Скопје, 22 април (МИА) - „Крсте Петков Мисирков - Дневник, 5 јули-30 август 1913“ е насловот на заедничкото издание на Државниот архив на Република Македонија и Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија во редакција на Зоран Тодоровски и Цочо Билјарски, што денеска беше промовирано во Домот на АРМ.

Директорот на Државниот архив на Република Македонија д-р Зоран Тодоровски во обраќањето пред присутните рече дека ова издание е плод на една долгогодишна соработка со Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија, која датира од 1991 година, кога е потпишан и првиот договор за меѓусебна соработка. Тој посочи дека како резултат на оваа соработка досега се разменети повеќе од 200 илјади документи.

Изданието, истакна Тодоровски, е тројазично бидејќи од оргиналниот руски јазик, рускиот ракопис на Крсте Петков Мисирков, е преведено на македонски и на бугарски јазик и содржи ЦД на оргиналниот автентичен текст на Мисирков.

На Саемот на книгата што се одржа во Скопје, Дневникот на К.П.Мисирков доби прва награда за најдобро оргинално издание, едиција или проект од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу два саема. Рецезенти на изданието се Владо Поповски и Ангел Димитров.

Претседателот на Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија д-р Борјана Бужашка во обраќањето пред присутните изрази задоволство поради откривањето на ракописот и што архивите на двете земји заедно го објавија. Според неа, заедничкото издание на државните архиви на двете земји уште еднаш потврдува една трајна тенденција во работата и соработката да се покажат документите такви какви што се.

Промоторот на изданието академик Гане Тодоровски посочи дека содржината на оваа ретка книгата која има 218 страници, се појавува точно 95 години по нејзиното создавање.

- Актуелниов миг кореспондира секавично со појавата на ова врвно дело што потекнува од перото на нашиот национален пророк. За поупатените во историјатот на македонското прашање разгласено во 19 и 20 век и особено за оние за кои животот и делото на таткото на македонската нација им биле предмет на опсесивен интерес, Мисирковата декларација за алтернативната национална припадност е само едно попатно или административно легитимирање, посочи Тодоровски.

Мисирков, рече тој, и со оваа своја книга, ни станува неопходен потсетник за тоа што сме биле и што сме, а тоа може да се нарече историски компас.

Промоторот на изданието проф.д-р Владо Поповски рече дека К.П.Мисирков е еден од столбовите на македонската национална свест. Според него, книгата содржи негови претреси и коментари за царска Русија, политиките на западните земји и балканските држави. 

Дневникот на Крсте Мисирков е пронајден кон крајот на 2006 година во една софиска актикварница. Се смета дека тој е уште еден мошне значаен ракопис од неговото се уште неистражено и непроучено творештво. Дневникот е своерачно пишуван од Мисирков на литературен руски јазик додека тој живее во село Климентово, Ахтирска околина заедно со неговото семејство.

На промоцијата на изданието „Крсте Петков Мисирков - Дневник, 5 јули-30 август 1913“ присуствуваше делегација од Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија, претседателот на неодамна распуштеното македонско Собрание Љубиша Георгиевски, академици и други гости. рп/дма/14:48