Здружение „Контекст - Струмица“

100 Илјади поети за промена - Македонија
Светска унија на поети – делегација Македонија

Излезе електронската збирка поезија „Поплава“
Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство„Контекст – Струмица“, , преку глобалното движење „100 Илјади поети за промена“ Македонија во соработка со Scuola di poesia – Школа за поезија – Делегација Македонија,, ги повика сите поети од Македонија и пошироко да споделат своја поезија на тема „#ПОПЛАВА“.

Оваа е-збирка непофторливо наречена „Поплава“ по самата природна стихија која зафати голем дел од Скопје, опфаќа 60-на автори – поети кои освен што се вклучија во сите хуманитарни акции решија да ја поддржат и оваа иницијатива и да споделат дел од нивните стихови кои се создале како резултат на неколкудневната меланхолија, тага и жал кои се наметнаа како аманет од тоа што се случи.

Социјално ангажираната поезија како современа алатка е од исклучителна важност за подигањето на свеста кај граѓаните за сите (не)природни несреќи кои ни се случуваат. Со споделувањето стихови докажуваме дека можеме да си помогнеме меѓусебно, на едно повисоко и попродлабочено духовно и ментално ниво, но и да се потсетиме на тоа колку е животот важен и непредвидлив.

Многумина оваа природна катастрофа ја споредуваат со онаа која го удри Скопје 1963 година, односно земјотресот кој сруши(л) сѐ пред себе. Но како и земјотресот и оваа несреќа ќе биде врежана во меморијата на македонскиот народ како една од најголемите природни катастрофи кои го погодиле нашето подрачје.

Секојдневно сме сведоци на природни катастрофи кои погодуваат делови од светот. Секојдневно гледаме енормни листи на жртви од разноразни (не)природни сценарија кои нѐ окупираат, кои вродуваат страв во нас, несигурност, потреба да бидеме побслиску до најсаканите, да се обединиме и да си помогнеме.

Таква е и целта на оваа е-збирка „Поплава“. Обединување на поетите кои зборот го имаат како најсилна алатка за зближување, меѓусебната размена на мисли исполнети со сочувство, емоции силни како сонце по овој пороен дожд и љубов и разбирање.

Е-збирката поезија „Поплава“ е своевиден директен посматрач, антологиски одговор на пулсирањето на народот, документаристички приказ на (не)виденото и (не)слушнатото, поетска молитва за животите на настраданите, и во одредени граници утопистички вознес природата да не се однесува така кон човекот.   Оваа е-стихозбирка насловена #ПОПЛАВА ќе послужи како сеќавање и/ или лузна за едно време – невреме!