Поетското дело насловено Брзина на сонот (итал. Il ritmo di un sogno) од македонскиот писател Стефан Марковски е застапено во 15. издание на зборникот Castello di Duino.
На меѓународниот конкурс за поезија и драмски текстови насловен I have a Dream/Ho un Sogno, жирито во состав од дваесетина поети и книжевни критичари ја избра поезијата на Марковски во категоријата Поезија на срцето (итал. Poesie del cuore) во селекција од над 500 поети до 30-годишна возраст во светски рамки.
Петнаесеттото издание на конкурсот и истоимениот фестивал на кој ќе биде промовиран поетскиот зборник се организирани од организацијата Poesia e Solidarietà во соработка со Одделот за општествени науки и уметности IUSLIT при Универзитетот од Трст и Меѓународниот центар за младинско учење и документирање ISDC и ќе бидат обележани во знакот на 500-годишнината од смртта на големиот уметник, истражувач и полимат Леонардо да Винчи (1452-1519).
Промоцијата на зборникот е завршен настан на фестивалот закажан за 31 март во Замокот Дуино во близина на Трст, а каде во текот на 10 дена ќе настапуваат бројни поети, како и видни музички, театарски и уметнички имиња од Италија и светот.