Во издание на Книгоиздателство „Ми-Ан“, деновиве излезе од печат книгата „Македонски среден век VI-XVIII век“, третата книга по „Сто Македонски години 1903-2003“ и „Македонски деветнаесетти век“ од хронологијата на Македонија.

Во овој енциклопедиски лексикон е опфатен богатиот период од појавата на христијанството и писменоста во Македонија, заклучно со првите книги на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, кои ги најавија првите знаци на македонската преродба и народносното будење на Македонците.

„Толку долга историја, исполнета со решавачки настани, борби и порази, со општествени и, над сe, верски лични и заеднички народни драми, не може да се собере меѓу кориците на една книга, уште помалку, еден огромен период од илјада и двеста и повеќе години, една цела историја на народот и неговата земја, не може да биде омеѓана и разграничена остро од и до. Затоа, во овој енциклопедиски лексикон, не можеше, безразлично на негово разграничување од раниот среден век, а да не се вклучат одредници кои се однесуваат на појавата на христијанството (во првите црковни христијански општини, основани лично од Св. Павле, во македонските градови Филипи и Солун), и неговото незапирливо ширење низ Европа, на Запад и на Исток“, вели главниот уредник на „Ми-Ан“ Јован Павловски.

„Македонскиот среден век“ е само можен обид, хронолошки, да бидат предадени во петнаесетина илјада одредници досегашните богати сознанија на македонската наука, да се преточат во одредници борбите на македонската почва, црковните организирања и движења, пројавите на општественото живеење и заинтересираноста на светот за Македонија, нејзината историја и нејзините цивилизациски вредности. „Ако енциклопедиските проекти се систематски изданија на резултатите на науката, а тоа се, тогаш можеме да констатираме, кога се работи за нашите изданија од овој вид, дека непристрасниот читател, добронамерниот читател, без поголем напор ќе може да заклучи колку на авторите на овој труд им требаше и знаење и време, енциклопедискиве лексикони и енциклопедиите, во иднина, од помлади од нас македонски научни работници и високостручни лица вооружени со нови и попродлабочени знаења, ако за тоа има потреба, а ќе има, да бидат дополнети и попродлабочени со македонското знаење и искуство стекнувано низ вековите“, истакнува Павловски. (Н.П.)