Промовирана книгата „Конески, поет и граматичар и типологијата на македонскиот јазик“ на академик Нуло Миниси


Скопје, 12 мај (МИА) - По повод 10-годишнината од основањето на Фондот „Трифун Костовски“, Македонската академија на науките и уметностите денеска ја промовираше книгата „Конески, поет и граматичар и типологијата на македонскиот јазик“ од италијанскиот лингвист Нуло Миниси, член на МАНУ надвор од нејзиниот работен состав. Во оваа пригода на авторот му беше доделено меѓународно признание „Блаже Конески“. Книгата на Миниси ја промовираше академик Луан Старова.

- Граматиката на Конески му понуди на новиот политички ентитет, државата Македонија, јасна и фиксна форма на тој јазик. Намерата на Конески не беше со тоа да го петрифицира јазикот. Тој беше сосема свесен за фактот дека ако еден жив јазик еволуира задолжително, тој, сепак, треба да има норми во кои таа еволуција ќе може да се смести, истакна академик Миниси на претставувањето на неговата книга.

Тој додаде дека благодарение на Конески Македонија повеќе од половина век има прецизен јазичен профил и дека неговата Граматика е краен дострел на еден книжевен процес чии зачетоци се во половината на 19 век. Целта на изданието, како што нагласи авторот, била да се дополни лингвистичкото дело на Конески и со расветлување на карактеристиките и посебноста на македонскиот јазик во рамките на индоевропските јазици.

Нагласувајќи дека нема разлика во културното и менталното оформување кај различните нации, Миниси рече дека останува да се изгради Европа бидејќи „некои нации кои се сосема европски, поради одредени моментални и апсолутно погрешни политички сметки се уште се надвор од Европската унија“.

- Ако исправката на оваа грешка е обврска на самите политичари и дипломати, тогаш задача на сите европски луѓе од културата е да кажат јасно и гласно дека политичкото единство на Европа треба да се простира дотаму до каде што допира европската култура, истакна Миниси