ПО СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО КАРЛОВИ ВАРИ


Долг аплауз за Споменик на Мајкл Џексон


Насмеана публика со долг аплауз го наградила филмот каде значајна улога игра Тони Михајловски


Насмеана публика со долг аплауз го наградила филмот "Споменик на Мајкл Џексон" по светската премиера завчера на престижниот фестивал во Карлови Вари. Филмот во режија на Дарко Лунгулов е и македонска копродукција, а игра и Тони Михајловски.

После проекцијата екипата примала честитки за делото со хумор полн со иронија и сјајни актерски ролји.

"Публиката едноставно дишеше со филмот и ја забележуваше секоја промена на нијансите и сјајно реагираше на хуморот во филмот. Не можев да посакам подобра премиера и реакција на публиката и навистина и актерите и продуцентите и јас сме пресреќни што филмот го започна својот фестивалски живот на вака прекрасен начин", изјавува Лунгулов по премиерата во престижната натпреварувачка програма "Источно од западот" каде пред неколку години победи македонскиот "Панкот не е мртов".

Меѓу екипата која се поклонила по проекцијата биле Лунгулов, актерите Наташа Тапушковиќ и Драган Бјелогрлиќ, продуцентот Снежана Пенев и копродуцентите Феликс Еисел од Германија и Огнен Антов од Македонија.

Веќе се појави и првата критика во познат медиум, "Синеуропа", каде се вели дека приказната е раскажана на класичен начин кој е вистински избор за вака трогателна и искрено смешна мрачна комедија.

"Актерската подела функционира совршено како целина, и се чувствува силна хемија помеѓу неколкуте главни ликови што е тешко да се предвиди, дури и за најискусниот кастинг директор, па изгледа како актерите да ја граделе таа хемија на сетот. "Споменик на Мајкл Џексон" е филм со врвен квалитет, топла приказна која би требало да пројде еднакво добро како на фестивалите така и кај кино гледачите", се вели во критиката од Владан Петковиќ, кој е редовен дописник и за "Скрин Дејли".

Филмот на Лунгулов ќе биде прикажан на 22 јули и на филмскиот фестивал во Пула. Македонски копродуценти се Дрим Фактори и Ака филм, а поддржан е од Филмски фонд на Македонија. Дел од "Споменик на Мајкл Џексон" се снимаше и во Македонија.

 (Де.Т.)  - Вечер