Саемот е исклучителна можност, трудот на авторите и на издавачите да се одмерат едни покрај други

 

„Една книга два пати се создава: еднаш кога ја пишува самиот автор и втор пат кога читателот преку чинот на нејзино читање повторно ја пресоздава“-истакна меѓу другото заменик министерот за култура Слободан Деспотовски на завчерашното свечено отворање на јубилејниот 20-ти Меѓународен саем на книгата.

 

Саемот на книгата претставува исклучителна можност, напорот и трудот на авторите и на издавачите да се стават на едно место, да се одмерат едни покрај други пред читателите. Тој исто така претставува можност, да се презентираат најновите дела од домашната и од светската книжевна продукција, како и да се оствари поблиска соработка помеѓу издавачките куќи. Сето тоа во интерес на книгата и читателите, кои преку богатата книжевна понуда, добиваат уште една можност за проширување на сопствениот културен хоризонт. Годинава, македонските издавачи својата продукција ја презентираат во „Метрополис арената“ на простор од 4.000 метри квадратни. На штандовите може да се најдат стручна, научна и белетристичка литература, учебници и прирачници, книги за деца, а презентирана е и биро опрема - хартиена галантерија, училишни и канцелариски материјали и прибори. Во „Метрополис арената“ на галеријата е предвидено да бидат претставени и изданија и литература, уметнички слики и ракотворби, кои, пак, до отворањето не беа поставени.

За разлика од минатите години, овојпат свеченото отворање на најмасовната културна манифестација во земјава не беше масовно посетено. Свеченоста протече во присуство на мал број автори, кои би требало да го заземаат водечкото место на една ваква манифестација. Некои од малкутемина присутни писатели дури сметаа дека крајно време е оваа манифестација да се ослободи од политиката и да им се препушти на писателите, при што чинот на отворањето би требало да му припадне на некој од авторите. Не дека не постоеше ваква традиција. Пред две години свеченото отворање на Меѓународниот саем на книга се одвиваше на платото пред зградата на Скопски саем, во присуство на претставници од политичкиот и културниот живот на земјава, но на свеченоста присуствуваше и познатиот шведски писател Торни Линдгрем, еден од петте номинирани автори за Нобеловата награда, кој упати своја порака до издавачите и авторите. Истата година отворањето беше збогатено и со настап на музички квартет кој изведе дела од Моцарт, Бизе и Бранѓолица. Паметиме дека гости на саемот на книга во Скопје биле и Раде Шербеџија, Кирсти Блом, Ведрана Рудан, Ивица Челиковиќ и многу други. И издавачите беа загрижени поради слабата посетеност, но изразија надеж дека во деновите што следуваат сликата ќе се подобри. Тие имаат подготвено бројни содржини, промоции, гостувања на автори на нивните штандови, средби на авторите со читателите итн. Но, годинава промоциите на најновите изданија ќе се одвиваат на самите штандови на издавачите. Не е предвидено постоење на промотивен простор, како што беше тоа случај со изминатите години, каде што постојано се случуваа претставувања на насловите.

Традиционално големата понуда на издавачите, изложена на саемот ќе биде во конкуренција во изборот за најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на Саемот, како и наградите за најдобар книжар и библиотекар, кои традиционално се доделуваат на оваа саемска манифестација од страна на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија. А годинава, според Ели Маказлиева, од Здружението на издавачи и книжари на Македонија, е предложено да се додели признание на најстариот жив македонски писател.

 Невена Поповска - Утрински весник