Вечерва во кафе-книжарницата „Три“ во 20 часот ќе се одржи промоција на најновата книга со визуелна поезија на митрополит Методиј Златанов под наслов „Doubletree requiem“. Книгата ќе ја промовира Роберт Алаѓозовски, а воведен поздрав пред присутните ќе упати издавачот Винка Саздова.

Покрај промоцијата на книгата, пред книжарницата авторот ќе ја постави и инсталацијата „Трипесмец“ која претставува три кинетички песни чија структурална затвореност во себе, им овозможува бескрајна ротација и читање. Секоја од песните ќе биде поставена на посебен монитор.

Инаку, идејата на авторот на книгата „Даблтри реквием“ е да се состави комплетна партитура за реквием, како класичен музички жанр, да истражува во контекстот на еден особен музички идиолект - интермедијалитет - кој ќе биде третиран како визуелна, а во одредени ставови од Реквиемот и како конкретна поезија, со можност, овој поетско-музички материјал да се прочита и како класично музичко дело податно за конвенционално сценско изведување. Премостувањето на традициските, медиумските и стилските матрици кои ја образуваат оваа поетско-музичка одисеја, секако, е голем придонес во тековите на современата уметност кај нас. (Т.И.) Утрински весник