќе поверуваат дека Габриел Гарсиа Маркес би можел да напише подобар роман. Но тој го направи токму тоа, напиша светската критика за романот „Љубов во време на колера“ на славниот колумбиски писател.
Цели педесет и три години, седум месеци и единаесет дена и ноќи Флорентино Ариза чека на романтичното крстосување по реката во друштво на Фермина Даза - својата љубов од младоста - горда убавица со бадемести очи, која пред половина век го одбива неговото додворување за да му стане сопруга на докторот Јувенал Урбина.
Романот првпат е објавен во 1985 година. Оваа силна, поетична и напати комична приказна за љубовта на долги патеки е сместена во Картагена, во блескавиот амбиент на карипскиот брег. Габриел Гарсиа Маркес со оваа книга достигна писателска зрелост и зенит. Роден е во Колумбија, во 1928 година. Студирал на универзитетот во Богота, а потоа работел како репортер во колумбиските весници и како дописник во Рим, Париз, Барселона, Каракас и во Њујорк. Објавил повеќе романи и збирки раскази: „Лисје на ветрот“, „На полковникот нема кој да му пише“, „Сто години самотија“, „Хроника на една најавена смрт“ и др. Во 1982 година ја добива Нобеловата награда за книжевност.
По петнаесетина години натегање, Маркесовата „Љубов во време на колера“ конечно ја доживеа и својата екранизација, првпат на англиски јазик. Маркес со години одбиваше филмска адаптација на книгата, а во едно интервју изјави дека добил и одбил дури педесет различни понуди за адаптација на ова дело. Според неговите дела се веќе снимани филмови, но најчесто на шпански јазик, во разни латиноамерикански земји.
Маркес се смета за најпознат писател на магичниот реализам и негов најфален и најпопуларен претставник.

Извор: НоваМакедонија