„Не и' личи на Македонија на манифестацијата да не бидат присутни првите луѓе на државава“, рече академик Старделов

ВЕЛЕС - Велешани изминативе два дена ги чествуваа двата најголеми јубилеи, 100 години од раѓањето на Кочо Рацин и шеесет и пет годишнината од неговата трагична смрт, на манифестацијата посветена на културолошкото сонце, која по 45-ти пат се одржа во Велес.

 

Свеченото отворање на Рациновите средби започна со критика од Георги Старделов, претседателот на МАНУ, за третманот кој оваа значајна манифестација го добива од државниот врв: „Не и личи на Македонија на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Рацин, тука на манифестацијата да не бидат присутни првите луѓе на државава“ рече Старделов.

Рациновото признание за 2008 година, на овие 45-ти Рацинови средби го доби писателот Луан Старова за романот „Потрага по Елен Лејбовиц“.

,,Овој достоинствен град во мојот живот и творештво ќе имаат посебно значење. Среќен сум што во куќата на Рацин ќе најде место и вистината за мојата балканска сага. Во книгата патува пораката до сите луѓе на Европа, најмногу до политичарите и дипломатите, дека политичкото единство на Европа се протега дотаму, до каде што допира европската култура и литература“ рече Старова.

Почесното Рациново признание годинава му беше доделено на Иван Доровски, основач на катедрата за македонски јазик на универзитетот во Брно, Чешка за афирмација на македонската литература и култура во неговата држава. Тој не стигна во Велес, за да ја прими наградата, но како што најави академик Гане Тодоровски, до крајот на годината Доровски книгата „Бели мугри“ ќе ја преведе на чешки јазик.

На јубилејните 45-ти Рацинови средби, изложба на ракописи на Рацин и исечоци од странскиот печат за неговото дело, имаше Народниот музеј од Самобор, градот во кој пред 69 години беше отпечатена Рациновата книга „Бели мугри“. На чествувањето на Рацин традиционално се одржа меѓународен поетски митинг, а по пет години пауза и симпозиум „Рацин и богомилството“. На манифестацијата настап имаше маестро Борис Трајанов и Билја Крстиќ, придружувана од „Бистрик оркестра“.

Вчера во склоп на Рациновите средби, делегации го посетија и местото на погибелта на Рацин, на планината Лопушник. (С.Ќ.Н.)