МАКЕДОНИЈА - ДОМАЌИН НА ГОЛЕМ КОНГРЕС


Конгресот е најголемо признание за македонскиот јазик, вели проф. д-р Снежана Веновска-Антевска за 14. Славистички конгрес кој ќе се одржува од 10 до 16 септември во Охрид

Во годината која УНЕСКО ја прогласи за година на мајчиниот јазик, а во Македонија - на македонскиот јазик, најголемо признание за нашиот јазик е големиот 14. Славистички конгрес, кој од 10 до 16 септември во Охрид ќе го собере целиот славистички свет.

- Речиси пет години се подготвувавме за овој конгрес, кој е најголем научен настан што се одржал во Македонија и по број на учесници и по значење, рече вчера во МАНУ, академик Милан Ѓурчинов, претседател на 14. Меѓународен славистички конгрес.

Пријавени се слависти од 12 словенски земји и од 28 несловенски, од четири континенти, со над 600 еминентни лингвисти, научници, академици. Целта на собирот е да се презентираат научните дострели во славистиката, а од Македонија ќе се претстават 30 слависти, македонисти. Поканети се и почесни гости, меѓу кои е и синот на великанот, нобеловецот Борис Пастернак - Евгениј Борисович Пастернак.
- И Славистите од Јапонија и од Нов Зеланд од некаде чуле за Македонија и Охрид не само на туристички план, туку и на научен. Прочитале за Охрид како центар на книжевноста и на словенската писменост. Ќе дојдат еминентни научници од целиот свет и во живо ќе ја видат нашата богата културна традиција, вели академик Ѓурчинов.

Конгресот ќе започне со реферат на Трајко Стаматовски, кој ќе зборува за развојот на македонскиот јазик. Ќе има и настан посветен на 100 години од раѓањето на Кочо Рацин и ќе се настојува неговите "Бели мугри" да се преведат на 12 словенски јазици. Еминентните гости ќе се анимираат и преку запознавање на македонската етнологија, музика, култура. Најмногу лингвисти се пријавени од Русија, Полска, Србија, Бугарија, а од несловенските земји од Германија и САД. Трајко Стаматовски вели дека осум реферати од руски научници се посветени на македонска тема, што е одлично признание. Ќе се организира и голема изложба на над 3.000 книги со славистичка литература.

Снежана Веновска-Антевска вели дека конгресот е добра можност да се претстави македонскиот јазик, иако славистичкиот свет толку добро не знае. Последниот славистички конгрес се одржа во Љубљана во 2003 година.

Анита ЈОВАНОСКА - Вечер